Свет
Хакери ја прекинаа дистрибуцијата на голем број американски весници

Странски хакери ги нападнале софтверите на весникот „Лос Анџелес Тајмс“ и на неколку други американски весници, предизвикувајќи одложување на продукцијата и проблеми со нивната дистрибуција, објави „Раша тудеј“.
Сајбер нападот, како што се наведува, почнал во четвртокот доцна вечерта и не можел веднаш да биде решен. Поради тоа во текот на вчерашниот ден дошло до доцнење во продукцијата и испораката на весниците, изјавил извор упатен во истрагата за весникот „Лос Анџелес Тајмс“.
Нападот доаѓа од странски субјект кој има за цел да ја оневозможи инфраструктурата, поточно серверите, а не да ги украде податоците, објаснил изворот на весникот.
Детаљите за тоа каде се наоѓаат хакерите остануваат нејасни.
Според информациите, хакерите успеале да ги исклучат клучните софтверски системи што ги чуваат вестите, фотографиите и административните информации. Попречувањето го наруши процесот на печатење, предизвикувајќи доцнење на објавата на документите.
Покрај „Лос Анџелес Тајмс“, погодени се и „Сан Диего Унион-Трибјун“, „Чикаго Трибјун“, и неколку други весници. Сите тие ги делат софтверските системи на медиумската компанија „Трибјун Паблишинг“, која претходно ја поседуваше „Лос Анџелес Тајмс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нов Зеланд воведува даноци за странски туристи на најпознатите природни локации

Нов Зеланд планира да почне да им наплаќа влезници на меѓународните туристи за своите познати природни места и да им го олесни работењето на бизнисите на заштитено земјиште, како дел од контроверзниот предлог за „ослободување“ на растот во еколошки и културно заштитените подрачја.
Посетителите ќе плаќаат до 40 новозеландски долари за пристап до одредени атракции во наредните години, како дел од реформата на законите за заштита на природата.
Владата планира да им наплаќа на странските посетители 20-40 новозеландски долари (12-24 американски долари) по лице за пристап до некои места.
Овие такси би биле воведени од 2027 година, пишуваат медиумите.
Министерката за заштита на природата, Тама Потака, рече дека овие такси би можеле да донесат 62 милиони новозеландски долари годишно, „за да можеме да продолжиме да инвестираме во локациите што ја формираат основата на голем дел од нашиот туристички сектор“.
Најавите на владата се дел од поширока реформа на законите за заштита на природата, што исто така ќе ја олесни продажбата или размената на заштитено земјиште и ќе овозможи спроведување на повеќе активности во заштитените подрачја без потреба од дозвола.
„Во духот на давање зелено светло за повеќе работни места, поголем раст и повисоки плати“, владата ќе „ослободи нов бран концесии“, вклучително и во туризмот, земјоделството и инфраструктурата на одредени локации, изјави премиерот Кристофер Лаксон во саботата.
Заштитеното земјиште е јавна сопственост и сочинува една третина од територијата на Нов Зеланд. Опфаќа области со биодиверзитет, историско или културно значење.
Свет
Почина поранешниот претседател на Романија, Јон Илиеску

Поранешниот претседател на Романија, Јон Илиеску, почина денес на 96-годишна возраст, објави претседателот на Социјалдемократската партија (ПСД), Сорин Гриндану.
На почетокот на јуни, Илиеску беше примен во болница, каде што беше опериран од рак на белите дробови, а во текот на последните неколку дена неговото здравје брзо се влоши. Според медицинските извештаи, неколку органи откажаа, објавува „Аѓерпрес“.
Јон Илиеску беше претседател на Романија двапати од 1990 до 1996 година и повторно од 2000 до 2004 година. Тој беше првиот посткомунистички претседател на Романија по револуцијата во 1989 година, во која одигра водечка улога.
Илиеску беше лидер на Националниот фронт за спас, кој подоцна прерасна во Социјалдемократска партија. За време на неговиот мандат, Романија стана членка на НАТО и започна преговори за пристапување кон Европската унија.
Фото: принтскрин
Свет
Лидерот на Хезболах: Ако војната со Либан продолжи, ракети ќе паѓаат врз Израел

Лидерот на Хезболах, Наим Касем, денес му се закани на Израел дека „ракети ќе паѓаат“ врз таа земја ако војната против Либан продолжи. Тој додаде дека Хезболах, либанската армија, како и либанскиот народ, ќе продолжат да се бранат доколку Израел започне „агресија од големи размери“.
„Нашата одбрана ќе предизвика ракети да паѓаат врз ентитетот Израел, а целата безбедност што ја изградија осум месеци ќе се распадне за еден час“, рече Касем, објави Ројтерс.
Израелската војска минатата недела изврши неколку воздушни напади врз инфраструктурата на Хезболах за производство и складирање на стратешко оружје во јужен Либан и источната долина Бека. Беше објавено дека оваа армија ги смета активностите на Хезболах за кршење на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан.
Фото: ЕПА