Свет
Хантер Бајден обвинет за даночна измама, се соочува со 17 години затвор: Не сум виновен
Хантер Бајден, син на американскиот претседател Џо Бајден, вчера, пред федералниот суд во Лос Анџелес се изјасни за невин по обвиненијата за затајување данок што произлегуваат од неговите деловни зделки, што ја поттикна истрагата за импичмент на татко му.
Судијата закажа судење за 20 јуни, а доколку биде прогласен за виновен, Хантер се соочува со затворска казна до 17 години.
Бајден Јуниор не им се обрати на новинарските екипи и демонстрантите, кои чекаа пред судот по сослушувањето. Адвокатот Абе Лоуел рече дека неговиот клиент ги вратил даноците и го гонат поради познатото презиме.
Хантер Бајден (53) е обвинет дека не платил најмалку 1,4 милион долари федерални даноци од 2016 до 2019 година, а од друга страна, потрошил милиони долари на екстравагантен начин на живеење вклучувајќи дрога, ескорт-дами и луксузни автомобили.
Неговата „добра заработка“ како член на управен одбор на украински индустриски конгломерат и кинески приватен капитал е апострофирана. Но, како што му се зголемувале приходите, така се зголемувале и трошоците, па само во 2018 година, според обвинението, потрошил повеќе од 1,8 милион долари, но ништо од тоа за плаќање данок.
Хантер претходно се соочуваше со обвиненија за затајување данок, а агенцијата исто така потсетува дека во одделен случај во Делавер тој се изјаснил за невин по обвинението дека лажел за неговата употреба на дрога кога купил пиштол. Доколку биде прогласен за виновен, таквите обвиненија носат до десет години затвор.
Републиканците во Претставничкиот дом го обвинуваат Хантер за непочитување на Конгресот затоа што одбил да сведочи зад затворени врати во нивната истрага за импичмент на татко му.
Хантер Бајден изрази подготвеност јавно да сведочи, но претставниците го одбија. Инаку, тој во средата неочекувано се појави на рочиштето во Претставничкиот дом, на кое се разгледуваа обвинувањата за непослушност.
Републиканците се фокусираа на деловното вклучување на Хантер Бајден со компании во Украина и Кина додека татко му беше потпретседател на Соединетите Американски Држави од 2009 до 2017 година.
Досега не успеаја да изнесат докази за незаконските постапки на претседателот Џо Бајден.
Синот на претседателот, кој јавно зборуваше за својата зависност, никогаш не бил на позиција во Белата куќа или во кампањата на татко му, забележува „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рјабков: Русија нема доверба во НАТО
Геополитичките проекти со НАТО сега се невозможни, Москва нема доверба во Алијансата и кај нас предизвикува политичка и емотивна одбивност, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивна одбивност“, рече Рјабков во интервју за ТАСС.
Тој посочи дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на еднаква основа“.
„Големиот евроазиски простор, концептите на евроазиската безбедност, се она што доаѓа во центарот на вниманието на архитектонските проекти во однос на политиката и геополитиката. Според нас, тоа е она на што пред се треба да се фокусираме“, посочи Рјабков.
Свет
Ирански командант: Три европски земји ќе одговараат за помошта кон Израел
Командантот на силите Кудс, Есмаил Кани изјави дека трите европски земји кои ги распоредија своите воени авиони за да го одбранат Израел од одмаздничката операција организирана од Иран ќе одговараат.
– Франција, Германија и Велика Британија не треба да мислат дека распоредувањето на авионите таа ноќ е крај на проблемот. Да, таа ноќ заврши, но ќе одговорат во догледно време – изјави бригадниот генерал Есмаил Кани.
Според него, Соединетите Американски Држави и целата западна воена алијанса на НАТО придонеле со сите свои воени капацитети за одбрана на Израел од иранската операција „Вистинско ветување“, пренесува иранската агенција „Тасним“.
– Седум или осум поморски групи се распоредени во Црното Море за да се спречи (иранската) операција – рече тој, додавајќи дека во таа операција се вклучени и повеќе од 200 авиони.
Кани оцени дека Иран ја покажа својата сила, непоколебливост и моќ на целиот свет при нападот на територијата на Израел.
– Победата на операцијата „Вистинско ветување“ не е ограничена само на бројот на ракети и беспилотни летала кои стигнаа до окупираните територии – рече Кани и ги повика земјите од регионот да учат од, како што наведе, „неспособноста на САД да го заштитат израелскиот режим за време на иранската операција“ и да не се потпираат на Вашингтон.
На 13 април Техеран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск на 1 април, кога беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда.
Иран тврди дека нападот „Вистинско ветување“ предизвикал голема штета на израелските воени бази.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.