Свет
Луѓето од фотографијата што стана симбол на теророт во Прага: „Го слушнавме како доаѓа“
Една фотографија можеби најсликовито го опишува хоророт низ кој поминаа студентите и вработените на Универзитетот во четвртокот попладне за време на масовното пукање во кое беа убиени 14 лица.
Дел од студентите и професорите на Карловиот универзитет во Прага се сокриле на покривот на зградата. На фотографијата објавена на „Икс“, група од десет луѓе се спуштаат на самиот раб на зградата, се држат за надворешниот ѕид неколку ката над земјата и се обидуваат да видат што се случува низ прозорецот горе.
„Чески Блеск“ ја објави приказната за луѓето кои „немале каде да бегаат и се нашле во стапица“.
Четвртиот кат станал ќорсокак. Таму убиецот Дејвид Козак (24) го создал најголемиот хорор. „Блеск“ пишува дека првите три ката од зградата имаат големо централно скалило, но дека четвртиот кат е речиси непрооден. Покрај два лифта, кои биле оневозможени од стратешки причини, единствениот начин за излез биле скалите, но тие биле користени од убиецот.
На студентите и професорите веројатно им останале само две опции да си го спасат животот. Да се забарикадираат во училниците или во тоалетот или да бегаат низ прозорецот до галеријата на висина од 20 метри од земјата. За жал, не им успеало на сите. Еден од нив е директорот на Институтот за музикологија, чие име беше прво на листата на жртви. Музикологијата се изучува во училниците на четвртиот кат.
„Имавме час. Една студентка ме прекина за да ми каже дека нејзината пријателка и’ напишала дека е затворена во тоалетот на 4-ти кат“, изјави за „Радиожурнал“ вонредната професорка Даниела Тинкова, која имала час по историја на вториот кат.
„Истрчавме од училницата, сакавме да се качиме, но не спречи толпа студенти кои плачеа и викаа дека горе се пукало. Затоа се затворивме во една соба и се забарикадиравме. По околу час и половина подоцна полицијата не извади“.
Два ката погоре, напаѓачот го извршил својот криминален план. Тој упаднал и во училницата 423 која се наоѓа на крајот од ходникот на 4-ти кат. До неа има само тоалети, не се оди понатаму.
Во неа професорката А.М. држела предавање на тема Вовед во лингвистика на знаковен јазик.
„За разлика од другите, таа имаше „среќа“. Напаѓачот ја удрил неколку пати, но таа преживеала. Многу нејзини колеги и студенти немале толку среќа“, објави нејзиниот зет на социјалните мрежи.
За Radiožurnál говорела една од студентките од фотографијата.
„Слушнавме необични истрели. Мислевме дека некој се зафркава во ходникот, но потоа некој почна да пука низ вратата. Се сокривме зад клупите“, опиша девојката која си ја повредила раката.
Раскажува дека напаѓачот заминал на кратко, но потоа се вратил, повторно почнал да пука и да ја крши вратата. Така учениците избегале низ прозорецот.
„Бевме на четвртиот кат и имавме среќа што зад нашата училница имаше покрив. Се качивме на него и почнавме да ползевме до галеријата. Под нас имаше балкон. Таму чекавме долго време, но потоа го слушнавме како ни се приближува, па скокнавме на балконот. Го скршивме прозорецот и избегавме низ внатрешноста. Пријателите се здобија со скршеници и гребаници“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел им се закани на Ирска, Шпанија и на Норвешка: Ќе има тешки последици
Министерството за надворешни работи на Израел ги предупреди амбасадорите на Ирска, Шпанија и Норвешка дека нивното признавање на палестинската држава ќе има „тешки последици“.
„Ќе има тешки последици во односите со тие земји поради нивната одлука“, најави Џејкоб Блиштајн, генерален директор на МНР по средбата со амбасадорите.
Тие биле поканети на разговори еден ден откако нивните земји објавија дека ќе ја признаат Палестина на 28 мај.
На средбата на амбасадорите им било прикажано видео од киднапирањето на пет жени војници за време на терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври. Во видеото од околу три минути, кое што го објавија светските медиуми, млади жени седат на подот со раскрвавени лица и врзани раце во базата Нахал Оз на југот на Израел.
Се додава дека ова признавање ќе го отежне договорот за ослободување на заложниците кои се држат во Газа од 7 октомври.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, кој посети неколку земји за да добие поддршка за палестинското признавање, рече дека одлуката ќе ги зајакне напорите за постигнување решение со две држави.
Израел жестоко реагираше и веднаш ги повика своите амбасадори од тие три земји „на консултации“. Премиерот Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека заедничкото соопштение на европските земји е „награда за тероризмот“, додавајќи дека суверена палестинска држава би била „терористичка држава“.
Свет
Чешкиот претседател Петр Павел повреден додека возел мотор
Чешкиот претседател Петр Павел е повреден додека возел мотор, но повредите не се сериозни, соопштија од неговиот кабинет.
„Претседателот е повреден додека возел мотор“, објавија од кабинетот на претседателот на платформата Х (Твитер), пренесе Ројтерс.
Според кабинетот, неговите повреди не се сериозни, но тој мора кратко да биде задржан на опсервација во болница.
Регион
Колони возила со српско знаме во Белград и Косовска Митровица за поддршка на Вучиќ
Колони возила со српски знамиња крстосуваат по улиците на Белград, по усвојувањето на резолуцијата за Сребреница.
View this post on Instagram
Во центарот на северниот дел на Косовска Митровица вечерва се возеле колони возила со српски знамиња во знак на поддршка за српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата борба во Генералното собрание на ОН.
Генералното собрание на ОН денеска усвои резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и се осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.
Претставници на 84 земји гласаа за усвојување на Резолуцијата за Меѓународниот ден на сеќавање и сеќавање на геноцидот во Сребреница на пленарниот состанок на Генералното собрание на ОН.
Имаше 19 против и 68 воздржани. Против резолуцијата гласаа Русија, Унгарија, Белорусија, Кина, Коморите, Антигва, Сирија, Куба, Конго, Јужна Кореја, Доминика, Еритреја, Есватини, Гренада, Мали, Науру, Никарагва, Сао Томе и Принципе и Србија.