Свет
Украина го повика на разговор вториот човек на Ватикан поради изјавата на папата
Украинското Министерство за надворешни работи го повика папскиот нунциј за да изрази разочарување поради изјавите на папата Франциско дека Украина треба „да ја покаже храброста на белото знаме“ и да почне преговори со Русија за ставање крај на двегодишната војна.
Кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Светата столица, за весникот „Кориере дела сера“ изјави дека Ватикан е за прекин на огнот и дека „агресорот е тој што треба да престане прв да пука“. Изјавата на папата предизвика разни реакции кај НАТО и Москва.
Кремљ оцени дека повикот на папата за прекин на војната е целосно разбирлив, а шефот на НАТО порача дека сега не е време да се зборува за предавање. Обидувајќи се да ја смири ситуацијата и да ги разјасни коментарите на Франциско, Паролин рече дека папата сака да „создаде услови за дипломатско решение во потрагата по фер и траен мир“. „За да се постигне ова, очигледно е дека двете страни мора да седнат на преговарачка маса и дека првиот услов е запирање на агресијата“, рече Паролин.
Јасно наведувајќи дека ја смета Русија за агресор, Паролин додаде дека „војната против Украина не е резултат на природна катастрофа“, туку човечки избор. Истата човечка волја што ја предизвика таа трагедија има способност и одговорност да ја спречи и да го отвори патот за дипломатско решение“, рече Паролин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата ги отфрли коментарите на папата иако тој не го спомна директно. Тој рече дека далечните религиозни личности не треба да се вклучуваат во „виртуелно посредување меѓу некој што сака да живее и некој што сака да уништи“.
Мировниот план на Зеленски предвидува повлекување на руските трупи и враќање на границите на Украина од 1991 година. Москва вели дека не може да води никакви разговори под такви услови. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во неделата изјави дека Киев никогаш нема да капитулира и дека силна личност во секој спор „стои на страната на доброто не обидувајќи се да ги стави на исто ниво и да го нарече преговори“.
„Нашето знаме е жолто-сино“, напиша Кулеба мислејќи на украинското национално знаме. „Ова е знамето со кое живееме, умираме и победуваме. Никогаш нема да креваме други знамиња“.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во понеделникот изјави дека не се согласува со изјавите на папата Франциско, но дека на Киев му е потребна воена помош.
„Доколку сакаме долгорочно мировно решение со преговори, начинот да го постигнеме е со воена поддршка на Украина“, рече Столтенберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бројот на бегалци во Германија годинава достигна нов врв
Бројот на бегалци кои живеат во Германија годинава достигна нов врв, покажуваат денешните владини податоци, пренесува Дојче веле.
Околу 3,48 милиони бегалци со различни видови дозволи за престој живееле во Германија на крајот на јуни 2024 година, што е за приближно 60.000 повеќе отколку на крајот на 2023 година.
Една третина од овие бегалци дошле од Украина.
Бројката вклучува и некои поединци кои се обврзани да ја напуштат Германија, но остануваат во земјата под политика на толеранција која опфаќа низа ситуации, како што се болест, недостаток на документи за идентификација или луѓе чии деца имаат дозвола за престој.
Статистиката беше дадена како одговор на барањето на партијата Социјалистичка левица во парламентот и првпат беше објавена од Ној Оснабрикер Цајтунг.
Свет
Лавров: Русија не сака ескалација, но западните политичари се однесуваат како деца
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија не сака да ги ескалира тензиите со западните земји, но дека, како што наведе, „политичарите на овие земји се однесуваат како деца“.
„Не сакаме ескалација. Се чини дека западните политичари навистина имаат менталитет на дете, иако како возрасни заземаат одговорни позиции: министри, премиери, канцелари, претседатели“, рече Лавров.
Лавров нагласи дека неколку месеци во светот се разговара за тоа како Русија наводно само се заканува и зборува за „црвени линии“.
Свет
Израелска армија: Убиени околу десет високи команданти на Хезболах
Портпаролот на израелската армија, контраадмирал Даниел Хагари, изјави дека заедно со Ибрахим Акил, во денешниот израелски воздушен напад врз јужен Бејрут биле убиени околу десет високи команданти на либански Хезболах.
Хагари на прес-конференција рече дека Акил и другите членови на елитната единица Радван на Хезболах се собрале во подрумот на една зграда кога биле мета и убиени.
Весникот „Тајмс оф Израел“ наведува дека Хагари рекол дека тоа биле „командантите кои го подготвиле и го воделе планот на терористичката организација Хезболах за напад на северната територија на државата Израел.
Портпаролот на израелската војска тврди дека како дел од таа инвазија, Хезболах планирал упад на израелска територија сличен на нападот на Хамас од Газа на јужна израелска територија на 7 октомври минатата година. Тогаш започна војната меѓу Израел и таа палестинска исламистичка организација.
Во меѓувреме, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на платформата X објави дека ќе продолжи „секвенцата на акции во новата фаза“ од конфликтот со Хезболах додека не се постигне целта за безбедно враќање на Израелците раселени поради прекуграничниот конфликт во нивните домови.