Европа
Шведските министри ги предупредија граѓаните: Подгответе се за војна
Шведски официјални лица ги предупредуваат граѓаните да бидат поподготвени од кога било за војна.
Во мај 2022 година, Шведска и Финска, познати по својата неутралност, објавија дека ќе му се приклучат на НАТО како одговор на руската инвазија на Украина. Додека Финска официјално се приклучи на алијансата во април 2023 година, кандидатурата на Шведска наиде на пречки. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја критикува наводната неактивност на нацијата против исламофобијата нарекувајќи го тоа „црвена линија“. Унгарија исто така изрази загриженост за членството на Шведска.
Ердоган подоцна даде одобрение за влез на Шведска во НАТО, иако турското национално собрание сè уште треба да даде зелено светло. Унгарскиот премиер Виктор Орбан на крајот на минатата година изјави дека неговата земја не брза да ја одобри кандидатурата на Шведска.
Сепак, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, минатата недела изјави за германската новинска агенција ДПА дека Шведска ги направила сите неопходни отстапки предвидувајќи дека земјата ќе биде одобрена како 32. членка на НАТО до следниот самит, закажан за јули во Вашингтон.
Шведскиот министер за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин издаде предупредување до граѓаните во неделата за време на годишна конференција.
„Да се тешиме дека сме нација на мирот“, рече тој. „Многумина го кажаа тоа пред мене, но дозволете ми да го кажам во официјално својство, сосема јасно: може да има војна во Шведска“.
Болин рече дека неговите зборови немале цел да предизвикаат страв, туку да создадат „свест за ситуацијата“. Тој истакна дека Украинците веројатно мислеле дека нивните конфликти со Русија се минато сè додека претседателот Владимир Путин не одлучил нелегално да го анектира Крим во 2014 година, а потоа, осум години подоцна, почна целосна инвазија на земјата.
„Социјалната отпорност го бара токму тоа: свест за ситуацијата – свест кај одделни граѓани, вработени, претприемачи и кај носителите на одлуки во јавната администрација“, рече Болин. „Но, не е доволно само да се размислува за ова прашање. Цивилната одбрана не е првенствено теоретска вежба. Свеста мора да се преточи во практична акција, мерки“, додаде тој.
Шведскиот министер за одбрана, Пал Јонсон, го издаде истото предупредување за време на говорот во Сален во понеделникот. Тој рече дека војните во Украина и на Блискиот Исток покажуваат дека „светот станал поопасен отколку пред само една година“.
Тој исто така ја наведе „неизвесноста“ за насоката што ќе ја преземат САД по изборите во 2024 година.
„Не може да се исклучи вооружен напад врз Шведска“, рече тој. „Војната може да дојде кај нас. Овие сериозни времиња бараат јасност на визијата, способност за дејствување и истрајност – јасност на визијата за да се разбере дека целта на Русија останува искоренување на слободна Украина и создавање на Европа во која „моќта е во право“ со тампон-држави и сфери на интерес.
Ова веќе го доживеавме во минатото. Не смееме да се вратиме таму и да ги оставиме нашите деца да растат во таква Европа“, рече Пал Јонсон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.
Европа
Во Англија извикал „Алах Акбар“ и убил случаен минувач: „Го направив тоа за луѓето од Газа“
45-годишниот Ахмед Алид вчера беше прогласен за виновен за убиство и обид за убиство. На 15 октомври минатата година, барател на азил од Мароко со нож го уби 70-годишниот Теренс Карни во центарот на англискиот град Хартлпул. Тој претходно го избодел со нож својот заспан цимер Џавед Нури додека викал „Алах Акбар“.
Алид и рекол на полицијата дека сето тоа го направил „за луѓето од Газа“. Само осум дена пред да убие случаен минувач и да го рани својот цимер, милитантите на Хамас го нападнаа Израел. Алид се заколнал дека ќе убиел повеќе луѓе доколку имал митралез и друго оружје, изјави обвинителот Џонатан Сендифорд во Судот во Тесајд.
Алид делел куќа со други баратели на азил во североисточна Англија. Тој бил вознемирен што Нури го прифатил христијанството. Цимерите рекле дека Алид почнал да носи нож откако на телевизија видел прилог за настаните во Газа.
Европа
Крим главна цел: Пентагон откри за што Украина ќе ги користи моќните ракети АТАКМС
Министерството за одбрана на САД ја појасни целта за испорака на ракети со долг дострел во Украина, кои неодамна беа испорачани во тајност. Како што објави „Њујорк тајмс“, целта на испораката на американските ракети АТАКМС е да се зголеми притисокот врз Крим, кој беше анектиран од Русија по референдумот во 2014 година.
Крим го претставува центарот во кој се лоцирани голем број руски воздушни и копнени сили и кој досега, како што пишува американскиот дневен весник, „за нив бил релативно безбедно засолниште“. Ова го тврди анонимен американски функционер. Сепак, Пентагон одби да каже колку точно од овие проектили со дострел од 300 километри се испорачани на украинската страна.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, претходно ја потврди испораката на овие ракети без да прецизира дали тие се модифицирани и имаат зголемен дострел.
Украинските сили веќе употребија АТАКМС, што претседателот Володимир Зеленски го потврди на 17 април, објавувајќи дека бил извршен напад врз воздухопловната база Џанкој, која се наоѓа на 165 километри од линијата на фронтот. Министерството за одбрана на Руската Федерација не ги коментираше овие наводи.
Pentagon reveals Ukraine’s targets for ATACMS missiles – NYT — (the usual baffling lack of retaliation threats from #Putin– instead just the usual bleating that ‘it’s impossible to justify’..Bring Stalin back to life please, Russia) https://t.co/8pi0Lx8tbt #CapeTown #SouthAfrica pic.twitter.com/ZtI5cG3r2m
— Peter Mayson (@theforeverman) April 26, 2024
Американскиот дневен весник потсетува дека Украина првпат добила ракети АТАКМС во септември минатата година, но дека станува збор за верзија со половина дострел. Се шпекулираше дека Украина можеби користела американски ракети за да го урне кримскиот мост, што на почетокот на месецов го потврди и самиот претседател Зеленски, велејќи дека неговата влада „навистина сака да го уништи мостот на Крим“.
Тој е симбол на руската окупација и преку овој мост Русија испорачува воена опрема и ги снабдува војниците во Украина. Во неколку наврати досега мостот беше цел на украински напади.
– Мислам дека е вистинското време, а шефот (Бајден) донесе одлука дека е вистинско време да и го обезбеди на Украина оружјето неопходно за тековната борба. Тоа е добро осмислена и многу конструктивна одлука – изјави адмирал Кристофер Грејди, заменик командант на Здружениот генералштаб на американската армија.
Руската страна го осуди потегот на САД, а рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов рече дека тоа „ја зголемува заканата за безбедноста на Крим, вклучително и Севастопол и другите руски градови“.