Свет
Недостиг на храна во Северна Кореја: намалени оброците на војниците
Кризата со храна во Северна Кореја изгледа дека се влошува, објави денеска Јужна Кореја, а медиумите објавија дека севернокорејските власти првпат по повеќе од две децении ги намалиле оброците за војниците.
Северна Кореја имаше сериозен недостиг на храна во последните децении вклучувајќи го и гладот во 90-тите. Изолираната земја е под строги меѓународни санкции поради нејзината програма за нуклеарно оружје и балистички ракети, а во последните години нејзината ограничена гранична трговија речиси целосно стивна поради пандемијата на Ковид-19.
Јужнокорејскиот весник DongA Ilbo денеска објави дека Северна Кореја ги намалила дневните оброци за војниците првпат од 2000 годинаж цитирајќи неидентификуван висок јужнокорејски функционер. Јужнокорејското Министерство за обединување, кое се занимава со односите со Северна Кореја, соопшти дека засега не може да ги потврди овие медиумски извештаи, но дека внимателно ја следи ситуацијата.
Севернокорејската државна новинска агенција KCNA на 6 февруари објави дека Работничката партија на Кореја свикала состанок на централниот комитет на партијата за „многу важна и итна задача за одредување на правилната стратегија за развој на земјоделството“, пишува „Ројтерс“.
Министерството за обединување наведува дека Северна Кореја ретко свикува состанок од ваков тип. Минатиот месец американската мониторинг-група „38 норт“ соопшти дека „достапноста на храна во Северна Кореја, веројатно, паднала под минимумот за човечки потреби“.
Јужнокорејскиот министер за обединување, Квон Јанг-се, рече дека неодамнешните извештаи на севернокорејските медиуми за појавувањето на ќерката на лидерот Ким Џонг-ун на државни функции би можеле да бидат насочени кон поттикнување на единството и зацврстување на лојалноста кон владејачкото семејство во услови на продлабочени хуманитарни проблеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија нема сила повторно да го нападне Киев, изјави Зеленски за АФП
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.
Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.
Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.
„Русите можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право“, вели Зеленски.
Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.
„Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина“, истакна Зеленски.
Регион
Пленковиќ, хрватскиот премиер кој доби трет мандат најави прва седница за понеделник
Откако хрватскиот Сабор вчера ја поддржа 16. Влада на Република Хрватска, а третата предводена од лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ, тој во изјава за медиумите рече дека првата седница на новата Влада ќе биде во понеделник и најави продолжување на посветената работа во интерес на хрватскиот народ.
„Благодарам на мнозинството во хрватскиот Сабор што ни ја укажа довербата да станеме Влада на Република Хрватска по трет пат и ние, како што правевме претходните осум години, посветено ќе работиме во интерес на хрватскиот народ, сите наши сограѓани, економијата, врската меѓу татковината и иселениците Хрвати и да спроведеме програма врз основа на која ја добивме довербата на хрватските гласачи“, рече Пленковиќ откако Собранието гласаше за неговата трета Влада
Тој им се заблагодари на сите партнери кои ја поддржаа Владата.
Пратениците во хрватскиот Сабор вчера гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ.
За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Свет
Убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец
Вчера од вооружени лица во централен Авганистан се убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец, а четворица странски државјани и тројца Авганистанци се ранети, соопшти талибанското Министерство за внатрешни работи.
Според светските агенции не е позната националноста на туристите, ниту кој го извршил нападот за кој што се уапсени четири лица.