Свет
Уапсена мајката чии деца биле пронајдени мртви во куфери на Нов Зеланд

Јужнокорејската полиција уапси жена за која се верува дека убила две деца чии тела биле пронајдени минатиот месец во куфери на Нов Зеланд.
42-годишната жена е осомничена дека побегнала од Нов Зеланд во Јужна Кореја во 2018 година, откако наводно ги убила своите деца, тогаш 7 и 10 години, во Окленд, соопштија властите.
Таа ги негираше обвиненијата за убиство откако беше уапсена по црвена потерница на Интерпол, соопшти јужнокорејската полиција.
Нов Зеланд мора официјално да побара екстрадиција на осомничената во рок од 45 дена за јужнокорејскиот суд да го разгледа барањето, соопшти Министерството за правда во Сеул.
Новозеландската полиција покрена истрага за убиство во Окленд, откако останките на убиените деца ги пронашло едно семејство при проверка на содржината на магацинот што го купиле невидено на аукција.
Семејството кое ги пронашло телата не е поврзано со смртта на децата.
Нов Зеланд и Јужна Кореја заедно учествуваат во истрагата и заеднички ја барале мајката на децата, бидејќи во меѓувреме дознале дека таткото на децата починал од рак една година пред да се преселат со децата, пишува Би-би-си.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Неколкумина загинаа откако патнички воз излета од шините во југозападна Германија

Неколку лица загинаа, а многу други се повредени откако патнички воз излета од шините во југозападна Германија, јави ДПА, повикувајќи се на безбедносни извори.
Спасувачките тимови се на местото на настанот и го пребаруваат возот и околината во потрага по патници.
Свет
Тројца мажи завршија во болница поради топлотен удар во Кипар

Тројца мажи се хоспитализирани денеска во Лимасол и Никозија во Кипар поради топлотен удар, при што еден од нив е во критична состојба.
Во исто време, двајца постари мажи, на возраст од 78 и 89 години, се хоспитализирани во Никозија во сериозна, но стабилна состојба. Уште еден 88-годишен пациент бил примен со симптоми на топлинска исцрпеност и е надвор од животна опасност.
Се апелира населението, особено до ранливите категории, да избегнуваат директна изложеност на сонце, да бидат внимателни и да внесуваат доволно течности, поради екстремно високите температури што зафатија делови од островот.
Свет
Фон дер Лајен се сретна со Трамп во обид да се договорат околу царините

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен попладнево во шкотското место Трнбери ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, во обид да биде постигнат трговски договор во пресрет на истекот на крајниот рок – 1 август за воведување на царини од 30 отсто за извозот на европски производи во САД.
Најавувајќи ја средбата во објава на Икс, Фон дер Лајен наведе дека со Трамп ќе „разговараат за трансатлантските трговски односи и за тоа како тие може да се одржат силни“.
Американската администрација веќе воведе царина од 50 отсто за увозот на челик и алуминиум од ЕУ, од 25 проценти за автомобили и автомобилски делови, како и основен данок од 10 отсто за поголемиот дел европски производи, со кои е опфатен околу 70 проценти од вкупниот извоз на Унијата во САД.
Средбата се одржува во услови на зголемени надежи во ЕУ дека Европската комисија би можела да постигне договор со Вашингтон по примерот на оној постигнат претходно неделава меѓу САД и Јапонија за просечна царина од 15 отсто на извозот на јапонски стоки на американскиот пазар.
ЕУ се надева дека, исто така, ќе постигне договор со САД за царинска стапка од 15 проценти, која би ја вклучувала и просечната царина од 4,8 отсто што ја плаќаат европските извозници на американскиот пазар уште од пред враќањето на Трамп во Белата куќа во јануари годинава.
Средбата доаѓа откако во четвртокот Европската комисија усвои пакет контрамерки на увозот на американски стоки во ЕУ, како одговор на најавената царина од САД од 30 отсто.
Портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија и царини Олоф Гил во четвртокот изјави дека фокусот на ЕУ е на постигнување на договор со САД за царините, а доколку тоа не се случи усвоените контрамерки ќе стапат во сила на 7 август.