Свет
Туристите одлучија: Оваа земја е прогласена за најубава во светот
Според најновото глобално истражување на „DiscoverCars.com“, туристите ги избраа десетте визуелно најимпресивни земји во светот за 2025 година, или најубавите.
На листата се вклучени големи туристички сили, но и некои земји кои неочекувано зазедоа висока позиција.
Она што ги изненади многумина беше падот на Соединетите Американски Држави на деветтото место, што предизвика бројни реакции кај туристичките експерти и ентузијастите за патувања.
Ирска го зазема првото место
Врз основа на оценките на повеќе од 6.400 патници од различни делови на светот, Ирска го зазеде првото место со просечен резултат од 9,52. Нејзините зелени пејзажи, драматичните карпи со поглед на океанот и пејзажите како што се познатите Мохерови карпи и прстенот на Кери придонесоа за оваа титула.
Втор на листата е Нов Зеланд со резултат од 9,43 – единствената земја надвор од Европа во првите пет. Познат е по своите спектакуларни фјордови, планински предели, вулкани и тиркизни езера.
Португалија и Обединетото Кралство го делат третото место (9,29). Португалија воодушевува со златни плажи и лозја, додека Обединетото Кралство нуди разновидни предели од шкотските висорамнини до зелени долини и морски брегови.
Грција и Хрватска на четвртото место
На четвртото место се Грција и Хрватска, обете со резултат од 9,23. Хрватска го заработи својот висок резултат благодарение на кристално чистиот Јадран, скриените заливи и историските градови, додека Грција импресионира со својата единствена архитектура и античко наследство.
Полска и Италија ги затворија првите пет со резултат од 9,19, нудејќи изобилство од природни убавини, културни атракции и автентична атмосфера.
Зошто САД паднаа на листата?
Америка се најде само на деветтото место оваа година со резултат од 9,01. Дури и помали туристички пазари како Кипар (9,17), Франција (9,03) и Шпанија (9,02) се пред неа. Последното, десетто место му припадна на Маврициус (8,90).
Иако има импресивни природни чуда како што се Големиот Кањон, националните паркови и брегот на Пацификот, САД сè повеќе губи поени поради сложената организација на патувањата, високите цени, лошите меѓуградски врски и генерално потешката пристапност за странските туристи.
Естетиката и социјалните мрежи го менуваат туризмот
Туристите повеќе не патуваат само за музеи и ресторани – фокусот е на места што изгледаат спектакуларно на фотографиите. Инстаграм и ТикТок сè повеќе влијаат на тоа како и каде луѓето патуваат, а земји како Маврициус, Португалија и Грција знаат како да го искористат ова. Тие организираат панорамски патишта, кафулиња со поглед и спектакуларни видиковци.
Визуелниот впечаток стана еден од клучните фактори при изборот на дестинација.
Топ 10 најубави земји според туристите (2025):
1. Ирска
2. Нов Зеланд
3. Португалија и Велика Британија
4. Грција и Хрватска
5. Полска и Италија
6. Кипар
7. Франција
8. Шпанија
9. САД
10. Маврициус
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Свет
Русија нудела размена на Венецуела за Украина, тврди поранешна советничка на Трамп
Уште во 2019 година, руски функционери наводно му сигнализирале на Вашингтон дека се подготвени за необичен договор: ќе им дозволат на САД слободно дејствување во Венецуела, доколку за возврат им се овозможи непречена контрола над Украина. Ова го тврди Фиона Хил, поранешна советничка на Доналд Трамп, која повторно се најде во фокусот на јавноста по неодамнешниот американски напад врз Венецуела, пишува „Киев индипендент“.
Фиона Хил, тогашна главна советничка на Белата куќа за Русија, ги изнела овие детали за време на сведочењето пред Конгресот во ноември 2019 година, во рамки на истрагата за импичментот на претседателот Трамп. Според неа, Кремљ во април истата година ја изнел можноста да се откаже од своето влијание во Венецуела, во замена за целосна контрола над Украина.
Руски функционери, како што навела Хил, „многу силно сигнализирале дека сакаат некако да направат многу чуден договор за размена меѓу Венецуела и Украина“. Иако предлозите од Москва биле „неформални“, пораката била недвосмислена: „Знаете, вие ја имате вашата Монро доктрина. Нè сакате надвор од вашиот двор. Па, знаете, и ние имаме наша верзија на тоа. Вие сте во нашиот двор во Украина“. Хил додала дека била испратена во Русија за да го отфрли тој предлог.
Свет
Би-би-си: Европските лидери стравуваат да не ја изгубат поддршката на Трамп поради Гренланд
На состанокот на таканаречената „Коалиција на подготвените“ во Париз, посветен на мировниот план за Украина, во фокусот неочекувано се најде зголемената тензија околу Гренланд, кој американскиот претседател Доналд Трамп сака да го стави под контрола на САД, пишува Би-Би-Си.
Иако украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека планот за мир е „90 отсто завршен“, европските лидери избегнувале директна конфронтација со Трамп, стравувајќи од губење на американската поддршка. По заедничка изјава на шест европски земји дека иднината на Гренланд треба да се решава колективно во рамки на НАТО и дека одлуката ѝ припаѓа на Данска, Белата куќа возврати дека „разгледува низа опции“, вклучително и купување на островот.
Дополнителна загриженост предизвика изјавата дека употребата на американската војска „секогаш е опција“. Европските лидери предупредуваат дека ваквите закани ја доведуваат во прашање довербата во трансатлантскиот сојуз и ја откриваат слабоста и поделеноста на Европа. Според експерти, ситуацијата околу Гренланд претставува сериозен тест за ЕУ и егзистенцијална дилема за НАТО.
Фото: Depositphotos

