Свет
Франција, Велика Британија и Германија не сакаат да го запрат конфликтот во Украина, оценува Русија
Франција, Велика Британија и Германија не сакаат да го запрат конфликтот во Украина, туку се обидуваат да го пролонгираат, изјави за ТАС рускиот заменик-министер за надворешни работи, Александар Грушко.
„Очигледно е дека овие земји се обидуваат да го продолжат конфликтот. Ако го отстраниме вербалното пакување, во кое ги презентираат своите политички потези, нивната главна цел е пораз на Русија на бојното поле, меѓународна изолација, економско задушување и промена на режимот. Во сите овие области тие доживеаа целосен неуспех, но тоа не ја намалува нивната решителност да ги постигнат своите цели“, рече Грушко.
Тој додаде дека овие три земји имаат намера да извршат притисок врз Русија во врска со предлогот на претседателот Владимир Путин за преговори во Истанбул. Тој исто така рече дека е тешко да се коментираат ставовите на европските политичари бидејќи, според него, „тие се менуваат брзо и често“.
„Пред три недели тие го кажаа сосема спротивното. Ќе ве потсетам дека францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција не поддржува кревко примирје. 30-дневно примирје, не е ли тоа кревко? Значи, денес велат едно, утре друго“, рече Грушко, пренесува „Танјуг“.
Според него, европските земји во голема мера го следат политичкиот правец што доаѓа од Соединетите Американски Држави.
„Бродот на Европската Унија сега плови под едрата што ги движат ветровите од Запад“, рече тој. Сепак, Грушко истакна дека гласовите на разумот се слушаат сè повеќе и повеќе во Европа. „Тоа можевме да го забележиме за време на одбележувањето на 80-годишнината од големата победа. Верувам дека ќе има сè повеќе и повеќе такви гласови“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ОН свикаа итна седница на Советот за безбедност по нападите врз Иран
Советот за безбедност на ОН свика итна седница по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.
Седницата, која треба да почне во 16 часот (21:00 по Гринич), ќе биде посветена на „ситуацијата на Блискиот Исток“, соопштија Обединетите нации.
Средбата беше побарана од Франција и Бахреин, според израелската делегација во светската организација.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.

