Европа
Шефот на ЦИА: Русија не подготвува нуклеарен напад

Шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) изјавил дека засега нема докази дека Русите планираат да распоредат или употребат тактичко нуклеарно оружје во Украина, пренесуваат медиумите во регионот.
По инвазијата на Украина, која започна на 24 февруари, Русија објави дека го ставила својот нуклеарен арсенал во состојба на висока готовност, пишува Би-Би-Си.
„Со оглед на тоа каков вид на оружје штракаат, се разбира дека нема да ја прифатиме лесно оваа можност. Ние внимателно ќе ја следиме ситуацијата, особено во време кога влоговите за Русија се многу високи“, изјавил Вилијам Барнс на конференцијата организирана од „Фајненшл Тајмс“.
Според него, рускиот претседател Владимир Путин е убеден дека уште посилни напади врз Украина ќе ги подобрат неговите шанси во војната.
Коментирајќи го однесувањето на рускиот претседател Владимир Путин Барнс изјавил: „Тој е во состојба на умот каде што не верува дека може да си дозволи пораз“.
„Мислам дека моментално е убеден дека уште посилни напади ќе му донесат напредок во Украина“, изјавил директорот на ЦИА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Москва го слави Денот на победата, бројни светски лидери пристигнаа кај Путин

Рускиот претседател Владимир Путин денес ќе одржи говор на „најголемата досега“ воена парада во Москва по повод Денот на победата, со кој се одбележува победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Русија го слави Денот на победата повеќе од три години по почетокот на инвазијата на Украина, која ја напаѓа секојдневно и покрај напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја прекине војната. Путин нареди тридневен прекин на огнот во Украина поради настанот. Но нападите продолжуваат.
Поканите за прослава на Денот на победата во Москва ги прифатиле лидерите на околу 20 земји, вклучувајќи го и кинескиот претседател Кси Џинпинг, според Кремљ. Москва не ја исклучи можноста севернокорејските војници кои ѝ помогнаа на руската армија да ги протера украинските сили од Курската област да учествуваат на парадата за прв пат.
Европската унија ги предупреди своите лидери да не одат во Москва за настанот, но словачкиот премиер Роберт Фицо одлучи да оди.
„Одам“, рече тој во видео порака објавена на социјалните мрежи вчера. „Разбирам дека се води војна“, рече тој. „Но, нема да ја мешам сегашноста со она што се случило помеѓу 1941 и 1945 година.“
Европа
(Видео) Преседан во Ватикан: за прв пат објавена снимка од папата веднаш по изборот

Само неколку часа откако кардиналот Роберт Превост вчера беше именуван за нов поглавар на Католичката црква, Ватикан објави видео на кое се гледа како тој ги поздравува 133-те кардинали кои го избраа, објавува „Њујорк пост“.
Pope Leo XIV embraces each of the Cardinal electors just after he accepts his election to become the 267th Pope. pic.twitter.com/0cP28r7mam
— Vatican News (@VaticanNews) May 8, 2025
Папата роден во Чикаго ја изрази својата благодарност во Систинската капела неколку часа откако кардиналите го избраа на вториот ден од конклавата.
Видеото го прикажува папата Лав XIV додека кажува молитва од олтарот на историската римска катедрала, по што се повлекува, а потоа се моли приватно. На крајот, тој е виден како се ракува со кардиналите со насмевка.
Европа
Британскиот премиер: Ќе направиме сè за да ја уништиме операцијата на руската флота во сенка

Велика Британија објави дека ќе санкционира до 100 танкери за нафта од таканаречената руска флота во сенка, со цел да го зголеми притисокот врз Москва во нејзината војна со Украина. Бродовите од почетокот на минатата година превезле товар во вредност од повеќе од 24 милијарди долари, а некои бродови биле вклучени и во оштетување на критичната инфраструктура, соопштија Британците.
Канцеларијата на премиерот Кир Стармер соопшти дека санкциите ќе претставуваат најголем пакет мерки на Велика Британија против флотата во сенка, но не даде дополнителни детали.
Стармер ќе ги објави мерките на состанокот на лидерите на безбедносната алијанса на Заедничките експедициски сили (JEF), што ќе се одржи во петок во Норвешка. JEF се состои од 10 земји – Обединетото Кралство, пет нордиски земји, три балтички земји и Холандија.
„Секој чекор што го преземаме за зголемување на притисокот врз Русија и постигнување праведен и одржлив мир во Украина е уште еден чекор кон безбедноста и просперитетот во Обединетото Кралство“, рече Стармер.
„Ќе направиме сè што е во наша моќ да го уништиме работењето на флотата во сенка, да ја лишиме нејзината воена машинерија од приходи од нафта и да ја заштитиме подводната инфраструктура на која се потпираме во нашиот секојдневен живот“, додаде тој.
Бродовите се осомничени за оштетување на подводната инфраструктура во Европа, вклучувајќи далноводи, кабли и цевководи во Балтичкото Море. Нордиските и балтичките земји, вознемирени од растечките ризици од саботажа, инсистираа на акција.