Свет
Израел им се закани на Ирска, Шпанија и на Норвешка: Ќе има тешки последици
Министерството за надворешни работи на Израел ги предупреди амбасадорите на Ирска, Шпанија и Норвешка дека нивното признавање на палестинската држава ќе има „тешки последици“.
„Ќе има тешки последици во односите со тие земји поради нивната одлука“, најави Џејкоб Блиштајн, генерален директор на МНР по средбата со амбасадорите.
Тие биле поканети на разговори еден ден откако нивните земји објавија дека ќе ја признаат Палестина на 28 мај.
На средбата на амбасадорите им било прикажано видео од киднапирањето на пет жени војници за време на терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври. Во видеото од околу три минути, кое што го објавија светските медиуми, млади жени седат на подот со раскрвавени лица и врзани раце во базата Нахал Оз на југот на Израел.
Се додава дека ова признавање ќе го отежне договорот за ослободување на заложниците кои се држат во Газа од 7 октомври.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, кој посети неколку земји за да добие поддршка за палестинското признавање, рече дека одлуката ќе ги зајакне напорите за постигнување решение со две држави.
Израел жестоко реагираше и веднаш ги повика своите амбасадори од тие три земји „на консултации“. Премиерот Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека заедничкото соопштение на европските земји е „награда за тероризмот“, додавајќи дека суверена палестинска држава би била „терористичка држава“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Четворица загинати во страшна сообраќајка во Грција, пожарникарите го сечеа возилото за да ги извадат телата (ВИДЕО)
Во сударот меѓу автобус и автомобил, што се случи денес наутро пред Токсотес Ксанти, на стариот национален пат Ксанти-Кавала во Грција, четири лица загинаа, а три се повредени.
Според првите информации, во судирот што се случил нешто по 08:00 часот, едно возило изгубило контрола и удрило во автобус што минувал.
Патниците загинале на лице место, а пожарникарите го сечеле возилото за да дојдат до телата на настраданите во автомобилот.
Регион
Црвен аларм за туристите на Јадранот: месојадни црви забележани на плажите во Будва, Црна Гора и во Италија
Месојадни црви се забележани на плажите во Будва, Црна Гора и во италијанските региони Сицилија, Калабрија и Апулија. За туристите и за жителите од овие региони издаден е црвен аларм за инвазија од месојадните црви, пишуваат денес српските и црногорските медиуми.
Невротоксинот во што го испуштаат месојадните црви предизвикува главоболка и вртоглавица. Долги се од 20 до 30 сантиметри и главно живеат на камено но и во песочното морско дно. Вообичаени се на Карибите и во тропските региони на западниот Атлантик.
Институтите за истражување на црви предупредуваат дека ваквите црви прават штета на рибарската индустрија оти се фаќаат за риболовната опрема. Многумина истражувачи работат на ограничување на ширењето на овој вид црви и на социјалните мрежи поттикнуваат секој што ќе ги забележи да пријави.
За оние кои ќе дојдат во допир со вакви црви, експертите советуваат боцките да се отстрануваат со суви прсти или леплива лента за да се избегне триење на кожата. Освен дезинфекција, препорачуваат да се измијат со ладна вода зафатените делови од телото и посета на лекар доколку се појават алергиски симптоми или покачена телесна температура.
На социјалните медиуми, минатиот месец, вакви црви првпат беа пријавени во Будва, Црна Гора.
Свет
Затворениците кои држеа затворски чувари како заложници во градот Ростов се убиени
Руските безбедносни сили влегоа во притворниот центар на југот на Русија и ликвидираа шест затвореници кои ги држеа двајцата затворски чувари како заложници, објавија руските медиуми, пренесе Бета.
Шест затвореници кои земаа двајца чувари како заложници во притворниот центар во градот Ростов на Дон се „ликвидирани“, објавија руските медиуми.
„Заложниците во притворот во Ростов на Дон се неповредени“, соопшти Федералната затворска служба на Русија.
Претходно беше објавено дека шестмината затвореници имале гумени палки, ножеви и секири, а меѓу нив има и обвинети за врски со групата Исламска држава.