Европа
Шведскиот министер: Одлуката на земјата да влезе во НАТО не е најсреќна, тоа е неопходен чекор

Шведскиот министер за финансии рече дека иако одлуката на земјата да влезе во НАТО не е најсреќна, тоа е неопходен чекор поради војната во Украина.
Микаел Дамберг изјавил за Си-ен-ен дека руската инвазија на Украина ги поттикна луѓето да размислуваат дали тие ќе бидат следната цел.
„Мораме да се браниме, а тоа го правиме подобро заедно со другите европски и американски партнери. Досега сè помина добро и очекуваме дека сите земји ќе ги пречекаат Шведска и Финска како членки на НАТО“, додал тој.
Дамберг ја коментирал и економската состојба во Шведска и рекол дека не е сигурен како ќе се движи економскиот раст во следните неколку месеци.
„Луѓето се подготвуваат за потешки времиња“, изјавил Дамберг, додека инфлацијата во Шведска е највисока во последните 30 години.
„Гледаме дека вториот квартал ќе биде доста добар кога станува збор за растот, но ако погледнеме понатаму, мислиме дека ќе забави. Ќе бидеме погодени од Европа, војната и од германската економија“, додал тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски: Идејата за демилитаризирана зона е мртва

Зборувајќи на прес-конференција во Киев, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли идејата за воспоставување демилитаризирана зона во војната со Русија. Зеленски рече дека оваа идеја е „мртва“ и нагласи дека приоритет е да се обезбеди прекин на огнот, пренесува Европска правда.
Предлогот за демилитаризирана зона како можно решение на конфликтот прв го изнесе специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог. Во интервју за „Фокс њуз“ на 7 мај, тој рече дека Киев наводно предложил создавање демилитаризирана зона под заедничка контрола на Украина и Русија. Келог го опиша предлогот како безбедносна зона во која двете страни би се повлекле по 15 километри, создавајќи област од 30 километри под мониторинг на набљудувачи од трети земји.
На прес-конференцијата, Зеленски негираше дека Украина предложила такво решение, со што ги доведе во прашање тврдењата на Келог.
„Прашањето за демилитаризираната зона, одвојувањето на силите – слушнав за ова во медиумите и не само во медиумите, туку и од разни луѓе, од разни разузнавачки служби. Украина официјално не добила таков предлог. Но, сите бараат начини да спроведат експерименти врз нас“, рече Зеленски.
Тој, исто така, се осврна на сложеноста на ситуацијата на бојното поле и логистичките пречки што би ги предизвикала таквата зона.
„Ако зборуваме за демилитаризирана зона од 15 километри во двата правци – зошто точно 15? И од која линија го сметаме тоа? Од границата? Од која линија на контакт? Дури и да ги прифатиме тие 15 километри, што ќе правиме со Херсон? Тоа би значело дека таму нема да има наши сили. Ако ги нема нашите сили во Херсон – го немаме Херсон“, рече претседателот.
Според него, воспоставувањето демилитаризирана зона би ја загрозило контролата на Киев врз клучните градови.
„Ако се согласиме на тампон-зона и се повлечеме 15 километри од градови како Херсон, Харков и Суми, на сите ќе им изгледа дека имаме мир, но војната ќе продолжи во нив бидејќи артилеријата ќе лета над нив. Затоа е прерано да се зборува за таа идеја и таа во моментов е мртва“, рече Зеленски.
На истата конференција во Киев, Украина и европските сојузници ја повикаа Русија да прифати безусловно 30-дневно примирје, кое ќе почне на 12 мај. Но, Кремљ изјави дека ќе отфрли какво било примирје сè додека Украина добива оружје од Западот.
Европа
Турција е подготвена да го надгледува потенцијалното примирје во Украина

Турција е подготвена да ја преземе одговорноста за надгледување на потенцијалното примирје во Украина, изјави министерот за надворешни работи Хакан Фидан во разговор со членовите на „коалицијата на волните“ и со партнерите на Киев, соопшти извор од турското Министерство за надворешни работи.
Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска, или таканаречената „коалиција на волните“ и Украина, се состанаа во Киев во саботата и се согласија на безусловно 30-дневно примирје од 12 мај со поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп, додека му се заканија на претседателот Владимир Путин со нови „повеќекратни“ санкции доколку Русија не ги почитува.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан се приклучи на „коалицијата на волните“ и ја нагласи посветеноста на Турција на територијалниот интегритет на Украина, изјави извор од турското Министерство за надворешни работи кој сакаше да остане анонимен.
Фидан ја изрази поддршката на Анкара за напорите за воспоставување безусловно примирје и додаде дека Турција е подготвена да ја преземе одговорноста за надгледување на примирјето во Украина, доколку такво биде воспоставено, изјави истиот извор. Турција, членка на НАТО, одржува блиски врски и со Киев и со Москва уште од самиот почеток на руската инвазија на Украина во 2022 година.
Турските власти ја изразија својата поддршка за територијалниот интегритет на Украина и ѝ обезбедија воена помош, а во исто време се спротивставија на воведувањето санкции против Русија.
Европа
Путин: Ќе размислам

Владимир Путин ќе го „разгледа“ западниот предлог за целосно и безусловно примирје во Украина, откако Велика Британија, САД и европските сојузници се заканија дека ќе испратат повеќе оружје во Киев доколку Русија не го почитува тоа.
Кир Стармер му рече на Путин дека повеќе нема место за „ако“ и „но“ и дека мора да се согласи на прекин на огнот или да се соочи со нови санкции насочени кон енергетскиот и банкарскиот сектор на Русија.
Ултиматумот беше издаден по состанокот во Киев, каде што лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска, заедно со Володимир Зеленски, разговараа по телефон со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Сите ние овде, заедно со САД, го критикуваме Путин. Ако навистина се грижи за мирот, сега е неговата шанса да го покаже тоа“, рече Стармер на прес-конференција.
Кремљ одговори велејќи дека ќе го „разгледа“ предлогот, но не се обврза да потпише ништо.