Свет
Членките на НАТО треба да ја прифатат нашата влада и да ни помогнат, повикуваат талибанците
Талиб Малави, новиот талибански гувернер на авганистанската провинција Хелманд, ги повика Британија и другите членки на НАТО да ги прифатат талибанците како нови легитимни лидери на Авганистан и да се вратат во земјата – но не со пушки, туку со пари.
„Се соочивме едни со други во битка, не се сретнавме во нормални времиња“, вели Малави во изјавата за светски медиуми.
„Сега можете да ги освоите нашите срца и да нѐ усреќите ако ја препознаете оваа влада“, додаде тој.
Сега, кога талибанците ја презедоа контролата врз Лашкар Гара, главниот град на Хелманд, борбите запреа првпат по две децении.
Но, како и повеќето градови од Авганистан, Хелманд сега се соочува со економски колапс и талибанските власти во целата земја ги повикуваат странските влади за помош.
„Сите овие странски земји ги нападнаа и убија нашите жени, нашите деца и нашите стари лица и уништија сѐ. Сега меѓународната заедница треба да ни помогне со хуманитарна помош и да се фокусира на развојот на образованието, бизнисот и трговијата“, рече Малави.
„Меѓународната заедница им помага на земјите што имаат поддршка од своите цивили. Донесовме сигурност и имаме поддршка од нашите луѓе, така што тие треба да ни помогнат и да го препознаат нашиот авторитет“, додаде тој.
Едно од главните прашања поврзани со можноста за странска помош е прашањето на жените и дали ќе им биде дозволено да работат и да се образоваат.
Сѐ уште не е целосно јасно дали средните училишта ќе се отворат за девојчиња и дали жените што работат надвор од здравството и образованието ќе може да се вратат на работа, а Малави рече дека ќе ја следи централната влада за овие прашања.
„Министерствата сѐ уште имаат состаноци за тоа, кои сѐ уште не се завршени, ќе направиме сѐ што ќе објават“, рече тој.
Тврди дека луѓето во Авганистан сега, конечно, може да живеат и да ја обноват земјата во мир.
„Поминаа 20 години борба, така што ќе ни треба малку време за да се вратиме во нормала“, рече тој.
„Нашата последна порака до сите земји на НАТО е дека сме им помогнале. Треба да се благодарни што им дадовме шанса да заминат мирно, можевме да ги спречиме за да не може да заминат без борба. И тие треба да ја признаат нашата влада“, заклучи Малави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Почина бебето кое беше извадено од утробата на мртвата мајка во Газа
Почина бебето кое во неделата со царски рез во Газа беше спасено од утробата на мртвата мајка, пишува Би-Би-Си.
Бебето е родено по итен царски рез извршен врз трудница која била убиена во израелски напад врз градот Рафа во Газа.
Освен мајката на Сабрин Ал Сакани, меѓу загинатите се и таткото на новороденото девојче и нејзината тригодишна сестра Малак.
Бебето при раѓањето тежело 1,4 килограми, а се родило во триесеттата недела од бременоста на мајката. Веднаш по царскиот рез беше сместено во инкубатор во болницата во Рафа заедно со уште едно бебе.
Но, девојчето после неколку дена почнало да има сериозни здравствени проблеми. Лекарите го реанимирале, но сепак починало вчера.
16 деца биле убиени за време на два воздушни напади на Рафа минатиот викенд, при бомбардирање на комплекс од станбени згради.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека цел биле борците и инфраструктурата на Хамас и воените комплекси.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.