Свет
Шефицата на британската дипломатија: Ако Путин успее, страдањето во Европа ќе биде незамисливо
Земјите што се противат на руската инвазија на Украина мора да ја удвојат поддршката за Киев, вклучително и снабдувањето со тешко оружје, тенкови и авиони, изјави британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас.
„Илјадници луѓе беа убиени во најголемиот напад на европска земја од Втората светска војна и направи хаос во Украина принудувајќи го Западот да го преиспита својот пристап кон заштитата и глобалната стабилност“ порача таа.
Британската министерка предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин треба да биде спречен да прогласи победа и да ја користи војната како поттик за нов светски безбедносен поредок.
„Доколку Путин успее, натамошното страдање во Европа ќе биде неописливо и ќе има страшни последици во светот. Никогаш повеќе нема да се чувствуваме безбедни. Затоа мора да бидеме подготвени за тежок и долг пат и да ја удвоиме нашата поддршка за Украина“, додаде Трас.
Досега Велика Британија, Европската Унија, САД и другите сојузници испратија оружје до украинските сили за да се борат против руската војска, но не се вклучија во директен конфликт со Москва.
Трас предлага нов пристап според кој земјите треба да трошат повеќе за одбраната, НАТО треба да изгледа поглобално, а економската зависност од земјите агресори треба да се намали.
„Да бидеме искрени. Архитектурата што беше создадена за да гарантира мир и напредок ја разочара Украина. Потребен ни е нов пристап, кој комбинира силна одбрана и економска безбедност, кој гради посилни глобални сојузи и во кој слободните нации се порешителни и посигурни“, истакна британската министерка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ушаков: Франција и Велика Британија сакаат да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје
Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, денеска изјави дека Русија е запознаена со плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за производство на такво оружје.
„Американците, секако, ќе бидат информирани за сè, но тие веќе знаат. Во моментов ова се коментира на сите канали. Ние ќе им го кажеме тоа конкретно“, изјави Ушаков за телевизискиот канал „Росија 1“ и додаде дека плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за негово производство ќе влијаат врз ставот на Русија за решавањето на украинскиот конфликт, пренесуваат „Интерфакс“ и „Танјуг“.
Претходно денеска, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, на својот профил на „Икс“ објави дека употребата на руско нуклеарно оружје против цели во Украина, како и нуклеарни удари врз Велика Британија и Франција, би биле легални и оправдани доколку Лондон и Париз му предадат нуклеарна технологија на Киев.
Свет
Ројтерс: Иран блиску до договор со Кина за ракети кои наводно се способни да потопат носач на авиони
Иран е блиску до склучување договор со Кина за набавка на противбродски крстосувачки ракети CM-302, во момент кога САД распоредуваат значителни поморски сили во близина на иранскиот брег, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на шест извори запознаени со преговорите.
Според извештајот, договорот е речиси финализиран, но датумот на испорака сè уште не е утврден. Станува збор за супeрсонични ракети со дострел од околу 290 километри, дизајнирани да избегнуваат бродска одбрана со лет на мала висина и голема брзина.
Експерти за вооружување оценуваат дека нивното воведување би ги засилило иранските напаѓачки способности и би претставувало сериозна закана за американските поморски сили во регионот. Поранешен израелски разузнавач изјавил дека таквата способност „целосно би ги променила правилата на игра“.
Преговорите со Кина започнале пред две години, но се забрзале по минатогодишниот конфликт меѓу Израел и Иран, наведуваат изворите. Во меѓувреме, САД распоредуваат носачи на авиони, вклучително и USS Abraham Lincoln и USS Gerald R. Ford, во близина на Иран.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопштило дека не е запознаено со преговорите за продажба на ракети, додека Белата куќа не дала директен коментар. Американскиот претседател, Доналд Трамп, му дал рок на Иран за договор околу нуклеарната програма, во спротивно се заканил со „драстични мерки“.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.

