Свет
Училиштата на Филипините нема да се отворат додека не се открие вакцина против коронавирус
Филипинските власти потврдија дека децата нема да одат на училиште сè додека не стане достапна вакцината против коронавирусот.
Сега се стравува дека на милиони ученици ќе им биде загрозен пристапот до образованието.
Научниците во светот се обидуваат да добијат вакцина против коронавирусот, но повеќето предупредуваат дека ќе бидат потребни најмалку една или две години за таа да стане достапна.
Во меѓувреме, Леонор Брионас, секретар на Министерството за образование, рече дека часовите на интернет ќе продолжат до крајот на август. Истовремено, се стравува дека најсиромашните деца, кои немаат интернет, нема да имаат пристап до образование.
Филипините почнаа со ублажување на карантинските мерки кои постојат повеќе од два месеца и покрај стотици нови случаи на дневна основа.
Додека земјата беше затворена, бројот на случаи се намали, но економијата беше тешко погодена и на милиони луѓе им беше потребна државна помош.
Ограничувањата за движење сè уште се во сила, што вклучува деца на кои не им е дозволено да излезат надвор, освен ако не одат по продукти, на пример.
На Филипините во понеделникот имало 59 нови случаи, што довело до вкупно 22.474 случаи, а починале 1.011 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман до 7 март, откако САД и Израел извршија напади врз Иран, изјави денеска портпаролот на авиокомпанијата.
Тој додаде дека компанијата ги суспендира и летовите до и од Дубаи денеска и утре.
„Ер Франс“ исто така ги откажа летовите до и од Тел Авив и Бејрут што беа закажани за денеска.
Според холандска новинска агенција, „КЛМ“ откажа лет од Амстердам до Тел Авив по нападите во Иран.
„Виз Ер“ исто така ги суспендираше сите летови до и од Израел, Дубаи, Абу Даби и Аман до 7 март, соопшти компанијата.
Во соопштението се вели дека авиокомпанијата внимателно ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност на воздушниот сообраќај, безбедносните власти и надлежните владини институции.
Додадено е дека оперативните одлуки ќе продолжат да се разгледуваат и дека распоредите на летовите би можеле да се прилагодуваат како што се развива ситуацијата.
Ер Арабија, исто така, ги откажа летовите до Иран, Ирак и други делови од регионот.
Шпанската авиокомпанија Иберија Експрес, исто така, го откажа летот до Тел Авив, кој беше закажан за денеска во 17 часот по локално време.
Ирак, Катар и Кувајт, како и Обединетите Арапски Емирати денеска го затворија својот воздушен простор.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно денеска изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Извор потврди за Си-Ен-Ен дека израелскиот напад врз Иран утрово бил координиран со САД.
Американските претставници изјавија дека очекуваат нападот врз Иран да биде „далеку пообемен“ од американските напади минатиот јуни врз иранските нуклеарни постројки.
Американските напади врз Иран се извршуваат од воздух и од море, изјави американски претставник.
Свет
Операцијата во Иран наречена „Епски гнев“
Пентагон денеска објави дека американските напади врз Иран се нарекуваат операција „Епски гнев“.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД го напаѓаат Иран и ги наведе причините за таквата одлука.
Израел, исто така, објави дека го напаѓа Иран, а израелскиот министер за одбрана Израел Кац и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, ги наведоа причините за нивниот потег.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

