Свет
Фон дер Лајен: Не може да биде во интерес на Русија да умираат луѓе од глад во светот
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен испрати покана до Москва за разговори, со цел да се овозможи извоз на украинска пченица која стои во пристаништата како резултат на руската поморска блокада.
„ Најважно е да се деблокира Црното Море. Ова е покана за Русија“, рече фон дер Лајен во интервју за „Ројтерс“ на маргините на Светскиот економски форум во Давос.
Таа оцени дека кризата со храна се приближува со полна брзина и дека е потребен некаков дијалог со Москва за да се „отклучат“ 20 милиони тони пченица блокирани во Украина.
„ Не може да биде во интерес на Русија луѓето да умираат од глад во светот поради Русија“, рече фон дер Лајен, додавајќи дека треба да се најде решение за да се создаде коридор за транспорт на храна.
Русија и Украина заедно учествуваат со речиси една третина во светската понуда на пченица, а Украина е и голем извозник на пченка, јачмен, сончоглед и масло од репка.
Фон дер Лајен оцени дека Европската унија треба да го зајакне сопственото земјоделско производство преку обезбедување бенефиции за земјоделците за други култури или да го зголеми производството на пченица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд
Будистичкиот манастир во централен Тајланд е под истрага по откривањето на 41 тело за кои се верува дека биле користени за специјална практика на медитација, соопшти полицијата.
Телата се откриени во саботата во манастирот Па Нахон Чаибоворн во централниот дел на земјата, соопшти полицијата, додавајќи дека кај секое тело биле пронајдени документи – потврда за смрт и потврда за донација тело.
Полицијата треба да провери кај семејствата на починатите дали доброволно ги дале телата.
„Сакаме да се увериме дека ниедно тело не е украдено“, соопшти полицијата.
Потрагата беше почната неколку дена откако полицијата во средата откри 12 тела во друг манастир во соседна провинција, објавија локалните медиуми.
Поглаварот на манастирот во провинцијата Фичит, каде што беа пронајдени 41 труп, Ајарн Саифон Фандито, рече дека употребата на труповите е дел од „техниката на медитација“ што тој ја развил.
„Многу од оние кои доаѓаат да учат се верници и сите овие монаси го пренесуваат тоа знаење. Не знам колку од нив ја прифатија мојата техника“, рече тој.
Поглаварот на манастирот рече дека „практичарите медитираат во павилјони во кои има ковчези со човечки останки“.
Полицијата во Фичит соопшти дека работи со властите во другите провинции за да утврдат дали оваа практика е широко распространета.
Овој метод на контемплативна медитација со трупови во различни фази на распаѓање се појавила во Тајланд во 18 век и била широко распространет до 20 век кога почнала да исчезнува.
Свет
Иран започнува нуклеарни преговори со три европски сили
Иран планира да одржи разговори за својата спорна нуклеарна програма со трите европски сили на 29 ноември во Женева, објави јапонската новинска агенција Кјодо, неколку дена откако Агенцијата за атомска контрола на ОН усвои резолуција против Техеран.
Иран одговори на резолуцијата предложена од Велика Британија, Франција, Германија и САД со, како што ги нарекоа владините претставници, различни мерки како што се активирање на бројни нови и напредни центрифуги, машини кои збогатуваат ураниум.
Кјодо известува дека владата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан бара решение за нуклеарниот ќор-сокак пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во јануари.
Висок ирански претставник потврди дека средбата ќе се одржи следниот петок, додавајќи дека „Техеран отсекогаш верувал дека нуклеарното прашање треба да се реши по дипломатски пат. Иран никогаш не ги напуштил преговорите“.
Во 2018 година, тогашната администрација на Трамп се повлече од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година со шест големи сили и повторно воведе строги санкции кон Иран, што го натера Техеран да ги прекрши нуклеарните ограничувања од договорот со потези како што се обнова на залихите збогатен ураниум, негово рафинирање и инсталирање напредни центрифуги за забрзување на производството.
Индиректните разговори меѓу администрацијата на претседателот Џо Бајден и Техеран да се обидат да го оживеат договорот не успеаја, но Трамп на кампањата во септември рече: „Мораме да се договориме, бидејќи последиците се невозможни. Мораме да се договориме“.
Свет
Песков го обвини Бајден дека ги поткопува мировните планови на Трамп за Украина
Москва ја обвини администрацијата во заминување на американскиот претседател Џо Бајден дека ги поткопува плановите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина.
„За време на изборната кампања, Трамп зборуваше дека сака да постигне мир на некој начин и ги водеше сите кон мирно решение“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руската телевизија.
„И сега прават се’ што можат за да ја ескалираат ситуацијата на таков начин што мировните договори се осудени на неуспех“, рече Песков.
Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, рече дека брзо ќе дејствува за да стави крај на војната меѓу Русија и Украина која трае повеќе од илјада дена. Сепак, тој се уште не кажал никакви конкретни планови.
Пред коментарите на Песков, Бајден ја овласти Украина да користи американски ракети со долг дострел ATACMS против воени цели во Русија. Бајден планира да прости и дел од долгот на Украина.
Песков рече дека администрацијата на Бајден покажала дека ќе направи се за да не заврши оваа војна и дека сакаат да го ограничат Трамп и му се одмаздуваат поради изборниот пораз.