Свет
Шефот за клима на ОН: Имаме уште две години да ја спасиме планетата
Владите, деловниот свет и развојните банки имаат уште две години да направат нешто за да избегнат многу полоши климатски промени, изјави денеска шефот на Обединетите нации за климата.
Научниците тврдат дека е неопходно до 2030 година да се преполоват емисиите на штетните стакленички гасови за да се спречи зголемувањето на температурата за повеќе од 1,5 степени во однос на прединдустрискиот период. Неуспехот би предизвикал екстремни временски услови и топлина.
И покрај ова, емисиите на јаглерод диоксид се зголемија на рекордно ниво минатата година, а сегашните ветувања на земјите за борба против климатските промени, доколку се исполнат, само маргинално ќе ги намалат глобалните емисии до 2030 година. Сајмон Стил, извршен секретар на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC), предупреди дека следните две години се клучни за спас на нашата планета.
„Сè уште имаме можност да ги намалиме емисиите на стакленички гасови со новата генерација национални климатски планови. Но, сега ни требаат посилни планови!“, рече тој.
Говорејќи на конференцијата за тинк-тенк Chatham House во Лондон, Стил рече дека земјите од Г-20 се колективно одговорни за повеќе од 80 отсто од глобалните емисии и затоа мора да дејствуваат итно. Главната цел на овогодинешните преговори на ОН за климатски промени е да се постигне договор за финансирање на земјите во развој кои имаат потешкотии во транзицијата од фосилни горива.
Стил рече дека парите може да се обезбедат преку простување на долговите, поевтино задолжување за посиромашните земји, нови извори на меѓународно финансирање како што се даноците за транспортни емисии и реформи на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.
„Секој ден министрите за финансии, директорите, инвеститорите, банкарите за климата и развојот насочуваат милијарди долари. Време е тие долари да се пренасочат“, нагласи тој.
Во „супер-изборна“ година кога гласачите го даваат својот глас од Индија, Јужна Африка, Европа до Соединетите Држави, Стил рече дека климатските активности премногу често „излегуваат од агендата на владите“.
Политичарите како републиканскиот кандидат Доналд Трамп или екстремно десничарските партии на претстојните европски избори ги отфрлаат климатските политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лавров: Следната средба меѓу Путин и Шји во јули
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега, Шји Џјинпинг, планираат да се сретнат за време на самитот на Шангајската организација за соработка (ШСО) во јули, кој е дел од претстојниот дипломатски календар меѓу двете земји, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Ова го изјави на денешната средба со кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Џи.
„Ве чекаме, драг министере, драг пријателе, на состанокот на министрите за надворешни работи на БРИКС, во Нижни Новгород, за помалку од еден месец. Нашите лидери ќе се сретнат и за време на самитот на SCO во јули во Астана. Подготвуваме настани за одбележување на 75-годишнината од воспоставувањето на нашите дипломатски односи“, му рекол Лавров на Ванг.
На средбата тој изразил благодарност до Пекинг за неговата „урамнотежена позиција“ за решавање на конфликтот во Украина, соопшти денеска руската МСП, пренесува „РИА новости“.
Шефот на руската дипломатија го поздрави предлогот на кинескиот претседател Џјинпинг за организирање мировна конференција со рамноправно учество на Москва и Киев, што ги зема предвид интересите на Русија, додаваат од Министерството.
Регион
Дачиќ му упати сочувство на Иран за смртта на претседателот Раиси: Бев шокиран од веста
Вицепремиерот на Србија и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, упати сочувство до раководството и народот на Иран за смртта на претседателот Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи, Хосеин Амир Абдолахи,ан.
„Бев шокиран од веста за трагичната смрт на претседателот Ебрахим Раиси, министерот за надворешни работи, Хосеин Амир Абдолахи,ан, како и членовите на неговата висока делегација. Иранскиот народ загуби посветен лидер, лојален на својата земја и на високата функција. Србија изгуби докажан пријател и важен партнер со кој искрено работевме во корист на традиционалната блискост на нашите народи“, рече Дачиќ.
Тој додаде дека иранскиот министер за надворешни работи, Хосеин Амир Абдолахијан, е посветен на постојано подобрување на врските со Србија и дека заминувањето на претседателот Раиси и членовите на неговата висока делегација е огромна загуба за Иран, неговиот народ и државното раководство, се вели во соопштението.
Свет
„Гардијан“: Судот во Лондон ја одобри жалбата на Џулијан Асанж, тој сè уште нема да биде екстрадиран во САД
Џулијан Асанж извојува победа во тековната борба против екстрадицијата од Велика Британија кога судиите на Високиот суд во Лондон го одобрија неговото жалбено барање, пишува „Гардијан“.
Двајца судии, пишува „Гардијан“, ја одложија одлуката во март за тоа дали Асанж, кој се обидува да го избегне судењето во САД за обвиненијата за шпионажа поврзани со објавувањето илјадници тајни и дипломатски документи, може да го однесе својот случај на второ жалбено рочиште.
Како што пишува „Гардијан“, Асанж би можел да добие право да побара жалба.
Асанж е обвинет за 17 точки за шпионажа и една точка за злоупотреба на компјутер, според медиумот, кој предвидува максимална казна од 175 години затвор, за објавување голема количина доверливи американски документи на неговата веб-страница пред речиси 15 години.