Свет
Црвениот крст потврди дека не се соочува со никакви ограничувања од талибанците
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) е во контакт со талибанците и не се соочува со никакви ограничувања во својата работа по преземањето на Кабул од страна на милитантната група, пренесува ТАСС.
„Повеќе од 1.800 работници на МКЦК остануваат во Авганистан. Долго време работевме со талибанците и имавме контакти со локалните команданти и највисокото раководство, па ја продолжуваме оваа работа.
Постои разбирање за пристап до местата каде што е потребна нашата помош. Немаме никакви ограничувања за нашата работа. Единствениот проблем е можеби безбедноста, па поради судирите не можеме да добиеме пристап до одредено место“, изјави Ихтијар Асланов, кој ја предводи регионалната делегација на МКЦК.
Тој посочи дека продолжуваат да им помагаат на сите луѓе во земјата што имаат потреба.
„Сега имаме пристап во целата земја. И нашата хуманитарна активност се прошири. Многу Авганистанци ги загубија своите домови и бараат безбедно место во земјата, на многумина им е потребна медицинска помош. Нашите колеги продолжуваат да работат во тој контекст обезбедувајќи лекови и медицинска опрема за локалните болници во оддалечените места“, нагласи Асланов.
Шефот на делегацијата на МКЦК додаде дека сега развојот на настаните во Авганистан се одвива бргу и истакна дека кога се работи под овие услови, секогаш треба да се има на ум дека постојат опасни случаи.
„Нашите колеги работат со сите страни за да ја гарантираат безбедноста на нашите вработени“, објасни тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Блинкен пристигнува во Израел, седми пат од почетокот на војната
Американскиот државен секретар во вторник ќе го посети Израел, седми пат по нападот на палестински Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и војната што следеше со израелскиот одговор во Појасот Газа.
Јавниот сервис Кан објави дека Блинкен ќе дојде во Израел за да разговара за најавената операција на израелската армија во Рафах, како и за напорите да се обезбеди пауза во борбите и да се ослободат повеќе од 100 заложници кои ги држеше Хамас.
Блинкен моментално е во посета на Кина.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Европа
Уапсен украински министер
Украинските антикорупциски тела денеска го уапсија министерот за земјоделство Микола Солски. Судот на министерот му изрече превентивна мерка притвор во траење од 60 дена, до 24 јуни. Сепак, Солски ќе биде ослободен од притвор доколку плати кауција од 75,7 милиони гривни (околу 1,7 милиони евра).
Обвинителството побара притвор поради ризик од попречување на истрагата, влијание врз сведоци и бегство. Тие истакнаа дека Солски во текот на вонредната состојба неколку пати ја минувал границата.
Адвокатот одговори дека Солски ја преминал границата поради службени патувања, освен во еден случај кога заминал на договорено отсуство. Тој се осврна и на тоа дека Солски како функционер може да патува во странство само со согласност на премиерот. Тој исто така изјави дека нема докази дека Солски би можел да се меша во истрагата или да влијае на сведоците.
Солски вчера понуди оставка откако беше осомничен за вмешаност во незаконско стекнување државно земјиште. Обвинителите тврдат дека Солски бил фатен дека поседува државно земјиште во вредност од 291 милион гривни и дека се обидел да добие друго земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски ги негира обвиненијата, за кои обвинителите велат дека се однесуваат на настани од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година. Солски е еден од најбогатите функционери во администрацијата на претседателот Володимир Зеленски.
Ако плати кауција, ќе мора да ја предаде својата обврзница на властите и нема да му биде дозволено да разговара со други осомничени и сведоци во случајот.