РЕ-Ново
Финските музичари бараат забрана за учество на Израел на Евровизија поради војната во Појасот Газа
Повеќе од 1.400 фински професионални музичари потпишаа петиција со која се бара забрана на Израел од годинешниот Избор за песна на Евровизија поради, како што велат, воените злосторства врз Палестинците во Појасот Газа.
Доколку Израел не биде исклучен од натпреварот, тие бараат од јавниот сервис да ја повлече апликацијата на Финска за најголемиот европски музички натпревар, чиј домаќин годинава ќе биде шведскиот град Малме.
Јавниот сервис го следи ставот на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), организатор на Изборот за песна на Евровизија.
Минатиот месец, исландските музичари поставија слични барања до радиодифузерот Рув.
Лукас Корпелаинен, еден од иницијаторите на петицијата, изјави за весникот Hufvudstadsbladet дека не е прифатливо Израел да „учествува на Евровизија за да го подобри својот имиџ“.
Меѓу потписниците има музичари што ја претставуваа Финска на претходните натпревари за песна на Евровизија.
Тие обвинуваат за двојни стандарди велејќи дека радиодифузерот бил меѓу првите што побарале Русија да биде забранета од натпреварот во 2022 година.
Еден ден откако Русија ја почна инвазијата на Украина во 2022 година, претставникот на финскиот јавен радиодифузер, Виле Вилен, рече дека нападот на Москва е „против сите вредности за кои се залагаат Иле и другите европски радиодифузери“.
Организаторот на Евровизија набргу потоа ѝ забрани на Русија да се натпреварува.
Вилен сега вели дека ситуацијата во Израел и Појасот Газа „не е сосема иста“ како руската агресија против Украина.
„Колку и да е страшно, тоа не е таков вид војна, што Русија ја почна против Украина“, изјави тој за финскиот таблоид „Илта-Саномат“ минатиот месец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска
„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата од областа на теоријата на литературата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска.
Во првиот (воведен) дел од овој труд авторката ја третира теоријата на романот, почнувајќи од историскиот развој до постмодерните и метафикциските парадигми. Се задржува на дефинирање на романот и неговото место во книжевната теорија, видовите и типологии на роман, теориските дијалози со романот и на концептите на фикцијата и метафикцијата.
Во вториот дел пишува за дескрипциите и моделите на македонски романи на преминот од ХХ во XXI век, осврнувајќи се на македонскиот роман и неговата класификација и на дескрипцијата на македонски романи во овој период. Потоа, во најобемниот дел од овој труд, се задржува на дескрипција на неколку романи, и тоа: „Нишан“ од Блаже Миневски, „Скриена камера“ од Лидија Димковска, „Братот“ од Димитар Башевски, „Тунел“ од Петре М. Андреевски, „Опишувач“ од Ермис Лафазановски, „Пророкот од Дискантрија“ од Драги Михајловски и „Сестрата на Сигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски.
– Романот е најинтересната проза за читање. Содржи доволно настани и ликови со кои како читател може во секое време да си направите дијалог, а во романот секогаш има доволно материјал за промисла и размисла. Македонскиот роман ги има токму овие карактеристики и можности за дијалог. Тој е тематско-мотивски разнообразен, од женски приказни одгледани во патријархално семејство и осудени од јавноста (`Тунел`), преку општествено неодговорни функционери и братска љубомора („Братот“), до потресни патишта за човечка, женска љубовна нереализираност и потиснатост под налетот на доминантниот брат („Сестрата на Сигмунд Фројд“), како и историски и верски теми завиткани во лични приказни („Пророкот од Дискантрија“), игри и дијалог со писателскиот занает и современиот свет во кој сите сè гледаат и слушаат („Скриена камера“ и „Опишувач“) или пак продуцираат реалност која е лажна и постои само во свеста на ликот („Нишан“). Тематска разнообразност беше едниот поттик за анализа, а вториот поттик беше разнообразноста во начинот на конструирањето на приказните. Првата деценија од веков беше само временската одредница во која сакавме да истражиме како се движи уметничкиот збор во романот. Се обидовме да покажеме чувствителност за различните автори и нивните поетики, да ги коментираме некои од слоевите во дискурсите, да ги обединиме во смисловна целина, во која постмодернистичкиот пристап им е доминантен, задржувајќи критичка дистанца и научна мерка – пишува Марина Димитриева-Ѓорѓиевска за овој свој труд
Марина Димитриева-Ѓорѓиевска ( 1978) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна завршила и магистерски и докторски студии. Оваа книга е адаптирана верзија на нејзиниот докторски труд.
Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024) и „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024).
Забава
„ГРИН-Џ – Winter Street Festival Caravan“ ја носи празничната магија во градовите во Македонија
Со весела атмосфера, зимскиот уличен фестивал „ГРИН-Џ – Winter Street Festival Caravan“ годинава започна со своето отворање во Битола и Делчево, означувајќи го почетокот на празничниот фестивалски караван која ќе патува низ повеќе градови низ државата од 20 до 30 декември.
Фестивалот е осмислен како подвижен, отворен и целосно бесплатен културно-забавен настан, кој ги активира јавните простори и ги претвора плоштадите, парковите и градските јадра во сцени за улична уметност, интеракција и семејна забава. „ГРИН-Џ“ носи празнична топлина и урбана енергија, создавајќи ново зимско искуство достапно за сите генерации.
По почетните настани, фестивалскиот караван продолжува од четврток, 25 декември, со својата програма низ повеќе општини и градови низ Македонија, сè до 30 декември. Во секоја локација, публиката ја очекува динамична програма, и вклучува улични уметници, акробати, жонглери, циркуски точки, пантомимичари, живи статуи, комичари, штулари, тематски костимирани ликови, улични музичари и интерактивни содржини за деца.
Распоред на „ГРИН-Џ – Winter Street Festival Caravan“
25 декември (четврток) • Општина Ѓорче Петров – 17:00–20:00 часот (Реонски парк)
26 декември (петок) • Ресен – 10:00–13:00 часот (Градски плоштад „Цар Самоил“) • Општина Ѓорче Петров – 17:00–20:00 часот (Реонски парк) • Струга – 17:00–20:00 часот (Плоштад)
27 декември (сабота) • Општина Ѓорче Петров – 10:00–13:00 часот (Реонски парк) • Веро Центар Скопје – 12:00–14:00 часот • Виница – 14:00–17:00 часот (Плоштад Ангел Винички) • Берово – 18:00–22:00 часот (Плоштад Димитар Беровски)
28 декември (недела) • Веро Центар Скопје – 12:00–14:00 часот • Прилеп – 13:00–17:00 часот (Плоштад) • Охрид – 18:00–22:00 часот (Плоштад)
29 декември (понеделник) • Крива Паланка – 12:00–14:00 часот (Плоштад) • Општина Центар – Дебар Маало (Боемска 1) – 13:00–16:00 часот
30 декември (вторник) • Крива Паланка – 11:00–13:00 часот (Плоштад) • Струмица – 14:30–18:00 часот (Плоштад)
Култура
„Џез под ламба“ повторно во Центар, магична божиќна атмосфера со Мартина Елиора и нејзиниот бенд
Општина Центар на 27 декември, со почеток во 19:00 часот, ќе го одржи настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанската амбасада.
Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во џез верзии на најпознатите новогодишни и божиќни песни во изведба на Мартина Елиора со нејзиниот бенд, но и да пробаат греано вино и печени костени.
„Ги поканувам сите љубители на добрата музика да ни се придружат и да ја споделиме божиќната атмосфера. Да ја продолжиме оваа навистина убава традиција, која му дава посебен и препознатлив шарм на Центар“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Настанот „Џез под ламба“ веќе трета година е дел од програмата за култура на Општина Центар, музички настан кој го промовира џезот и македонските изведувачи.

