Свет
Чешки тренер по стрелање во неверување: „Убиецот доаѓаше кај мене во ноември, го учев да пука“
Се шокирал кога во медиумите го видел лицето на убиецот: „Доаѓаше кај мене на тренинг…“
Откако фотографиите на Давид Козак, студент на Карловиот универзитет во Прага, кој го уби сопствениот татко, а потоа и 13 луѓе на Филозофскиот факултет, го обиколија светот, еден човек остана запрепастен кога дозна дека ја запознал личноста неколку недели порано – во стрелиште.
Тренерот за пукање Мартин Соботка од CZ Protect изјави за CNN Prima News дека го обучувал убиецот како да пука од оружје само неколку недели пред масакрот.
Давид Козак ги побарал услугите на неговата компанија во ноември.
„Побара што побрзо да го завршиме курсот. Беше тивок, се изразуваше на многу културен начин, но на некој начин се разликуваше од другите клиенти“, рече Соботка.
„Кога ја видов неговата фотографија, веднаш се сетив на него. Тоа беше некаде во ноември. Ја донесе сета своја опрема, само сакаше да научи да ракува со пушка„, рече Соботка и на тој начин потврди дека убиецот еден месец го подготвувал својот криминален план.
Посочува дека кај нив дошол со автобус, а пушката ја чувал во класична кутија, а не во куфер за гитара, како што сведочеа некои.
„Не зборуваше многу, беше многу тивок. Имаше многу добра опрема, беше очигледно дека го интересира стрелаштвото. Тој инсистираше на тоа дека сака да го заврши курсот што е можно поскоро“, рече Соботка.
Тој посочува дека не барал дополнителни информации и дека било јасно дека е целосно фокусиран да научи што подобро да ракува со пушката.
„Тоа е голема трагедија за Чешка. Размислуваме за воведување посебна процедура за селекција за прифаќање идни клиенти“, рече тој.
Друг тренер за стрелање, Мартин Фишер, изјави за CNN Prima News дека е многу тешко да се дојде до оружје во Чешка.
„Мора да исполнувате многу услови – здравствено уверение, не смеете да имате криминално досие, па дури и тешки прекршоци неодамна. Се е проверено. Кандидатот мора да научи 500 прашања, а на испитот не смее да има грешки. Изненадувачки голем број луѓе воопшто не успеваат да го поминат првиот круг. Само околу 50 отсто од кандидатите успеваат“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп не планира да им враќа пари на компаниите поради укинувањето на царините
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека САД не планираат да им враќаат пари на компаниите, откако Врховниот суд ги поништи царините што тој ги воведе минатата година за низа странски земји.
На конференцијата за новинари во Белата куќа, Трамп рече дека неговиот тим не предвидува поврат на средства и додаде дека верува оти случаите ќе завршат на суд во следните неколку години.
„Напишаа ужасна, погрешна одлука, скоро како да не ја напишале паметни луѓе. На крај ќе бидеме на суд наредните пет години“, рече Трамп.
Судот со шест гласа за и три против одлучи дека Трамп ги надминал своите овластувања кога го искористил Законот за вонредни федерални состојби од 1977 година (IEEPA) за воведување реципрочни глобални царини.
Американските увозници кои минатата година плаќале царини можеби ќе побараат поврат на средства од Агенцијата за царини и гранична заштита, што би можело да чини милијарди долари, иако дел од трошоците можеби веќе ги префрлиле на потрошувачите.
Трамп, исто така, предупреди дека земјите кои, според него, лошо постапувале кон САД ќе „платат цена за тоа“, додека оние кои биле „добри кон Америка“ ќе бидат „многу добро третирани“.
Без да даде конкретни докази, Трамп повтори дека странски интереси влијаеле на одлуката на Врховниот суд да ги укине царините.
„Мислам дека странските интереси ги претставуваат луѓе со големо влијание. Тие имаат големо влијание на Врховниот суд, дали преку страв, почит или пријателства, не знам. Но, ги познавам некои од луѓето од другата страна и не ми се допаѓаат. Мислам дека се вистински ѓаволи“, заклучи Трамп.
Свет
Трамп потпиша указ за нови царини од 10 проценти на глобално ниво
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека потпишал указ за воведување глобални царини од 10 проценти за сите земји, кои, како што наведе, ќе стапат во сила речиси веднаш. Одлуката доаѓа откако Врховниот суд на САД поништи дел од царините што тој ги воведе минатата година за голем број држави.
Тој остро ги критикуваше судиите кои гласаа за укинување на претходните мерки, оценувајќи дека нивната одлука била „погрешна“ и најави дека администрацијата ќе преземе дополнителни чекори за да обезбеди, како што рече, поголеми приходи од царините.
На прес-конференција во Белата куќа, Трамп најави дека новите мерки ќе бидат донесени согласно член 122, кој му овозможува на претседателот привремено да воведе дополнителни давачки на увоз во случај на сериозни нерамнотежи во платниот биланс.
Најави и покренување истраги и други механизми, со цел, како што посочи, заштита на американската економија од нефер трговски практики. Според Трамп, одлуката на Врховниот суд не ги укинува царините како инструмент, туку се однесува само на одредена правна основа за нивна примена.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.

