Свет
ХРВ: САД им продаваат оружје на три земји што ги кршат човековите права
Администрацијата на Џо Бајден подготвува договори за продажба на оружје на најмалку тројца кршители на човековите права, вклучувајќи го и Египет, иако вети дека ќе ги стави човековите права во центарот на својата надворешна политика, вели претставник на „Хјуман рајтс воч“ во коментар за „Вашингтон пост“.
На почетокот на годинава американската влада предизвика силни критики откога одобри продажба на ракети во вредност од 197 милиони долари на Египет и покрај сериозните кршења на човековите права од страна на владата. Продажбата на оружје беше објавена еден ден откако беа уапсени роднини на поранешниот политички затвореник и американски државјанин Мохамед Солтан.
Згора на тоа, пишува претставникот на „Хјуман рајтс воч“, САД продолжија да му даваат годишна воена помош на Египет од 1,3 милијарда долари, што предизвика жестока дебата со активистите за човекови права, кои прашуваат зошто САД ѝ даваат толку многу пари на една од најрепресивните земји во светот.
Во април годинава 14 организации за човекови права испратија писмо до американската влада со барање да не го користи дискреционото право за воена помош за Египет, како што тоа го правеа поранешните претседатели Обама и Трамп.
„Продажбата на оружје и 1,3 милијарда долари годишна безбедносна помош за Египет продолжуваат и покрај долгогодишното влошување на условите со човекови права под претседателот Абдел Фатах Ал-Сиси од веројатни воени злосторства и долготрајна воена кампања во северен Синај до илјадници произволно затворени неистомисленици подложени на тортура и друго лошо постапување“, напиша Елиса Епштајн.
Администрацијата на Бајден исто така предложи продажба на оружје во вредност од над 2,5 милиона американски долари на Филипините помалку од две недели откако обвинителот на Меѓународниот кривичен суд побара отворање формална истрага за злосторства против човештвото поврзани со бруталната војна на Филипините против дрогата, вели Епштајн.
Покрај тоа, САД му одобрија на Израел прецизно наведувано оружје во вредност од 735 милиони американски долари и покрај неодамнешното бомбардирање на Појасот Газа кога користеше прецизно водена муниција за уништување домови.
„Американската влада не може да тврди дека ги промовира човековите права додека им продава напредно оружје на владите што ги злоупотребуваат правата. Тоа не само што го поткопува кредибилитетот на Бајден, туку исто така го нарушува почитувањето на човековите права во целиот свет“, напиша Епштајн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Јенс Столтенберг: Украина се уште може да ја добие војната против Русија
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Украина се уште може да победи во војната против Русија, но дека сојузниците ќе мора повеќе да се ангажираат за Киев да ја добие поддршката што ја вети Алијансата.
Во четвртокот, на состанокот на непрофитната организација „Атлантски мост“ во Берлин, Столтенберг рече дека членките на НАТО сега треба да го претворат она што и го ветија и обврзаа на Украина во итна испорака на оружје и муниција, објави Киев Индипендент.
„Во последните месеци, членките на НАТО не ја дадоа поддршката што ја ветија“, рече Столтенберг.
Свет
Во Аргентина откриен нов вид диносаурус
Аргентинските палеонтолози објавија дека откриле нов вид диносаурус, наречен Chakisaurus nekul, кој живеел пред околу 90 милиони години во областа на денешна Патагонија.
Chakisaurus nekula е тревојаден диносаурус со средна големина, а фосилот е пронајден во природниот резерват Пуебло Бланко, во јужната провинција Рио Негро, каде што претходно биле пронајдени бројни остатоци од други диносауруси, цицачи и риби.
Се смета дека најголемиот чакисаурус достигнал големина од три метри во должина и 70 сантиметри во висина, а новите студии покажуваат дека овој тип на диносаурус трчал брзо и имал невообичаено закривена опашка, наведува Ројтерс.
Свет
Израел е подготвен да прифати ослободување на помалку од 40 заложници, пишуваат медиуми
Израел е подготвен да го ублажи барањето од Хамас и да ослободи 40 заложници во замена за привремен прекин на огнот во Појасот Газа, откако палестинската милитантна група ја одби понудата подготвена од преговарачите од Катар, Египет и САД, пишува The Times of Israel повикувајќи се на израелски портали.
Воениот кабинет на Израел сега е подготвен да прифати ослободување на само 20 заложници во првата фаза од договорот под услов жените, мажите над 50 години и тешко болните да бидат ослободени, а кабинетот во четвртокот го овласти преговарачкиот тим на Израел да разговара за повеќе флексибилен пристап со египетската делегација, која денеска во Тел Авив ќе има дополнителни разговори, објави израелската веб-страница Инет.
Неименуван висок израелски функционер подоцна изјави за веб-страницата дека Израел всушност се согласил да ослободи 33 заложници, а веб-страницата наведе дека Хамас инсистирал бројот на ослободените заложници да биде приближно 20.
Претходниот предлог вклучуваше ослободување на 40 заложници во тие категории, но Хамас рече дека нема толку многу жени, мажи над 50 години и тешко болни кои се уште се живи.