Свет
Украина отвори кривична истрага за рускиот патнички воз кој го премина кримскиот мост
Кримското Обвинителство, ентитет во рамките на украинското Јавно обвинителство, отвори кривична истрага во врска со првиот патнички воз од Санкт Петербург до Севастопол, кој помина низ теснината Керч преку кримскиот мост и пристигна на Крим, информира Обвинителството на својот канал на „Телеграм“.
„Обвинителството на Автономната Република Крим отвори кривично дело во врска со нелегалното преминување на државната граница на Украина со патнички воз од Санкт Петербург до Симферопол (град во Крим, станица на патот кон Севастопол) преку мостот Керч“, се вели во пораката.
Канцеларијата на обвинителот го осуди пуштањето на руската железничка служба преку кримскиот мост како незаконско.
„Ваквите активности на окупаторската држава се очигледно кршење на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина и покажување непочитување на заедничките принципи и норми на меѓународното право“, изјави украинското Обвинителство.
Во понеделникот рускиот претседател Владимир Путин ја отвори железничката пруга на мостот преку теснината Керч, а украинското МНР испрати протестна нота до Русија поради ова. По државниот удар во Украина во февруари 2014 година, властите во Крим и Севастопол одржаа референдум, на кој 96,7 отсто од жителите на Крим и 95,6 отстои од гласачите на Севастопол избраа да се отцепат од Украина и да ѝ се приклучат на Русија. Осумдесет отсто од гласачкото тело учествуваше на референдумот.
Рускиот претседател го потпиша договорот за повторно обединување на 18 март 2014 година, а Советот на Федерацијата (горниот дом на рускиот парламент) го ратификува на 21 март. И покрај резултатите од референдумот, Киев, заедно со повеќе претежно западни земји, одби да го признае Крим како дел од Русија.
Во 2014 година ЕУ воведе санкции против Русија поради настаните во Украина и Крим и постојано ги проширува и продолжува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Европската комисија бара промени на „Тик-ток“: „Предизвикува зависност, особено кај децата“
Европската унија би можела да го принуди „Тик-ток“ да направи измени во апликацијата, откако во прелиминарна одлука наведе дека платформата ги прекршила правилата за дигитална безбедност.
Европската комисија смета дека дизајнот што предизвикува зависност му штети на физичкото и менталното здравје на корисниците, особено на децата и ранливите лица, пишува „Гардијан“.
Според одлуката, „Тик-ток“ не ги проценил соодветно ризиците од својот дизајн, кој преку постојано надградување со нова содржина поттикнува непрекинато скролање и го става мозокот во режим на автопилот. Комисијата наведува дека тоа може да доведе до компулсивно однесување и намалена самоконтрола, како и дека платформата игнорирала показатели за прекумерна употреба, вклучително и времето што децата го минуваат на апликацијата ноќе.
Комисијата размислува за наметнување промени во дизајнот, вклучувајќи измени на алгоритмот за препораки, ограничување на бесконечното скролање, воведување ефективни паузи од екран, вклучително и во текот на ноќта, како и прилагодување на системот за препораки.
Безбедносните механизми, како алатките за контрола на времето и родителските контроли, се оценети како недоволни.
Кршењето на Актот за дигитални услуги (ДСА) може да резултира со казна до 6 проценти од годишниот промет на компанијата. Се проценува дека „Тик-ток“ годинава ќе оствари приход од околу 35 милијарди долари.
Свет
САД ги повикаа своите граѓани да го напуштат Иран
Соединетите Американски Држави ги повикаа своите граѓани веднаш да го напуштат Иран, предупредувајќи на сериозни безбедносни ризици, вклучувајќи тероризам, немири, киднапирања и произволни апсења и притворања на американски граѓани.
Американските власти им советуваат на граѓаните сами да направат план за излез и да не се потпираат на помош од американската влада, бидејќи САД немаат амбасада во Иран.
Според предупредувањето од Стејт департментот на САД, американските граѓани во Иран се соочуваат со висок ризик од нелегално притворање, вклучувајќи долготраен притвор, тортура и, во некои случаи, смртна казна. Швајцарија дејствува како заштитна сила за американските интереси во Иран, чија амбасада во Техеран обезбедува само итни конзуларни услуги.
Регион
Масовно труење со олово на жителите на град во БиХ
Во општината Вареш во Босна и Херцеговина продолжува сериозната здравствена криза предизвикана од масовно труење со олово. Најновите резултати од тестирањето на повеќе од 100 жители потврдија дека труењето со тешки метали е многу пораспространето отколку што првично се претпоставуваше, пишува N1.
Присуството на олово во крвта овој пат е утврдено не само кај жителите што живеат во близина на депонијата на рудникот ДПМ Метали, во населбите Пржиќи и Даштанско, туку и кај граѓаните од самиот центар на Вареш. Претходните тестови од декември минатата година покажаа присуство на олово во крвта на сите 44 тестирани лица од различни возрасти.
Во меѓувреме, уште девет лица се тестирани приватно, а резултатите само ги потврдија алармантните индикатори. Особено е загрижувачки што олово е пронајдено и во наодите на пет деца под шест години.
Најновите тестови покажуваат дека некои луѓе имаат екстремно високи концентрации на олово во крвта, во некои случаи десетици, па дури и сто пати повисоки од референтните вредности.
„Присуството на олово во крвта е исклучително сложен здравствен проблем бидејќи нема физиолошка потреба од олово во човечкото тело. Современата медицина се залага за ставот дека нема „безбедна“ доза на олово во телото“, велат експертите од Институтот за здравје и безбедност на храната.
Во интервју за локална радио станица, вршителот на должноста градоначалник на општина Вареш, Малик Ризвановиќ, изјави дека, доколку го добие мандатот, здравјето на граѓаните ќе биде негов приоритет. Сепак, информацијата дека непосредно пред објавувањето на новите резултати за труењето, компанијата ДПМ Метали испратила до Владата на Зеничко-добојскиот кантон барање за зголемување на надоместокот за концесија предизвикува загриженост.
„Официјално е дека во петокот ДПМ Метали поднесе иницијатива за зголемување на концесискиот надомест до Министерството за економија на Зеничко-добојскиот кантон. Во наредните месеци ќе има зголемување на концесијата. Она што успеав да го договорам со компанијата е дека, кога ќе се потпише концесијата, таа ќе се плаќа ретроактивно од 1 јануари 2026 година“, рече Ризвановиќ.
Фактот дека самата рударска компанија бара од властите да ја зголемат концесијата што треба да ја плати изгледа неверојатно и покренува сериозни прашања за тоа кој управува со природните ресурси во Зеничко-добојскиот кантон.
„Ако компанијата се обидува да купи социјален мир со овој потег, јасно велиме дека здравјето на граѓаните нема цена и дека е крајно несоодветно да се зборува за концесиски надоместоци во време кога животите на луѓето во Вареш се сериозно загрозени“, истакнуваат жителите на Пржиќ и Даштански.
Властите на Зеничко-добојскиот кантон и Федерацијата БиХ сè уште немаат јасен одговор за ситуацијата во Вареш. Иако условите се исполнети, сè уште не е прогласена вонредна состојба. Исто така, не е познато дали Обвинителството на Зеничко-добојскиот кантон започнало истрага за труењето.
И покрај противењето на локалните заедници и граѓанското општество, надлежните кантонални власти продолжуваат да поддржуваат нови, потенцијално опасни рударски проекти во Вареш, вклучувајќи го и планираното рударство на хром во сливот на реката Криваја.
фото/илустрација/Depositphotos

