Свет
Уапсен малолетник во Полска, осомничен дека се обидел да запали синагога
Полската полиција соопшти дека во соработка со Агенцијата за внатрешна безбедност уапсила 16-годишен човек осомничен дека со фрлање молотови коктели ја нападнал синагогата Нозик во Варшава.
Полицијата соопшти дека ќе испрати барање до обвинителството за отворање истрага против младиот човек, кој според кривичниот законик може да добие затворска казна до 10 години, пренесува Асошиејтед прес.
„Беше целосно изненаден, не сакаше да зборува, не ги откри мотивите“, изјави портпаролот на полицијата Роберт Шумијата, додавајќи дека судот ќе одлучи дали на младиот човек ќе му се суди како полнолетен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел ја брани офанзивата во Рафа пред Меѓународниот суд на правдата
Израел ја бранеше својата офанзива во Рафа пред Меѓународниот суд на правдата откако Јужна Африка побара од судиите да ја прекинат операцијата и израелската армија целосно да се повлече од палестинската територија.
Службеникот на израелското Министерство за правда Гилад Ноам го нарече случајот со Јужна Африка, кој го обвинува Израел за кршење на Женевската конвенција, „целосно одвоен од фактите и околностите“.
„Овој случај го исмева грозоморното обвинение за геноцид“, рече Ноам.
Неколку произраелски демонстранти се собраа пред судот пред израелската презентација, држејќи фотографии од заложниците киднапирани од Хамас на 7 октомври.
Повеќе од 35.000 Палестинци се убиени во седуммесечната израелска офанзива против палестинската енклава, објавија нејзините власти во четвртокот.
Амбасадорот на Јужна Африка во Холандија, Вусимуза Мадонсела, побара од судот да му нареди на Израел „веднаш, целосно и безусловно да ги повлече своите трупи од целиот Појас Газа“.
Јужноафриканскиот правен тим ја претставува израелската воена операција како дел од геноциден план чија крајна цел е уништување на палестинскиот народ.
Во минатите пресуди, судот нареди да спречи геноцид врз Палестинците, иако не нареди прекин на нападите.
Европа
Словачкиот премиер повторно опериран: последните информации за состојбата на Роберт Фицо два дена по атентатот
Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој во средата беше тешко ранет во обид за атентат, имаше уште една операција.
Ова го потврди министерот за одбрана Роберт Калињак пред болницата во Банска Бистрица, каде што премиерот е од средата по атентатот.
Операцијата траеше околу два часа, а лекарите се обидоа „да ја поместат состојбата на пациентот на позитивна прогноза“, рече Калињак.
Тој додаде дека „ситуацијата е сè уште многу сериозна, но премиерот е свесен“.
„Првите четири дена по пукањето се најсложени“, рече Калињак за состојбата на премиерот.
Тој додаде дека „е порасположен бидејќи гледа напредок“.
Според него, денешната операција покажала дека првата била добро направена.
Словачка доби неколку понуди од повеќе земји за лекување на премиерот.
„Сите ние, вклучително и премиерот, имаме апсолутна доверба во капацитетите на Факултетската болница во Банска Бистрица“, рече министерот за одбрана.
Тој додаде дека не се сомнева оти премиерот е во добри раце и неговото лекување ќе продолжи во Словачка.
Директорката на болницата во Бањска Бистрица, Миријам Лапуникова, најави дека болницата има сѐ што е потребно за лекување на премиерот. Таа најави дека на располагање е и кардиолошки тим.
Таа додаде и дека секој ден накратко ќе ја информира јавноста за здравствената состојба на премиерот.
Регион
(Видео) Директорката откри како полуматурантите го запалиле училиштето во Црна Гора
Матурската прослава на деветоодделенците од основното училиште „Владо Милиќ“ во Долна Горица денеска тргна наопаку кога децата ја запалија училишната зграда додека палеле факел. Во пожарот, за среќа, нема повредени.
Директорката на училиштето „Владо Милиќ“, Ивана Милиќ, за црногорските медиуми изјави дека, освен големата штета, која допрва треба да се утврдува, во пожарот во училиштето нема повредени.
„Штетата допрва ќе се утврдува“, кусо коментира Милиќ за „Вјести“.
Таа за новинарите пред училиштето изјави дека инцидентот се случил околу 10 часот.
View this post on Instagram
„Во палењето на факелот учествуваа сите ученици од деветто одделение“, рече Милиќ коментирајќи ги причините за избувнувањето на пожарот.
Како што може да се види на неколку видеа што кружат на социјалните мрежи, децата панично бегале што подалеку од училиштето додека пламените јазици го зафатиле покривот на образовната институција. Според видеото, најисплашени биле учениците од пониските одделенија, кои при евакуацијата со неверување гледале во чадот што се протегал на неколку метри до небото.
Вршителот на должноста командант на Службата за заштита и спасување на Подгорица, Здравко Блечиќ, за новинарите изјави дека на местото на настанот излегле пет екипи со 15 пожарникари.
„Огнот зафатил дел од покривот и површина од 40 до 50 квадратни метри. Пожарникарите имаа проблеми со приближувањето и пристапот до овој дел од училиштето, но со помош на чуварот, кој беше многу брз, успеаја“, рече Блечиќ.
Тој рече дека штетите во училиштето се големи.
„Влагата и употребената вода може да предизвикаат штети и во училниците. Очекуваме пожарот целосно да биде изгаснат за 15-ина минути“, рече Блечиќ.