Свет
Хамнеи: Искуството покажа дека преговарањето со Америка не е ниту мудро ниту чесно

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, денеска изјави дека искуството покажало оти преговарањето со Соединетите Американски Држави „не е паметно, мудро или чесно“.
Хамнеи ја коментира изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во средата рече дека би сакал да постигне нуклеарен договор со Техеран, пренесе „Ројтерс“.
За време на својот прв мандат во 2018 година Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година и повторно воведе санкции што ја погодија иранската економија.
По овие мерки, Техеран почна да ги крши ограничувањата поврзани со нуклеарната програма од договорот, според медиумот.
Сепак, висок ирански функционер за „Ројтерс“ изјавил дека Иран е подготвен да им даде шанса на САД да ги решат разликите, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Млад маж избол купувачи пред познат супермаркет: драма во Германија

Жена (59) и млад маж (18) беа избодени со нож во напад што се случи синоќа пред супермаркет во Германија.
Неименуван млад маж (23) неочекувано нападнал жена која излегувала од супермаркетот „Алди“.
Според локалните медиуми, осомничениот дошол во тој супермаркет порано попладнето од каде бил отстранет од засега непознати причини.
„Еден од вработените го замоли да ја напушти продавницата. Младиот човек си замина, но се врати околу 18:45 часот и седна пред влезот на продавницата“, изјави портпаролката на полицијата Сара Мурао.
Додека жената (59), која пазарувала за Велигден, тргнала да ја напушти продавницата, осомничениот скокнал и ја избол неколку пати, нанесувајќи ѝ тешки телесни повреди.
„Девојката која исто така пазарувала и која пакувала работи во багажникот на својот автомобил го видела нападот и почнала да вреска и да вика за помош“, изјавила портпаролката на полицијата.
Слушајќи ги вресоците, еден млад човек (18), кој работи во соседната продавница, истрчал да ѝ помогне на жената која била избодена, а потоа и самиот се здобил со сериозни повреди, бидејќи осомничениот почнал да го прободува и него.
Граѓаните кои се нашле на местото на настанот ја повикале полицијата и го задржале напаѓачот додека не пристигнала патролата. Мотивите за нападот засега се непознати.
Повредените се префрлени во болница и се во тешка состојба, пренесуваат медиумите во регионот.
Свет
Трамп ѝ се закани на Кина со царини до 245 проценти; Кина: Бесмислена игра со броеви, одиме до крај

Кина ги отфрли најновите најави за зголемување на американските царини, нарекувајќи ги заканите на администрацијата на Доналд Трамп „бесмислена игра на бројки“. Претседателот Трамп воведе нови царини за стоки од голем број земји и региони минатата недела. Трамп тврдеше дека царините се неопходни за да се вратат работните места во САД и да се запре „неправедното“ оданочување на американските производи.
Иако администрацијата подоцна ги повлече повеќето од царините, најавувајќи 90-дневна пауза, зголемената царина за кинеските стоки остана во голема мера недопрена, дополнително ескалирајќи ја трговската војна што Трамп ја започна против втората по големина економија во светот во неговиот прв мандат.
Белата куќа подоцна појасни дека критичните електронски производи произведени во Кина ќе бидат репатрирани со царина од 20%. Во вторник, Белата куќа објави брифинг-документ во кој се сугерира дека царините за одредени кинески производи би можеле да се зголемат за дури 245%, „како одговор на контрамерките на Кина“. Во истата изјава е најавена и истрага за националната безбедност за зависноста на САД од странски извори на клучни минерали, при што Кина е главен производител на ретки земни метали и други суровини важни за американските синџири на снабдување.
Еден ден подоцна, портпарол на кинеското Министерство за трговија го отфрли најавеното зголемување на царините, велејќи им на новинарите дека потегот „целосно разоткрива колку ирационални станале САД во инструментализирањето на царините“.
„Кина постојано го искажуваше својот став за едностраните американски царини, а ние целосно ја игнорираме бесмислената игра со броеви на Америка“, рече кинескиот функционер. Тој додаде дека Кина ќе преземе „контранапади“ и „ќе ја издржи трговската војна до самиот крај“ ако Вашингтон продолжи да ги „крши правата и интересите на Кина“.
Свет
Иран: „Целиот наш воен потенцијал е подготвен“

Техеран е подготвен да се одбрани од какво било мешање и закани, а целиот воен потенцијал е подготвен да ја одбрани земјата, изјави синоќа иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи.
„Целиот наш воен потенцијал е подготвен да ја брани земјата, немаме намера да станеме закана за регионот околу нас, но решително ќе се браниме од секоја закана и секое посегнување“, рече Аракчи на прием во иранската амбасада во Москва по повод Денот на иранската армија, пренесе РИА Новости.
Иранскиот министер ја даде оваа изјава во екот на подготовките за втората рунда индиректни преговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави за иранската нуклеарна програма, како и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека доколку нема договор, Иран треба да очекува „невидено бомбардирање“.
Аракчи вчера пристигна во посета на Москва, а претходно се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, на кого му пренесе порака од врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.
Според Аракџи, со рускиот лидер биле разгледани индиректните преговори меѓу Иран и САД, како и голем број други прашања. Шефот на иранското Министерство за надворешни работи денес ќе разговара со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Индиректни разговори меѓу претставникот на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, се одржаа на 12 април во главниот град на Оман, Мускат.
Според специјалниот пратеник на американскиот лидер, разговорите биле позитивни и конструктивни. Аракчи, исто така, ја опиша атмосферата на овие разговори како конструктивна и мирна, а по разговорите објави дека втората рунда преговори меѓу Иран и САД ќе се одржи во сабота, на 19 април.