Европа
Уапсен лекар осомничен за убиство во Германија

Германската полиција уапси специјалист по кардиологија суспендиран од берлинската болница „Шарите“ поради сомнение за убиство, соопшти денеска германското Обвинителство.
Според „Ројтерс“, кардиологот е осомничен дека свесно им давал високи дози седативи на двајца критично болни пациенти на интензивна нега, кои починале како резултат на тоа.
Обвинителите почнаа истрага по суспензијата во 2022 година, но налогот за апсење можеше да биде издаден само по добивањето лекарски извештај, кој покажува дека високите дози седативи не се медицински оправдани, се додава во соопштението.
Агенцијата потсетува дека на тоа кардиолошко одделение имало вкупно четири сомнителни случаи, но било потврдено дека само во два случаја била неоправдана употребата на седативи.
Осомничениот, како што се наведува во соопштението, денеска ќе се појави пред берлинскиот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Состојбата на папата и понатаму е критична

Здравствената состојба на папата Франциско, кој се бори со билатерална пневмонија, и понатаму е критична и „остануваме претпазливи во однос на прогнозите“ поради „сложеноста на неговата клиничка слика“, соопшти вечерва Ватикан.
Ватикан додаде дека папата нема дополнителни респираторни кризи, но дека има „лесна бубрежна инсуфициенција“. Тој сè уште прима терапија со кислород со висок проток.
„Комплексноста на клиничката слика и потребното чекање за да стапат на сила фармаколошките терапии бараат од нас да останеме внимателни во однос на прогнозата“, се наведува во најновиот здравствен билтен.
Во неделата наутро Ватикан објави дека Светиот Отец поминал „тивка“ ноќ одморајќи се.
Европа
Ако Сиријците не си заминат доброволно, ќе им помогнеме да си заминат, рече заменик-претседателката на АфД

Заменик-претседателката на парламентарната група Алтернатива за Германија (АфД), Беатрикс фон Шторх, јасно го кажа својот цврст став за имиграцијата додека зборуваше во живо за Си-ен-ен во неделата навечер.
„Прво треба да се ослободиме од сите оние кои се илегално во Германија, а потоа да ги протераме сите оние кои дојдоа од Сирија бегајќи од Асад и сега го слават неговиот пад на улиците на Германија“, рече фон Шторх на изборната прослава на АфД во Берлин.
Таа продолжи: „Тие треба да си заминат доброволно. Ако не сакаат да си заминат, ќе им помогнеме да си заминат. Истото важи и за оние од Авганистан“.
Фон Шторх додаде дека е „благодарна“ на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс што „укажал дека демократијата е под закана и дека слободата на говорот во Германија е навистина под притисок“. Ова доаѓа откако Венс зборуваше на Минхенската безбедносна конференција претходно овој месец, велејќи им на европските лидери дека таканаречените „огнени ѕидови“ немаат „место“ во демократијата.
Европа
Зеленски: Ни требаат 20 системи „Патриот“, подготвени сме да инвестираме

На Украина и се потребни 20 системи „Патриот“ за заштита од руски воздушни закани, кои ќе чинат околу 35 милијарди долари (33,45 милијарди евра), изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека Украина е подготвена да ја инвестира таа сума.
„Потребни ни се 20 од овие системи („Патриот“), а тоа е дефинитивно 35 милијарди долари. Доколку САД ни обезбедат 35 милијарди долари во форма на „Патриот“, ќе сметаме дека тие инвестирале. Ние, пак, сме подготвени да инвестираме иста сума од наша страна“, рече Зеленски, објави УНН.
Според Зеленски, цената на еден систем „Патриот“ е околу 1,5 милијарди долари (1,43 милијарди евра), иако цената може да се зголеми на 1,8 милијарди долари (1,72 милијарди евра) поради војната. Зеленски, исто така, истакна дека Украина сè уште не ги добила сите системи „Патриот“ што беа најавени минатата година.