Свет
Чиле ќе бара УНЕСКО да ги признае неговите мумии за најстари во светот
Многумина веруваат дека најстарите, најретките мумии потекнуваат од Египет, од иконската Долина на кралевите, но тоа е погрешно. Првите луѓе за кои се знае дека ги мумифицирале своите мртви го сториле тоа во најсувото место на Земјата – крајбрежните заливи на пустината Атакама во Чиле, пренесува „Спутник“.
Народот Чинчоро се населил во Чиле околу 7 000 п.н.е. и развил техника за мумификација во околу 5 000 п.н.е., приближно 2 000 години пред античките Египќани да почнат да ги мумифицираат своите фараони.
Припадниците на Чинчоро биле ловци собирачи од преткерамичкиот период, а иако се малку познати дури и во Чиле, земјата се надева дека апликацијата до УНЕСКО за статус во Светското културно наследство може конечно да ги доведе во центарот на вниманието.
Сместен во долината Азапа е археолошкиот музеј „Сан Мигел де Азапа“ во малото село Сан Мигел де Азапа. Оваа институција поседува мумифицирани остатоци од околу 300 припадници на Чичоро, иако само околу 10 отсто од нејзината колекција е изложена за јавност, бидејќи на музејот му недостигаат финансии и простор за соодветно да ја покаже целата колекција.
„Тоа е многу света колекција бидејќи повеќето предмети се поврзани со церемонијата на смртта”, објаснува кураторот и конзерватор Мариела Сантос.
Постојат пет различни стилови на мумификација кои се користеле во текот на околу 4 000 години иако Сантос вели дека најзастапени се црните и црвените мумии, кои биле обично полнети со стапови и со трска, украсени со перики и маскирани со глина на лицата.
Германски археолог Макс Уле, кој пред еден век ги открил мумиите во близина на плажата во Арика, им го дал името Чинчоро.
До неодамна Чилеанци не им придаваа голема вредност на богатствата по должина на нивната најсеверна граница, но ова веројатно ќе се промени додека Чиле ќе бара статус за локациите на Чинчоро. Предлогот треба да биде поднесен до УНЕСКО најрано во 2020 година.
Во периодот пред понудата локалната власт ги засили напорите за промовирање на археолошкиот туризам и охрабрувајќи ги локалните заедници да се гордеат со тоа што се чувари на погребните места на Чинчхоро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Папата ги повика владите на демографски политики: „Не недостигаат кучињата и мачките, туку децата“
„Владите мора да спроведат сериозни и ефективни политики за благосостојбата на семејствата за да се спротивстават на падот на наталитетот и стареењето на населението“, рече денеска папата Франциско и ги повика младите да имаат верба во иднината.
Говорејќи на конференцијата за сè потешката демографска криза, папата рече дека бројот на првите раѓања е показател за „надежта на луѓето“ и дека Европа се повеќе се претвора во „стар, уморен и резигниран“ континент.
„Потребни се ефективни политики, храбри, конкретни и долгорочни одлуки. Потребна е поголема посветеност на сите влади за помладите генерации да ги остварат своите легитимни соништа“, рече папата.
Стапката на наталитет во Европа минатата деценија падна на 1,5 раѓања по жена. Ова е повисоко од најниските нивоа како оние во Источна Азија, но многу помалку од 2,1 потребни за одржување на населението.
„Постои факт што ми го кажа еден демограф. Моментално, инвестициите со најмногу приходи се оние во фабрики за оружје и контрацепција. Едниот го уништува животот, другиот го спречува. Каква иднина имаме? Тоа е лошо”, вели папата.
Бројот на раѓања во Италија падна на рекордно ниско ниво во 2023 година и се намалува веќе 15-та година по ред.
„Домовите се полни со предмети, но без деца, стануваат многу тажни места. Не недостасуваат мали кучиња, мачки. Нема недостиг од тоа. Има недостиг од деца“, рече папата.
Тој предложи политики кои нема да ги принудуваат мајките да избираат помеѓу кариерата и грижата за децата и кои на младите парови ќе им обезбедат стабилни работни места и можност за купување недвижен имот.
„Знам дека за многумина од вас иднината изгледа неизвесна и дека поради падот на наталитетот, војните, пандемиите и климатските промени, не е лесно да се одржи надежта жива. Но, не се откажувајте, имајте верба “, им рече тој на младите.
Свет
Египет ги повика Хамас и Израел да покажат флексибилност и да постигнат договор за прекин на огнот во Газа што е можно побргу
Египет апелира до Хамас и Израел да покажат флексибилност за што побргу да се постигне прекин на огнот во борбите во Газа, соопшти утрово египетското Министерство за надворешни работи. Египет смета дека преговорите во Каиро не доведоа до прекин на огнот. Тие во моментот се во деликатна фаза, а делегациите на Хамас и Израел го напуштија главниот град на Египет, се наведува во соопштението.
Во телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри ја нагласи „важноста да се повикаат страните да покажат флексибилност и да ги направат сите неопходни напори за постигнување договор за прекин на огнот и на тој начин да се стави крај на хуманитарната трагедија во Газа, соопшти Министерството.
Каиро стравува од опасноста израелската операција во Рафа да ги загрози стабилноста и безбедноста на регионот, се додава во соопштението на египетската дипломатија.
Блинкен потврди дека Соединетите Американски Држави се против голема воена операција во Рафа и какво било принудно раселување на Палестинците од Газа, изјави неговиот портпарол, Метју Милер.
Израелската армија во вторникот распореди тенкови во Рафа и ја презеде контролата на граничниот премин со Египет блокирајќи го главниот премин за конвои со хуманитарна помош кон опколената палестинска територија.
Свет
Десетици илјади Палестинци бегаат од Рафах
Десетици илјади раселени Палестинци ги спакуваа своите шатори и други работи и бегаат од Рафах во други делови на Појасот Газа поради израелската закана од инвазија, пишува АП.
Израел постојано се закануваше дека ќе го нападне Рафах, каде засолниште побараа околу 1,3 милиони Палестинци, повеќе од половина од населението на Газа.
Еден од раселените рече дека не знае каде да оди.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека американската закана дека нема да достави одредено оружје нема да го спречи Израел да продолжи со офанзивата во Појасот Газа.
Во текот на оваа недела израелските сили започнаа ограничена операција при која го зазедоа граничниот премин Рафах од палестинска страна и го блокираа влезот на хуманитарна помош.
ОН објавија дека северот на Појасот Газа веќе е во состојба на „тотален глад“.
Израел смета дека Рафах е последното упориште на борците на палестинското движење Хамас и дека армијата мора да влезе во тој град за да го уништи тоа движење и да ги врати заложниците кои беа киднапирани на 7 октомври.