Свет
Унгарија: Нема да поддржиме продолжување на санкциите против Русија и Белорусија
Унгарија нема да поддржи продолжување на санкциите на Европската унија против руски и белоруски правни и физички лица, бидејќи, како што изјави министерот за надворешни работи Петер Сијарто, треба да се даде простор на мировните преговори меѓу САД и Русија, пренесува Anadolu.
Зборувајќи во Вашингтон, Сијарто го критикуваше Брисел за донесување „избрзани одлуки“ кои, според него, го отежнуваат постигнувањето мир. Тој, исто така, ја обвини ЕУ дека не ги почитува сопствените обврски кон Унгарија кога станува збор за енергетската безбедност.
„Нема да се согласиме да ги продолжиме санкциите во понеделник“, рече Сијарто. Тој истакна дека Европската комисија не го исполни своето ветување да ја вклучи Унгарија во преговорите за продолжување на транзитот на украинскиот гас, туку наместо тоа ги покани само Словачка и Украина.
„Тие веќе прекршија една од четирите гаранции“, предупреди тој. Унгарија исто така се спротивставува на предлогот на ЕУ за доделување 20 милијарди евра помош за Украина, тврдејќи дека пакетот не придонесува за мир, туку само ја зајакнува преговарачката позиција на Киев.
„Нема да го поддржиме трошењето на парите на европските даночни обврзници за продолжување на војната“, рече унгарскиот министер. Тој посочи дека изборот на Доналд Трамп ја промени глобалната политичка динамика во корист на мирот, но дека европските либерали, како што вели, се обидуваат да ги блокираат овие напори.
„Никогаш не сме биле поблиску до решение, бидејќи директните преговори меѓу САД и Русија повторно ја разгореа надежта за мир“, заклучи тој. Во рамките на посетата на САД, Сијарто денеска разговараше со американскиот министер за финансии Скот Бесент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.

