Свет
Украински медиуми: Деца од Мариупол на концерт во Москва, се заблагодарија на руската армијата, иако мајката им е убиена од Русите
На пропаганден концерт одржан во Москва пред два дена, на кој зборуваше и рускиот претседател Владимир Путин, беа претставени и две украински деца чија мајка била убиена за време на бомбардирањето во Мариупол. Во таа прилика децата морале да ѝ се заблагодарат на руската армија, пренесува „Киев Индипендент“, повикувајќи се на независниот руски портал „Важни приказни“.
Како што се наведува, 15-годишната Ана Науменко, морала да му се заблагодари на рускиот војник Јуриј Гагарин бидејќи ги „спасил“ од Мариупол. На концертот Гагарин се претстави како „спасител“ на 367 деца од Мариупол, град кој речиси целосно беше уништен од руското бомбардирање. До Ана беше нејзината сестра.
Според независните руски медиуми, украинското семејство најпрво се сокрило во културниот центар во Мариупол, а потоа и во административната зграда. Нивната мајка Олга била убиена во април за време на руските бомбардирања. Роднина на сопругот на Олга, раскажал за „Важни приказни“ дека на Ана ѝ е доделен старател, додека нејзината сестра Каролина останала со татко ѝ, а нејзиниот брат Данило кај баба му.
Веб-страницата на украинската влада „Children of War„ проценува дека 16.000 украински деца биле киднапирани и однесени во Русија од почетокот на инвазијата на 24 февруари 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нетанјаху: Ако Евреите не се заштитат самите, никој нема да ги заштити
Евреите мора да бидат способни да се „одбранат“ бидејќи никој нема да ги заштити, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додека се повеќе се креваат гласови против војната што Израел ја води во Појасот Газа.
„Ако треба да се браниме, ќе се браниме. Ако е можно да се мобилизираат „оние што не се Евреи“, тоа е добро. Но, ако не се заштитиме, никој нема да го направи тоа“, рече Нетанјаху.
Премиерот ова го изјави на приемот на преживеаните од нацистичкиот геноцид кои во недела ќе учествуваат на церемонијата на Денот на сеќавањето на Холокаустот во меморијалниот центар Јад Вашем.
Разорната војна што Израел ја започна во Појасот Газа како одмазда за нападот на палестинското движење Хамас на 7 октомври во Израел предизвикува зголемени критики ширум светот.
Осврнувајќи се на студентското движење во знак на солидарност со Палестинците во градовите на американските колеџи, Нетанјаху рече дека ги осудува „страшните демонстрации на антисемитските орди кои повикуваат на уништување на Израел и ги напаѓаат еврејските студенти и професори“.
Нетанјаху, исто така, се соочува со отворено меѓународно противење на неговата намера да започне голема офанзива врз градот Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа.
Тоа е засолниште за еден и пол милион Палестинци, од кои огромното мнозинство се раселени поради војната, додека израелските власти сметаат дека градот е последното упориште на борците на Хамас.
Свет
Трамп: Погледнете ги Лондон и Париз, тие се непрепознатливи
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави за време на предизборниот митинг во Висконсин дека Лондон и Париз се „непрепознатливи“, пренесува „Politico“.
„Видовме што се случи кога Европа ги отвори вратите за џихад. Погледнете го Париз, погледнете го Лондон. Тие се непрепознатливи“, рече Трамп, кој ќе се кандидира за нов мандат во Белата куќа на претседателските избори во ноември годинава.
„Ќе влезам во многу проблеми со луѓето во Париз и луѓето во Лондон, но знаете што, тоа е факт. Тие се непрепознатливи и не можеме да дозволиме тоа да и се случи на нашата земја. Имаме неверојатна култура, традиција. Не можеме да дозволиме тоа да се случи овде и никогаш нема да дозволам да им се случи на Соединетите Американски Држави“, рече тој.
Трамп често ги критикуваше европските земји. Во декември 2015 година, набргу откако Париз беше погоден од смртоносен исламистички терористички напад, тој рече дека населбите во Париз и Лондон се толку опасни што полицијата одбила да оди таму. Во тоа време, Трамп го бранеше својот план „целосно да им забрани на муслиманите да влезат во САД“.
И покрај тоа што беше критикуван за тие забелешки, Трамп продолжи да ја брани својата позиција. „Вистинскиот Париз е различен од Градот на светлината за кој читате. Има области во Париз каде луѓето се толку радикализирани и толку злобни, што полицијата одбива да оди таму. Тие нема да одат таму. Тоа ќе се случи на нашата земја“, предупреди тој.
Во јануари 2016 година тој изјави дека животот во Брисел е како да живееш во „пекол“ поради недостаток на „асимилација“ на муслиманското население.
Свет
Британски политичари: „Русија сее хаос во балканскиот регион, треба да испратиме војска во БиХ“
Британски војници треба да бидат испратени во Босна и Херцеговина поради ризикот од дестабилизација на Балканот, тврди поранешниот командант на Обединетите нации, Боб Стјуарт.
Стјуарт, сега независен британски пратеник, рече дека британскиот баталјон ќе биде „најдобриот баталјон“ што може да се испрати во југоисточниот регион на Европа за да се воспостави мир. Претседателката на Комитетот за надворешни работи Алиша Кернс предупреди дека Балканот може да стане место на „трет голем глобален конфликт“, заедно со Украина и Газа, доколку не се преземат превентивни мерки.
За време на дискусијата за безбедноста во регионот, чиј домаќин беше Кернс, таа рече: „Треба да размислиме за изградба на нов безбедносен сојуз меѓу САД, ОК и другите спремни земји-членки на НАТО со Косово, бидејќи тоа ќе помогне да се ублажат непосредните безбедносни грижи што ги имаме.
Интервенирајќи, Стјуарт додаде: „Британски баталјон стациониран во Босна и Херцеговина би испратил многу, многу силен сигнал. И искрено, британскиот баталјон е веројатно најдобриот баталјон што може да се испрати во таква мировна ситуација. Ние му помогнавме на регионот во минатото Ние го направивме тоа на политичкo, социјалнo, економско поле, и, се разбира, многу работа е направена во БиХ“.
Министерот за надворешни работи Дејвид Ратли, од друга страна, рече дека во моментов нема такви планови, но дека „Обединетото Кралство продолжува силно да ги поддржува вооружените сили на Босна и Херцеговина“. Тој додаде дека британската влада „постојано“ го ревидира својот пристап кон санкциите и ќе размисли да ги таргетира оние кои „се обидуваат да ја поткопаат ситуацијата“.
Пред дебатата, Кернс за новинската агенција PA изјави: „Балканот е важен и ако го игнорираме, ќе завршиме со пожар на нашиот праг. Ова не е важно само за европската безбедност, бидејќи во суштина тоа е нашиот продолжен двор и ако дојде до криза на Балканот, ќе ја почувствуваме тука, ќе не погоди сите нас и не можеме да си дозволиме трет глобален голем конфликт, што би било токму тоа“.
Таа, исто така, посочи дека Русија има намера да сее хаос во регионот: „Се работи за создавање што е можно повеќе театри на конфликти. Тие постојано го повторуваа фактот – ако работите не одат добро во Украина, Русија би го дестабилизирала Балканот“.