Свет
Турските сили убија еден од најбараните припадници на ПКК во Северен Ирак

Националната разузнавачка служба на Турција (МИТ) во изминатите денови спровела низа успешни операции против курдската организација ПКК и неутрализирала нејзини припадници кои подготвувале напади во Турција, пренесува „Дејли сабах“.
Меѓу убиените во акцијата на 11 август е 45-годишниот Мурат Калко, кој го користел кодното име Агит Гарзан, а бил лидер на ПКК во ирачки Хакурк и водел една од ќелиите што подготвувале напади во Турција.
Калко бил припадник на ПКК од 1993 година и поради вмешаност во голем број терористички напади се наоѓаше на црвената листа на најбарани терористи во Турција.
МИТ операциите ги изведе по разузнавачките информации дека три терористички ќелии на ПКК се подготвуваат да спроведуваат терористички активности во Турција. Турската разузнавачка служба ги следела истакнатите припадници на ПКК, на кои наредба за изведување напади им издал еден од актуелните водачи на таа организација, Мурат Карајилан.
МИТ ги следела останатите две ќелии на ПКК кои подготвувале терористички активности во Турција, а во акции на 13 и 14 август, неутрализирани биле шест истакнати припадници на таа група.
Експертите тврдат дека врвот на ПКК претрпел толку големи загуби што веќе не е во состојба да спроведува терористички активности во Северен Ирак.
Во својата повеќе од 40-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, означена како терористичка организација од страна на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: Ако Трамп ни испрати ракети „Томахавк“, ќе го номинираме за Нобелова награда

Киев ќе го номинира Доналд Трамп за Нобелова награда за мир ако испрати ракети „Томахавк“ во Украина и помогне во посредувањето за прекин на огнот со Русија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Коментирајќи го состанокот што го имаше со американскиот претседател на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк кон крајот на септември, Зеленски им рече на новинарите во Киев: „За време на нашиот последен состанок, не слушнав „не“. Она што го слушнав беше дека работата ќе продолжи на техничко ниво и дека оваа можност ќе се разгледа“.
„Планот за завршување на војната нема да биде лесен, но тоа е секако патот напред. И ако Трамп му даде на светот – а особено на украинскиот народ – шанса за таков прекин на огнот, тогаш да, тој треба да биде номиниран за Нобелова награда за мир“, рече Зеленски. „Ние ќе го номинираме во име на Украина“.
Политико потсетува дека Трамп претходно водеше кампања за престижната награда, тврдејќи дека завршил седум војни.
Зеленски, исто така, истакна дека ракетите „Томахавк“, со дострел до 1.500 километри, ќе ѝ овозможат на Украина да погоди цели длабоко во Русија, сè до Сибир.
Според него, ова ќе ја зајакне Украина и „малку ќе ги отрезни Русите, доведувајќи ги на преговарачка маса“. Тој истакна дека Киев побарал прецизни ракети со долг дострел за време на мандатот на Џо Бајден, но барањето било одбиено.
Трамп во понеделник изјави дека „некако“ донел одлука да ги испрати ракетите во Украина, но сакал да разјасни како ќе се користат.
„Некако се одлучив. Мислам дека сакам да дознаам што прават со нив, каде ги испраќаат, претпоставувам. Морам да го поставам тоа прашање“, рече Трамп, додавајќи дека не сака ескалација на конфликтот.
На објавата реагираше и Москва. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, предупреди дека испраќањето на Томахавците во Киев „ќе доведе до нова сериозна фаза на ескалација на украинската криза, но исто така ќе предизвика непоправлива штета на руско-американските односи“.
Свет
Фон дер Лајен повторно го преживеа гласањето за нејзино разрешување

Европскиот парламент денес во Стразбур со големо мнозинство ги отфрли предлозите на крајната левица и десница да гласаат против претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, три месеци откако пратениците отфрлија сличен предлог на крајната десница.
Десничарската група „Патриоти за Европа“ побара гласање за доверба поради економските, климатските и миграциските политики на фон дер Лајен, а особено поради договорот со Соединетите Американски Држави, според кој САД воведуваат општа царина од 15 проценти за увоз од Европа.
„Соочени со Америка на (претседателот) Доналд Трамп, вие не само што се согласивте на договор без надомест, туку потпишавте и трговско предавање на Европа, додека другите сили ги бранат своите интереси со сета своја сила. Вие им предадовте сè на нашите конкуренти: нашите фарми, нашите фабрики и, секако, нашите работни места“, рече Џордан Бардела, претседател на Партнерството за Европа, во дебата на пленарната седница на Европскиот парламент во понеделник.
Бардела рече дека фон дер Лајен ќе ги доведе европските компании до пропаст и се пожали на „22.000 дополнителни регулаторни текстови за пет години, или 11 нови текстови дневно, што ја прави Европа светски шампион во документацијата“.
Европскиот парламент го отфрли предлогот на Патриот со 179 гласа „за“, 378 „против“ и 37 „воздржани“.
Свет
„Јас сум најсреќната личност на светот“, вели поранешна заложничка од Газа

Авива Сигел, жена која помина 51 ден во заробеништво во Газа, ја опиша својата огромна среќа поради договорот за враќање на преостанатите израелски заложници, што е предвидено во првата фаза од планот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел. Сигел беше киднапирана заедно со нејзиниот сопруг Кит на 7 октомври 2023 година, кој, пак, помина 484 дена во заложништво, објави CNN.
Во интервју за медиумите, Сигел не го криеше своето воодушевување. „Толку сум среќна. Танцувам. Јас сум најсреќната личност на светот“, рече таа.
Поранешната заложничка особено го истакна своето возбудување поради претстојното враќање на близнаците Гали и Зив Берман, кои Хамас ги држи две години.
„Ги замислувам Гали и Зиви, како се враќаат и ја прегрнуваат својата мајка. И тоа се случува… тие се враќаат дома. Заложниците се враќаат дома“, рече таа емотивно.
Таа, исто така, се потсети на тешките денови во заробеништво, опишувајќи како направила сè што можела за да преживее. Таа нагласи дека им требало време нејзе и на нејзиниот сопруг да разберат низ што поминале и повторно да се навикнат на животот дома. Истото, додаде таа, ги очекува и другите заложници.
„Ќе им требаат многу прегратки и многу поддршка“, рече таа.
Со солзи во очите, заклучи дека она што најмногу го сака е сите да се вратат во нормалниот живот.
„Не живеевме во последните две години… не живеевме“, рече таа.