Свет
Чешка по неколку години го враќа својот амбасадор во Русија

Чешката Република ќе го врати својот амбасадор во Москва во следните неколку месеци, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на земјата.
Како што пренесува Политико, Чешка ќе го врати својот амбасадор во Русија по неколкугодишна пауза.
Дипломатските односи меѓу Прага и Москва се влошија во 2021 година, кога чешките разузнавачки служби ја потврдија вмешаноста на Русија во серија експлозии во чешките магацини за муниција во Врбетица во 2014 година, кога двете земји го намалија бројот на дипломати во нивните амбасади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Грција ја зафати невидено невреме, уништени омилените туристички места

Страшното невреме што ја зафати Грција речиси инстантно ги уништи омилените места за одмор во таа земја. Некои од најубавите грчки острови се на удар на многу силно невреме, најтешко се погодени Миконос и Парос, а после невремето владее хаос.
Парос вчера попладне го зафати силен дожд кој за неверојатно краток временски период ги претвори улиците во реки. Водата носеше автомобили, влегуваше во домовите носејќи се пред себе.
Врнеше со часови, а спасувачите многу тешко интервенираа. Припадниците на противпожарната служба добиле стотици повици за помош.
Припадниците на Секторот за вонредни ситуации биле испратени на островот со хеликоптер, кој на крајот не можел ниту да слета поради ужасните временски услови. Во меѓувреме, граѓаните добија итна СМС порака да избегнат какво било движење бидејќи временските услови беа исклучително опасни. Во исто време беше донесена одлука во вторник да нема настава во училиштата.
Само неколку часа откако Парос беше зафатен од невремето, истата судбина го снајде и Миконос. Силен дожд, ветер и град го погодија островот создавајќи хаос. Патиштата и овде се претворија во реки кои носат автомобили, контејнери и се што се наоѓа на патот.
Во некои области нивото на водата беше високо повеќе од еден метар, оставајќи многу семејства заробени во своите домови, а спасувачите не можеа да дојдат до нив.
Метеоролозите велат дека вчера на Парос наврнало колку што врне дожд за еден месец, додека на Миконос наврнала количина колку за два месеци. За среќа, нема многу луѓе на островите, а се верува дека ситуацијата би била многу подраматична доколку ова се случеше за време на велигденските празници, кога сè е раздвижено од луѓе.
Метеорологот Јоргос Катрафилијас вели дека во тој случај и итна СМС порака до граѓаните би била недоволна да ги заштити.
„СМС не е доволна доколку луѓето не се обучени како да реагираат и да се справуваат со вакви екстремни ситуации“, вели метеорологот.
Свет
САД и Данска планираат разговори за Гренланд. „Се може да се откаже“

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен треба да се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио оваа недела на првите разговори на високо ниво по реизборот на претседателот Доналд Трамп и неговото ветување дека ќе ја „преземе контролата“ врз Гренланд, објави Фајненшл тајмс.
Изгледите за такви разговори доаѓаат во време на тензии меѓу двете земји поради интересот на САД да ја преземат контролата врз Гренланд, арктичкиот остров што Данска го контролира од 1721 година.
Состанокот е планиран на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел што треба да започне во четврток, објави весникот, цитирајќи двајца официјални претставници запознаени со подготовките.
Сепак, официјалните лица предупредија дека целиот настан може да биде откажан поради затегнатите односи меѓу Копенхаген и Вашингтон, се додава.
Данскиот премиер Мете Фредериксен ќе го посети Гренланд од 2 до 4 април на разговори со новата влада на полуавтономната територија само неколку дена по посетата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
За време на своето патување, Венс ја обвини Данска дека не прави добра работа за одржување на безбедноста на островот и сугерираше дека Соединетите држави подобро ќе го заштитат стратешки лоцираниот остров.
Европа
Од утре нови правила за Европејците за влез во Обединетото Кралство

На европските граѓани кои патуваат во Обединетото Кралство од утре ќе им треба дигитална пропусница за да влезат во земјата, што според британската влада ќе ја зајакне безбедноста на границите.
Електронското овластување за патување (ЕТА) може да се купи онлајн за 10 фунти (12 евра) во наредните денови, а од 9 април цената ќе се зголеми на 16 фунти (19 евра).
Дозволата ќе биде задолжителна за сите Европејци кои сакаат да ја посетат Велика Британија од 2 април, откако истата пропусница беше воведена во јануари за граѓаните на САД, Канада и други земји на кои не им е потребна виза.
Слична дозвола за влез во земјата имаат и САД.
„Со дигитализирање на системот за имиграција, го отвораме патот за бесконтактни гранични премини во ОК“, рече министерката за миграција Сема Малхотра претходно овој месец, кога беше отворена веб-страницата за првите апликации.
Таа додаде дека проширувањето на ЕТА во земјите ширум светот „ја зајакнува посветеноста за подобрување на безбедноста преку технологија и иновации“.
Документот дозволува посети до шест месеци и важи две години. Тоа е задолжително за сите патници, вклучително и малолетни и новороденчиња.
Пропусницата може да се добие од апликација за паметни телефони или од владината веб-страница, а на Европејците им е достапна од почетокот на март.
Почнувајќи од среда, граѓаните на околу триесет европски земји, вклучително и целата ЕУ со исклучок на Ирска, ќе треба да имаат електронска дозвола за влез во Обединетото Кралство, кое ја напушти ЕУ во 2020 година. Апликантот мора да приложи фотографија од пасош и од лицето. Процесот трае околу десет минути, информираат од британското Министерство за внатрешни работи.
Во повеќето случаи, одлуката за апликацијата се носи во рок од неколку минути, но можно е да се чека и до три работни дена, велат од Владата.
Доколку апликацијата се обработи успешно, ЕТА е дигитално поврзана со пасошот на апликантот.
Патниците кои претстојуваат на аеродроми без да ја поминат границата со ОК се ослободени од оваа програма. Ова беше направено по притисокот од Хитроу, најпрометниот аеродром во Европа, кој стравуваше од губење на бројот на патници.