Свет
Уапсен по 50 години бегство од притвор

Федералното истражно биро, ФБИ, соопшти дека е уапсен маж кој во 1971 година побегнал од притвор.
Леонард Рејн Мозес побегнал од притвор како тинејџер, додека траело повторното судење за убиство од прв степен, извршено за време на граѓанските немири по убиството на Мартин Лутер Кинг во 1968 година, соопшти ФБИ.
Истражителите го пронашле Мозес така што ги споредиле неговите отисоци од прстите од 1968 година со отисоците земени за време на едно апсење претходно оваа година, навел специјалниот агент од Питсбург, Мајкл Кристман.
„Со овој нов напредок во технологијата, ФБИ мора да продолжи да ги идентификува сторителите и да ги користи за да осигури дека оние кои сториле злосторства ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Кристман.
За време на немирите во Питсбург по убиството на Мартин Лутер Кинг, Мозес и група луѓе фрлиле молотов коктел врз една куќа на 6 април 1968 година. Една жена се здоби со тешки изгореници, од кои починала неколку месеци подоцна.
Мозес е осуден на доживотен затвор за убиство од прв степен.
Сепак, Врховниот суд во Пенсилванија смета дека Мозес, 16-годишник во тоа време, бил премногу млад и решил да го врати предметот на повторно судење.
Тој избегал од притвор на 1 јуни 1971 година, додека присуствувал на погребот на неговата баба во Питсбург.
Го користел лажното име Пол Диксон, барем од 1999 година. Под тоа име, тој работел како патувачки фармацевт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кинески астронаути заглавени во вселената, враќањето одложено

Враќањето на тројца кинески астронаути на Земјата беше одложено поради неповолните временски услови, објави денеска АП.
Астронаутите Каи Суже, Сонг Лингдонг и Ванг Хаозе, кои денеска требаше да слетаат во Донгфенг, северна Монголија, по поминати шест месеци во вселената, ќе мора да почекаат уште малку поради лошите временски услови.
Според официјалните информации на кинеската агенција „Ксинхуа“, одлуката за одложување е донесена со цел „да се гарантираат здравјето и безбедноста на астронаутите“.
Тројцата астронаути беа лансирани во вселената во октомври минатата година, а неодамна пристигна нов екипаж, кој ќе ги замени во кинеската вселенска станица „Кијангонг“. За време на нивниот престој на вселенската станица, астронаутите спроведоа експерименти на станицата.
Двајцата астронаути, Каи и Сонг, ја изведоа најдолгата вселенска прошетка во светот, која траеше девет часа, објави Кинеската вселенска агенција. Кина ја изгради својата вселенска станица откога беше исклучена од Меѓународната вселенска станица поради загриженоста на САД за контролата на кинеската вселенска програма.
Кина планира да испрати човек на Месечината до 2030 година.
Минатата година двајца американски астронаути беа блокирани во вселената девет месеци кога пробниот лет во капсула „Боинг“ наиде на проблеми и НАСА одлучи дека враќањето на астронаутите во истиот модул би било премногу ризично.
Регион
Не успеа ниту новиот обид за избор на претседател на косовското собрание

Собранието на Косово и енеска не го избра Аљбуљен Хаџиу за претседател на собранието.
При гласањето Хаџиу доби поддршка од 54 пратеници, 44 беа против, а три лица беа воздржани.
За него гласаа пратениците на Самоопределување, како и пратениците на малцинските заедници, освен Адем Хоџа, кој гласаше против.
На седницата не учествуваше пратеничката Дуда Баље, која досега гласаше против.
Против гласаа членовите на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово.
Претставниците на досегашната опозиција, по седницата, изјавија дека сè ова личи на театар и ја обвинија победничката партија дека намерно го спречува конституирањето на парламентот бидејќи нема гласови за формирање на новата влада на Косово.
Од друга страна, Самоопределување ги обвини пратениците на поранешната опозициска партија дека го блокираат нивниот предлог.
Продолжението на конститутивната седница на косовскиот парламент е закажано за 1 мај.
Свет
Русија: Подготвени сме да го почнеме мировниот процес, без никакви услови, Украина не одговара

Кремљ соопшти дека Украина не одговорила на понудите на рускиот претседател Владимир Путин да почне директни мировни преговори и дека не е јасно дали ќе го почитува тридневниот прекин на огнот во мај.
„Претседателот Путин беше тој што во неколку наврати рече дека Русија е подготвена, без никакви услови, да го почне мировниот процес“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Досега не добивме одговор од режимот во Киев“, додаде.
Во понеделникот Путин прогласи тридневен прекин на огнот во Украина од 8 мај кога Русија планира голема прослава на 80-годишнината од победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Украина, од друга страна, се сомнева зошто Москва не сака да се согласи на нејзиниот повик за итен прекин на огнот од најмалку 30 дена.
„Ние ги цениме човечките животи, а не парадите“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Песков рече дека е многу тешко да се знае дали Украина има намера да го почитува прекинот на огнот.