Свет
Уапсен поранешен шеф на ФБИ, работел за рускиот олигарх Олег Дерипаска
Поранешниот шеф на ФБИ Чарлс Мекгонигал е обвинет за кршење на американските санкции против Русија со примање тајни плаќања од олигархот Олег Дерипаска, изјави денеска обвинителот.
Мекгонигал, кој го предводеше одделот за контраразузнавање на ФБИ во Њујорк пред да се пензионира во 2018 година, беше уапсен во саботата, објави „Ројтерс“.
Според федералните обвинители во Менхетен, поранешниот висок функционер на ФБИ е обвинет дека водел истрага во име на Дерипаска против ривалски олигарх во замена за тајни плаќања од Дерипаска, со што ги прекршил американските санкции кон Русија.
Мекгонигал се очекува подоцна денеска да се појави пред федералниот суд на Менхетен заедно со Сергеј Шестаков, поранешен советски дипломат кој подоцна стана американски државјанин и исто така обвинет во случајот.
Обвинителите рекоа дека Мекгонигал (54), исто така работел во име на Дерипаска во 2019 година во неуспешен обид да ги оспори санкциите против него.
Дерипаска е основач на руската компанија за алуминиум „Русал“ и беше меѓу дваесетина руски олигарси и владини претставници на црната листа на Вашингтон во 2018 година како одговор на наводното руско мешање во американските избори во 2016 година.
Кремљ и Дерипаска негираа вмешаност во претседателските избори во САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.

