Европа
Шефот на институтот „Роберт Кох“: Пандемијата ќе ја ставиме под контрола до крајот на годината

Германија ќе воспостави контрола над пандемијата на коронавирус до крајот на годината, но нов, позаразен вид на ковид може да ја расипе ситуацијата, изјави Лотар Вилер, претседател на Институтот за инфективни болести „Роберт Кох“.
Досега Германија регистрираше 16 случаи на британскиот вид коронавирус и четири видови на јужноафриканскиот, додаде Вилер, објави „Ројтерс“.
Сите пациенти се заразиле по враќањето од странство.
„Ова нема да биде последната мутација што ќе ја видиме, да не го заборавиме и бразилскиот тип Ковид-19. Ќе имаме повеќе видови, затоа – не патувајте“, рече тој.
Во десет од 16 германски покраини речиси нема слободни кревети во болниците, а во единиците за интензивна нега, 85 отсто од креветите се зафатени.
Вилер апелираше до граѓаните да ја прифатат вакцината против коронавирус со цел да се намали притисокот врз болниците и рече дека луѓето треба да продолжат да се придржуваат кон социјалните растојанија и хигиенските правила.
„На крајот на 2021 година, ќе успееме да ја ставиме пандемијата под контрола“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Идниот германски канцелар за падот на берзите: Драматично е, а може да биде и полошо

Фридрих Мерц, шефот на германската ЦДУ, кој се очекува да ја преземе функцијата германски канцелар, предупреди дека ситуацијата на светските пазари на акции и обврзници може дополнително да се влоши.
„Пазарите се во драматична состојба, што се заканува со понатамошна дестабилизација“, рече Мерц во изјава за „Ројтерс“.
Тој нагласи дека сега „е поважно од кога било Германија што побргу да ја врати меѓународната конкурентност“, а ова прашање треба да биде во центарот на коалициските преговори на неговата конзервативна опција со социјалдемократите.
Мерц се залага за пониски даноци, намалување на бирократијата и пониски цени на енергијата.
Утрово продолжи насилниот пад на светските берзи. Кон средината на минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп ги потресе објавувајќи повисоки царини на увозот од очекуваното.
Додека Кина возврати со контрамерки, инвеститорите стравуваат од ескалација на царинската војна, нарушувања во меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на најголемите економии, па дури и рецесија.
Поради тоа, цените на акциите утринава остро паднаа на азиските берзи, но и на европските.
Европа
Тинејџер избоден до смрт во Лондон, уапсени двајца 16-годишници

Двајца тинејџери се уапсени кога 17-годишник беше избоден до смрт во саботата во западен Лондон.
Полицијата била повикана околу 13.10 часот по пријава за напад со нож на улицата Ерконвалд во Шепердс Буш. На местото на настанот биле пронајдени две млади момчиња со убодни рани.
Еден од нив, 17-годишниот Кеирон Чарлс, починал на самото место, потврди лондонската полиција.
Уште едно 16-годишно момче е пренесено во болница со повреди што не се опасни за животот. По лекувањето, тој бил отпуштен и уапсен поради сомнение за убиство. Тој моментно е во притвор.
Третиот осомничен, исто така 16-годишен, го напуштил местото на настанот, но бил уапсен вчера рано наутро и исто така е во притвор, соопшти лондонската полиција. Истрагата за убиството е во тек.
Европа
Шефот на НАТО за мировниот договор: Топката е јасно на теренот на Русија

Русија веројатно нема да може да им диктира услови на САД за прекин на огнот во војната во Украина, но руското раководство навистина треба да стори повеќе за „да стави крај на оваа војна“, рече генералниот секретар на НАТО Марк Руте во интервју за „Си-би-ес Њуз“.
Според него, по неодамнешните преговори во Вашингтон, на кои учествуваше пратеникот на Кремљ, Дмитриев, „топката очигледно е на теренот на Русија“.
„Тие не се движат доволно брзо. Мојот впечаток, вклучително и впечатокот што го добивам од моите американски соговорници, е дека Русија навистина треба да направи повеќе за да стави крај на оваа војна“, рече Руте.
Во исто време, тој истакна дека поради американскиот претседател Доналд Трамп „се преселивме од мртва точка“ во однос на војната во Украина.
„И јас сум му благодарен за тоа. Морам да кажам дека сојузниците овде, во последните неколку дена на средби со министрите за надворешни работи, целосно ги поддржуваат напорите на САД да ја доведат оваа војна до праведен и траен крај“, нагласи генералниот секретар на НАТО.
Сепак, Руте не е сигурен дека рускиот претседател Владимир Путин сериозно размислува да стави крај на неговата голема воена агресија против Украина. „Мислам дека ова сега е тест“, заклучи Руте.