Европа
Трамп уапсен, па ослободен со кауција
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше накратко уапсен во затвор во Атланта поради лобирање за изборите во 2020 година во американската држава Џорџија, но набргу беше ослободен со кауција. Доналд Трамп пристигна во затворот во Атланта за да се предаде како дел од широкиот криминален случај што произлегува од обидот на поранешниот американски претседател да го поништи неговиот изборен пораз во 2020 година во Џорџија, пренесуваат локалните медиуми.
Според написите, колоната автомобили приврзаници на Трамп пристигна во затворот 300-ина минути откако неговиот приватен авион слета на аеродромот Хартсфилд-Џексон во Атланта.
Посетата на поранешниот претседател и републикански фаворит за трката на претседателските избори во 2024 година во затворот во округот Фултон сепак беше кратка. Како и десет од единаесетте обвинети во овој случај, кои веќе се предале, Доналд Трамп е ослободен со кауција од 200.000 долари, пренесуваат медиумите.
Бизнисменот и политичар ќе им се придружи на листата на гангстерот Ал Капоне, пејачот Френк Синатра и други профили на Американци, кои се фотографирале во затвор.
„Сакаме да го ставиме на маица. Ќе се гледа во целиот свет. Сликата ќе биде попопуларна слика од Мона Лиза“, рече Лаура Лумер (30), републиканска поранешна кандидатка за Конгресот, која беше заедно со другите поддржувачи на Трамп надвор од затворот.
Пред него неколку од неговите 18 сообвинети престојуваа во оваа преполна и озлогласено нехигиенска установа, која последниве денови ја следеа медиумите во светот. Сите беа обвинети на 14 август за незаконски обид за поништување на резултатите од изборите во 2020 година, на кои победи актуелниот демократ Џо Бајден во клучната држава.
По кратка процедура во затворот во Фултон, Трамп набргу се врати во својот голф-клуб во Њу Џерси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Пит бул искасал двегодишно девојче: лекарите се борат за неговиот живот во Милано
Двегодишно девојче и тетка му (25) се тешко повредени кога пит бул ги нападнал во стан во Милано.
Во моментот на нападот девојчето си играло со својата сестра близначка кога кучето ненадејно го нападнало. Тетката, која ги чувала, скокнала меѓу детето и животното, но и самата добила тешки повреди.
Тетката ги спасила децата од сигурна смрт така што ги ставила во собата и ја затворила вратата, а потоа толку тешко повредена излегла на терасата и се качила на олукот за животното да не може повторно да стигне до неа.
Набргу на самото место пристигнале полициски екипи, но во моментот кога влегле во станот, кучето било мирно и се однесувало како ништо да не се случило пред неколку минути.
Полицајците го врзале животното и се погрижиле повеќе да не нападне никого, а потоа медицинските екипи го згрижиле детето, кое со хеликоптер било пренесено во болница и чиј живот е во опасност. Другото девојче не е повредено, а тетката од олукот ја симнале пожарникарите. Таа исто така била пренесена во болница со многу сериозни повреди на рацете.
Европа
Италија во проблеми: младите работници бегаат во странство
Младите квалификувани Италијанци сѐ повеќе заминуваат во странство, што може скапо да ја чини италијанската економија.
Дури 40 отсто од вработените до 34 години имаат договори на определено или сезонски договори. За остатокот од работоспособното население тој процент е значително помал и изнесува 13 проценти.
Во Италија просечната годишна бруто-плата е околу 27.000 евра, што е дванаесет отсто помалку од просекот на ЕУ и 23 отсто помалку од германскиот просек. Вработените помлади од 34 години заработуваат во просек по речиси 16.000 евра. Постојаниот, добро платен договор е редок за младите луѓе во Италија.
Експертите забележуваат опасен развој за италијанската економија – сѐ повеќе добро образовани студенти емигрираат во странство, и до 20.000 годишно, а овие бројки се тројно зголемени во последните десет години.
Кристина Фрегуја раководи со секторот на пазарот на труд во агенцијата за статистика „Иста“. Таа забележува зголемени тешкотии кога станува збор за наоѓање и задржување квалификувани работници, особено на југот на земјата, кои се итно потребни за модернизација на економијата и економскиот раст.
Додека северот на Италија сè уште има корист од емигрантите од југот, овие традиционално помалку развиени делови од земјата губат десетици илјади работници секоја година.
Состојбата на италијанскиот пазар на труд е уште потешка за младите жени. Ним им се нудат договори на определено време многу почесто од нивните машки колеги. Слабата понуда на јасли и градинки, особено на југот, дополнително ги принудува младите жени да одлучуваат помеѓу семејството и кариерата.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.