Свет
Хамас ги повикува сите во Газа да им го предадат расположливото гориво на болниците
Министерството за здравство во Газа, кое го водат милитантите на Хамас, денеска ги повика сите што имаат каква било количина гориво да го достават до здравствениот комплекс „Ал Шифа“ и до индонезиската болница.
„Ал-Шифа“ е најголемиот медицински комплекс во Појасот Газа, а индонезиската болница се наоѓа на север од енклавата, која е под силно израелско бомбардирање, пренесува „Ал џезира“.
Во вторникот директорот на индонезиската болница изјави за „Ал џезира“ дека објектот може да биде затворен во рок од 24 часа поради недостиг на гориво бидејќи Израел воведе целосна опсада на Газа.
Тој рече дека болницата работи во тешки услови и надвор од своите капацитети и дека само вчера попладне примила повеќе од 400 повредени лица во израелското бомбардирање на бегалскиот камп „Џабалија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија има сила повторно да го нападне Киев, изјави Зеленски за АФП
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.
Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.
Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.
„Русите можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право“, вели Зеленски.
Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.
„Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина“, истакна Зеленски.
Регион
Пленковиќ, хрватскиот премиер кој доби трет мандат најави прва седница за понеделник
Откако хрватскиот Сабор вчера ја поддржа 16. Влада на Република Хрватска, а третата предводена од лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ, тој во изјава за медиумите рече дека првата седница на новата Влада ќе биде во понеделник и најави продолжување на посветената работа во интерес на хрватскиот народ.
„Благодарам на мнозинството во хрватскиот Сабор што ни ја укажа довербата да станеме Влада на Република Хрватска по трет пат и ние, како што правевме претходните осум години, посветено ќе работиме во интерес на хрватскиот народ, сите наши сограѓани, економијата, врската меѓу татковината и иселениците Хрвати и да спроведеме програма врз основа на која ја добивме довербата на хрватските гласачи“, рече Пленковиќ откако Собранието гласаше за неговата трета Влада
Тој им се заблагодари на сите партнери кои ја поддржаа Владата.
Пратениците во хрватскиот Сабор вчера гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ.
За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Свет
Убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец
Вчера од вооружени лица во централен Авганистан се убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец, а четворица странски државјани и тројца Авганистанци се ранети, соопшти талибанското Министерство за внатрешни работи.
Според светските агенции не е позната националноста на туристите, ниту кој го извршил нападот за кој што се уапсени четири лица.