Европа
Франција ќе ги олеснува рестриктивните мерки во три фази
Франција ќе почне со олеснување на карантинот во три фази, во следните недели, за да се избегне ново ширење на епидемијата, соопшти владата.
Претседателот Емануел Макрон ќе се обрати пред нацијата во вторник во врска со состојбата со пандемијата и може да објави делумно олеснување на ограничувањата, кои се на сила од 30 октомври.
„Емануел Макрон ќе ги претстави изгледите за неколку недели, особено како да ја прилагодиме нашата стратегија. Прашањето е како да се прилагодат мерките за карантин за подобрување на здравствената состојба, но исто така и да се избегне ново избивање на епидемијата“, изјави портпаролот Габриел Атал.
„Ќе има олеснување на мерките во три фази, со оглед на здравствената состојба и ризиците поврзани со некои компании: првата фаза околу 1 декември, потоа пред празниците кон крајот на годината, а потоа и од 1 јануари 2021 година“, додаде Атал.
Макрон рече дека вториот карантин во земјата, кој започна на 30 октомври, ќе трае најмалку четири недели. Ограничувањата вклучуваат затворање продавници кои не продаваат неопходни работи, ресторани и барови.
Со недамнешните податоци кои покажуваат дека Франција е на пат да го запре наглото зголемување на зараза со коронавирус, владата е под притисок на продавниците и компаниите да ги ублажат ограничувањата на време за сезоната на божиќни купувања, што за многу трговци е најважниот дел од годишниот промет.
„Се обврзавме да им дозволиме повторно да се отворат околу 1 декември, доколку се подобри здравствената состојба, што се чини дека се случува“, рече Атал.
Баровите и рестораните, сепак, ќе имаат ограничувања, додаде тој.
Министерoт за здравство, Оливие Веран, во четвртокот рече дека Франција ќе ја добие борбата против коронавирусот, но тоа е битка што ќе трае, и предупреди дека затворањето не е завршено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.