Свет
Триесет и една година од падот на Берлинскиот ѕид
9 ноември 1989 година е историски ден како за Германија така и за цела Европа. На тој ден падна ѕидот што го делеше Берлин на источен и на западен дел цели 28 години.
На годишнината од падот на ѕидот експертите велат дека разликите меѓу западниот и источниот дел и понатаму се забележуват.
„Многу разлики што постоеја меѓу двата дела на сега единствената држава, особено економските, се намалени, но и понатаму постојат силни разлики во ставовите и менталитетот. Разликата меѓу истокот и западот е голема кога стнува збор за тоа како луѓето ја гледат поранешна Германска Демократска Република, колку веруваат во демократските институции, како гледаат на елитата, на медиумите, како и во односите кон Русија“, рекол Штефен Мау, професор по социологија на берлинскиот Универзитет „Хумболт“, за Си-ен-ен.

Тој додал дека повеќето западни Германци би рекле дека повеќе не постојат разлики, дека сè е избришано во текот на трансформацијата, но повеќето источни Германци би рекле дека и понатаму постојат впечатливи разлики меѓу истокот и западот на земјата.
Железната завеса, како што го нарекувале ѕидот, го делел Берлин на два дела. Бил изграден во 1961 година од комунистичкиот режим на Источна Германија за да се оддели Западен Берлин, кој бил под контрола на западните сојузници, од источниот дел на градот и од остатокот од Источна Германија, која била под силно влијание на СССР. Sидот станал највпечатлив симбол на Студената војна.
Sидот ги разделувал Источна и Западна Германија точно 28 години и еден ден. Источна Германија ја почнала изградбата на ѕидот на 13 август 1961. Ненадејната градба на ѕидот предизвикала многу семејства да останат поделени. Sидот бил целосно урнат кон крајот на 1989, освен дел кој и денес стои како спомен на тоа време.
Во текот на 28-годишната поделба најмалку 136 луѓе биле убиени од граничните единици на Источна Германија обидувајќи се да пребегнат во Западен Берлин. Некои тврдат дека таа бројка изнесува повеќе од 200. Источногерманската власт им дала наредба на граничарите да пукаат на бегалците.

Имало неколку службени премини, а интересно е што имињата почнувале со првите букви од азбуката: Алфа, Браво…
Најпознат бил т.н. Check Point Charlie, која и денеска симболично е обележан. Таму стражарат актери облечени како американски војници. Тој премин бил наменет за дипломати, за сојузничките воени сили и за странци.

Кога на 9 ноември 1989, по неколкунеделни граѓански немири, власта во Источна Германија објавила дека сите нејзини граѓани може да ги посетат Западна Германија и Западен Берлин, источногерманците се искачувале и го преминувале ѕидот прославувајќи ја слободата на другата страна. Во текот на следните неколку недели делови од ѕидот биле искорнати од одушевениот народ и од ловци на сувенири, а по неколку недели ѕидот речиси целосно бил отстранет со градежна механизација.
Падот на Берлинскиот ѕид бил првиот чекор во обединувањето на Германија, кое завршило на 3 октомври 1990 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тринаесетгодишно момче нападна двајца врсници во Лондон со нож: уапсен е во џамија
Тринаесетгодишно момче уапсено под сомнение дека избодел двајца ученици во средното училиште Кингсбери во Лондон е поранешен ученик во училиштето, потврди полицијата. Двајцата нападнати ученици, на возраст од 12 и 13 години, се префрлени во болница и се во сериозна состојба. Настанот не се третира како терористички напад, пишува „Скај њуз“.
Главната началничка Хелен Фланаган им изјави на новинарите дека се верува дека осомничениот тинејџер, британски државјанин, влегол во училишната зграда во Брент, северозападен Лондон, и се упатил кон училница на првиот кат.
„Тој влегол во училницата и веруваме дека додека влегувал низ вратата, испрскал ученик со некоја супстанца“, рече Фланаган.
„Потоа осомничениот нападнал друг ученик во училницата, 13-годишник, и го избодел. Потоа избегал, трчајќи по училишниот ходник“, додаде таа. „Додека бегаше, тој нападнал друга жртва, 12-годишно дете, кое исто така го избодел пред да избега од училиштето“, рече таа.
Уапсен во џамија
Полицијата и службите за итни случаи биле повикани околу 12:40 часот, а по обемна потрага, осомничениот бил уапсен кратко по 18 часот. Според началникот Фланаган, дојавата од јавноста била клучна. „Еден граѓанин се јавил во полиција околу 16:50 часот, загрижен за тинејџер што го видел во џамија во северозападен Лондон“, објасни таа.
„Полициските службеници брзо пристигнале и уапсиле 13-годишно момче под сомнение за обид за убиство. Тој останува во притвор. Во овој момент, не веруваме дека осомничениот има каква било посебна врска со џамијата и веруваме дека веројатно бил таму случајно. Сите во џамијата дадоа огромна поддршка на истрагата“, рече Фланаган.
Иако нападот го истражуваше полицијата за борба против тероризмот вчера, инцидентот не е прогласен за терористички инцидент, соопшти полицијата. Во писмо до родителите, директорката на училиштето изјави дека станува збор за „длабоко трауматичен настан за целата училишна заедница“. Министерката за внатрешни работи го опиша нападот како „шокантен“.
Свет
Зеленски: Првпат слушам за 24 февруари како датум на избори во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави, коментирајќи ги извештаите на некои медиуми, дека за прв пат слушнал оти датумот на изборите во Украина може да биде 24 февруари и нагласи дека одржувањето на изборите зависи од безбедносната состојба.
Како што објави Укринформ, претседателот на Украина го кажа ова на новинарите коментирајќи ја информацијата на „Фајненшл тајмс“ за наводната намера да се објави датумот на претседателските избори и референдумот за територијален интегритет на 24 февруари.
„Во врска со изборите и намерата да се објави датумот на 24-ти, ова е прв пат што го слушам тоа. Веројатно првпат го слушнав од „Фајненшл тајмс“. Сега го слушам од вас по втор пат. Второ, многу пати зборував за изборите – ќе дојдеме до нив кога ќе ги има сите потребни безбедносни гаранции“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.
Претседателот на Украина додаде дека прашањето за избори повремено го поставуваат некои партнери, но дека Украина никогаш самата не го иницирала ова прашање.
„Без сомнение, ние сме подготвени за избори. Јас го кажав тоа: само обезбедете прекин на огнот – ќе има избори. Тоа е безбедносно прашање“, додаде тој.
Зеленски, исто така, изјави дека САД ја покренале темата за изборите, но не сакаше да даде детали.
Фајненшл тајмс, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Украина се подготвува за претседателски избори и референдум за мировен договор со Русија, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара организирање на гласањето до 15 мај, заканувајќи се во спротивно дека ќе го условува Киев со негирање на безбедносните гаранции, пренесуваат медиумите.
Свет
Макрон: Единственото решение е Европа да стане независна сила
Францускиот претседател Емануел Макрон денес во Антверпен изјави дека „единственото“ решение за економските закани што ги претставуваат Кина и Соединетите Американски Држави е Европа да стане независна сила.
„Ни треба нова скала и нова брзина во нашиот пристап за да се стави крај на фрагментацијата што ја ослабува и ризикува да ја понижи Европа“, им рече Макрон на бизнис лидерите во Антверпен, Белгија, објавија француските медиуми.
Францускиот претседател повторно ја лансираше идејата за „еврообврзници“, заеднички европски обврзници за финансирање на големи инвестиции и Европа да остане конкурентна со Пекинг и Вашингтон.
„Ако сакаме да инвестираме доволно во одбраната и вселенската безбедност, чистите технологии, вештачката интелигенција и квантното пресметување и да ја трансформираме нашата продуктивност и конкурентност, единственото решение е да се издаде заеднички долг“, додаде Макрон.
Оваа идеја за заеднички европски долг ја застапува Франција со години, но други земји, вклучително и Германија, постојано ја отфрлаат.
„Никогаш не сме живееле во ваков период. Затоа, мора да прифатиме преземање клучни мерки што не се многу вообичаени во традиционалните европски алатки за мерки“, рече Макрон.
Францускиот претседател рече дека Европа е во вонредна ситуација и додаде дека сите треба да бидат свесни за ова бидејќи наскоро ќе биде предоцна.
Макрон, исто така, ги повика земјите кои се подготвени да ги спроведат реформите на единствениот европски пазар предложени од Комисијата, да ја зајакнат соработката, со цел што поскоро да се постигне напредок.

