Европа
Финска крева ограда на границата со Русија: ќе трае 50 години

Финската погранична стража предлага да се огради дел од границата со Русија за да се спречи нелегален влез во земјата, пренесува „Интерфакс“.
„Извештајот на финските граничари укажува дека 10 до 20 отсто од границата долга 1.300 километри треба да биде оградена. Тоа би значело од 130 до 260 километри. Оградата треба да трае 50 години”, пишува финскиот весник „Иле“.
Се проценува дека оградата ќе чини неколку стотици милиони евра.
Шефот на одделот за меѓународна соработка на Граничната стража, Мати Питканити, претходно изјави дека агенцијата веќе почнала со дизајнирање на оградата.
„Тоа нема да биде само ограда, туку ќе има и систем за техничка контрола“, рече тој за време на летната дебата за пристапот на Финска во НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Би-би-си: Какви опции има Зеленски сега? Јасно е што сака Трамп

„Што може Зеленски да направи за да ја промени ситуацијата? Да му се извини на претседателот Трамп? Да го прифати договорот за минерали под какви било услови?“, прашува Би-би-си во коментар откако американскиот претседател Доналд Трамп ја прекина воената помош за Украина.
„Администрацијата на Трамп се чини дека го сака токму тоа – да ја префрли вината за тензиите врз Зеленски, обвинувајќи го дека не е доволно благодарен. Одлуката за замрзнување на помошта очигледно е обид да се изврши притисок врз украинскиот претседател да направи отстапки. Сепак, Зеленски веќе навести дека е подготвен на компромис.
Во едно минатогодишно интервју, тој рече дека може да прифати губење на териториите што веќе ги окупира Русија, доколку за возврат, неокупираните делови на Украина би можеле да се приклучат на НАТО. Овој месец, тој отиде чекор подалеку – велејќи дека би бил подготвен да се повлече од функцијата доколку за возврат на Украина и биде одобрено членство во НАТО.
Сепак, Трамп ја отфрли можноста Киев да стане дел од алијансата, а со тоа да се усогласи со позицијата на Москва. Што точно Трамп очекува од Русија, земјата која ја нападна Украина, останува непознато“, заклучува Би-би-си.
Соединетите Американски Држави ја прекинуваат воената помош за Украина неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп се судри со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба, потврди претставник на Белата куќа за Ројтерс.
„Претседателот јасно стави до знаење дека е фокусиран на мирот. Потребно ни е нашите партнери да бидат посветени на таа цел. Паузираме и ја разгледуваме нашата помош за да се увериме дека таа придонесува за решението“, рече претставникот.
Канцеларијата на Зеленски не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.
„Ова не е трајно прекинување на помошта, тоа е пауза“, цитира Фокс њуз претставник на администрацијата на Трамп. Блумберг објави дека е запрена испораката на целата американска воена опрема која моментално не е во Украина, вклучително и оружје во транзит на авиони и бродови или оние кои чекаат во транзитните области во Полска.
Европа
Првата реакција на Украина: Ова не го замислувавме ниту во нашиот најлош кошмар

Олександр Мережко, украински пратеник од партијата на претседателот Зеленски, рече дека е „шокиран“ од веста дека Соединетите Држави ја запираат воената помош за Украина.
Говорејќи за „Њуздеј“ на Би-би-си, тој рече: „Она што се случува е неверојатно. Ниту во моите најлоши кошмари не можев да замислам дека Трамп може да ја спречи воената помош за Украина во време кога ни е најпотребна“.
Мережко смета дека американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ги турка Украина и Европа настрана за да постигне договор со Русија.
„Мислам дека господинот Трамп треба сериозно да размисли како ќе остане запаметен во историјата. За мене ова е ден кој ќе остане во историјата како срамен“, заклучи тој.
Европа
Пет европски воени сили ја потврдија поддршката за Украина

Претставниците на Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Полска ја потврдија својата политичка и воена помош за Украина.
Членките на НАТО се собраа преку видео врска во форматот за одбранбена соработка на Групата пет водечки европски одбранбени сили.
„Сите се согласуваат дека (Украина) може да се потпре на континуираната и сеопфатна поддршка на Групата“, се вели во соопштението на германското Министерство по состанокот.
Состанокот беше свикан за кратко време по жестоката расправија меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа минатата недела.
Расправијата ги поттикна стравувањата дека Вашингтон би можел да ја повлече својата клучна поддршка за Киев, бидејќи односите меѓу САД и Русија почнаа да се подобруваат.
Следниот состанок на Групата пет одбранбени сили е закажан за 12 март во Париз. Целта на групата е да ја зајакне европската безбедносна и одбранбена подготвеност.