Свет
Чувајте ги лековите на температура под 25 степени, велат фармацевтите

Несоодветното складирање на лековите, поради недоволното ниво на здравствена едукација, е светски проблем, а фармацевтите советуваат дека во текот на летниот период потребно е да се зголеми грижата за заштита на лековите, имајќи предвид дека повеќето од нив не поднесуваат температури повисоки од 25. степени.
Високите температури може да предизвикаат промена на активните супстанции, што ќе ја намали ефикасноста на лекот, но може да доведе и до промена на бојата, конзистентноста, мирисот, вкусот или да предизвика процес на распаѓање на лекот, велат од Хемофарм.
Истражувањата ширум светот покажуваат дека директна изложеност на лекови на сончева светлина е забележана во 10,9 проценти од домаќинствата, складирање на лекови во кујна, бања и гаража во 38,3 проценти и складирање на дофат на деца во 76 проценти од случаите. Лековите кои повеќе не се користат најчесто нелегално се фрлаат во животната средина во 92,1 отсто од домаќинствата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп бара имиња на странските студенти кои студираат на „Харвард“: Сакаме да знаеме од каде се

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација сака имиња и земји на сите странци кои студираат на Харвард, сугерирајќи дека странските земји, особено оние кои се непријателски настроени кон САД, треба да придонесат за финансирање на образованието на нивните студенти.
„Зошто Харвард не соопшти дека речиси 31 отсто од нивните студенти се од странски земји, и додека некои од нив воопшто не се пријателски расположени кон Соединетите држави, тие не плаќаат ништо за образованието на своите студенти, ниту пак имаат намера да го направат тоа“, напиша Трамп на „Тру соушал“.
Тој истакна дека неговата администрација сака да знае кои се и од каде се странските студенти и додаде дека Харвард „не е многу отворен“.
„Ги сакаме тие имиња и земји“, рече Трамп.
Според податоците на Харвард, во оваа учебна година 27 отсто од студентите доаѓаат од странство, а најмногу се од Кина, Канада, Индија, Јужна Кореја и Велика Британија.
Во учебната 2024-2025 година на Харвард беа запишани 6.793 студенти на додипломски и магистерски студии од 147 земји.
Странските студенти немаат право на какво било федерално финансирање, според делот за финансиска помош на веб-страницата на Харвард, додавајќи дека колеџот има свои пари за стипендии, кои се достапни за странски студенти.
Свет
Малта ќе ја признае Палестина следниот месец

Премиерот на Малта, Роберт Абела, денеска најави дека Малта ќе ја признае државата Палестина следниот месец.
Соопштението дојде за време на политички настан на кој Абела ги покрена локалните и глобалните прашања, со посебен фокус на хуманитарната криза во Газа, пренесува „Малта тудеј“.
„Не можеме да ги затвориме очите пред оваа човечка трагедија која секој ден се влошува“, весникот го цитираше малтешкиот премиер Абела осврнувајќи се на израелското бомбардирање на Газа, во кое загинаа речиси 54.000 Палестинци.
Абела рече дека овој потег е морална одговорност и дека Палестина ќе биде признаена по конференцијата на 20 јуни.
Регион
Дванаесет лица се полесно повредени во судирот помеѓу двата автобуси во Хрватска

Дванаесет лица се полесно повредени во судирот на два автобуси попладнево на А1 кај излезот Вучевица кај Сплит.
Тројца претежно имале скршеници и како превентивна мерка се задржани во болница на опсервација, пишува „Индекс“.
Сообраќајната несреќа во која учествувале два автобуси се случила околу 13 часот и 45 минути на А1 во правец кон Загреб.
На местото на несреќата веднаш биле испратени служби за итна медицинска помош, полиција и пожарникари.
Во текот на попладневните часови беше извршен увид на местото на инцидентот.
Неофицијално се дознава дека сите повредени се полнолетни хрватски државјани кои се враќале од поклоничко патување.