Свет
„Њујорк тајмс“: Меланија Трамп воопшто не живее во Вашингтон, таа помина само 14 дена во Белата куќа
Светлата се секогаш исклучени, а завесите спуштени. Како што минуваат неделите, собите во Белата куќа што отсекогаш ги користеле првите дами остануваат темни бидејќи сегашната прва дама, всушност, не живее во Вашингтон. Меланија Трамп не се појавува во јавноста со недели, туку престојува во „Трамп тауер“ на Менхетн или на Флорида, каде што може да се скрие во Мар-а-Лаго.
Функционерите во администрацијата на претседателот Доналд Трамп тврдат дека таа е во Белата куќа почесто отколку што јавноста знае, но не се подготвени или можеби не им е дозволено да кажат кога точно и колку долго. Како да ја имаме Грета Гарбо за наша прва дама, пишува „Њујорк тајмс“.
Се очекува г-ѓа Трамп повторно да се појави во главниот град в четврток за да открие поштенска марка во чест на поранешната прва дама Барбара Буш и да присуствува на гала за мајките од американската војска.
Но, две лица запознаени со распоредот на Меланија Трамп велат дека таа поминала помалку од 14 дена во Белата куќа откога нејзиниот сопруг положил заклетва како претседател пред 108 дена. Други велат дека дури и тоа е дарежлива процена.
Претставници на Белата куќа постојано одбиваа да коментираат за целите на овој напис. Тоа што местото каде што се наоѓа првата дама е една од најчувствителните теми во Белата куќа само ја зголемува интригата. „Не сме имале толку повлечена прва дама уште од времето на Бес Труман пред речиси 80 години“, вели Кетрин Џелисон, историчарка на Универзитетот во Охајо, чие истражување се фокусира на првите дами.
Г-ѓа Труман исто така го поминувала поголемиот дел од времето надвор од Вашингтон. „Таа, едноставно, го обожаваше својот приватен свет“, рече Џелисон. Истото важи и за сегашната прва дама.
Таа ангажирала персонал да работи за неа во источното крило на Белата куќа, но ретко доаѓа во канцеларијата. Дури и редовните гости на Мар-а-Лаго велат дека не ја гледаат Меланија често на имотот.
Секој брак има свои подеми и падови, но како и со многу други работи, Трампови се посебна категорија. За неколку месеци минатата година тие доживеаја јавно судење поради неговата неверност, два обида за атентат и претседателска кампања.
Судењето во врска со исплатите на Трамп на порноѕвезда за да молчи беше особено предизвикувачки момент, рекоа две лица запознаени со нивната врска. Госпоѓа Трамп се држеше подалеку од судот во Њујорк.
Во јануари Меланија го лансира својот сопствен криптовалутен токен. „Сега можете да купите $МЕЛАНИЈА“, напиша таа на социјалните мрежи еден ден пред втората инаугурација на својот сопруг. И тука е договорот што го склучи со „Амазон“, наводно вреден речиси 40 милиони долари, за документарец што нуди поглед зад сцената на нејзиниот живот како прва дама.
Што би можел да покаже овој документарец? Тешко е да се каже точно. Г-ѓа Трамп чекаше со месеци за да се пресели во Белата куќа минатиот пат. Но, во тоа време нејзиниот син имал 10 години и на мајка му ѝ требало време да го организира неговото образование и да се пресели во нов град.

Додека таа се навикнуваше на својата нова улога, родителите на Меланија Трамп беа постојано присутни во Белата куќа. Мајка ѝ Амалија Кнавс почина во јануари 2024 година. Денес, г-ѓа Трамп поминува многу време со својот татко Виктор.
Барон Трамп сега има 19 години. Тој ја завршува својата прва година од студиите на Универзитетот во Њујорк и станува сè понезависен. Сепак, Меланија сè уште има заштитничка мајчинска улога во неговиот живот, велат луѓе блиски до неа.
Кога ја прашале каде планира да го поминува поголемиот дел од времето во овој мандат, таа одговорила: „Ќе бидам во Белата куќа, но и во Њујорк и во Палм Бич. Но, мојот прв приоритет е да бидам мајка, да бидам прва дама, да бидам сопруга“.
Бидејќи г-ѓа Трамп ретко се гледа или се слуша за неа, моментите кога таа се појавува даваат увид во тоа како таа ја гледа својата улога. Некои од нејзините избори се во согласност со традиционалните должности на првата дама – до одреден степен. Таа стоеше покрај својот сопруг за време на потрагата по велигденски јајца во Белата куќа, но и тоа поттикна етички и правни прашања кога беше откриено дека корпоративните спонзори донирале средства.
Режисерите на документарни филмови и холивудските продуценти велат дека 40-те милиони долари, наводно платени за филмот, се далеку повеќе од вообичаената цена на ваквите проекти. Исто како што присуството на г-ѓа Трамп може да биде интересна глетка, така може и нејзиното отсуство. Кога првата група посетители беше водена низ источното крило, Трамп беше тој што се чинеше дека ги изненади.
„Првата дама работеше напорно за да биде сè совршено“, им рече тој на посетителите. Но, таа не беше таму. За време на првиот мандат на Трамп, Меланија повторно засади и ја реновира градината со рози во Белата куќа. Сега претседателот планира да го поплочи просторот за да го претвори во тераса за собири на отворено.
Г-ѓа Трамп првично била вознемирена од идејата, според две лица запознаени со прашањето. Подоцна ѝ било гарантирано дека грмушките од рози ќе останат недопрени. Таа исто така ја прифати идејата за балска сала, што претседателот е решен да ја изгради во Белата куќа, кога ѝ беше кажано дека изградбата нема да се одвива премногу блиску до нејзината резиденција.
Една личност, која долго време ја познава Меланија Трамп, е Паоло Замполи, поранешен моден агент од Италија, кој првпат ја забележал во Милано во 90-тите. Трампови велат дека Замполи ги споил во 1998 година во клубот „Кит кат“ на Менхетн.
Тој со почит ја нарекува г-ѓа Трамп дама. Сите љубопитни прашања за отсуството на дамата од Вашингтон, рече Замполи, се неосновани: „Таа ја сака Белата куќа и ја сака улогата на прва дама“.
Кога американскиот претседател следната недела ќе тргне на патување на Блискиот Исток, не се очекува првата дама да го придружува. Но, таа го придружуваше во Ватикан на погребот на папата Франциско.
Кога се вратија во САД во саботата попладне, беше нејзиниот роденден – наполни 55 години. Претседателот ја бакна во образ. Таа влезе во автомобилот, тој во хеликоптерот „марин уан“. И секој си тргна по својот пат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Австралискиот премиер по заканата од бомби: Не смееме да ја земаме безбедноста здраво за готово
Австралискиот премиер Ентони Албанезе денес изјави дека не ја зема својата безбедност „здраво за готово“ откако беше евакуиран од својот дом неколку часа во вторникот поради наводна закана со бомба.
Албанезе беше евакуиран од својот дом во Канбера доцна во вторникот по локално време по безбедносна закана и се врати неколку часа подоцна откако не беше пронајдено ништо сомнително, објави Ројтерс, повикувајќи се на полицијата дека нема постојана закана.
„Мислам дека е само потсетник, искористете ја секоја можност да ги предупредите луѓето и да ги намалите тензиите. Не можеме да ги земаме овие работи здраво за готово“, рече Албанезе на настан во Мелбурн денес.
Заканата со бомба беше испратена до претставник на Шен Јун, класична кинеска танцова трупа забранета во Кина, која требаше да настапи во Австралија овој месец.
Е-пошта напишана на кинески јазик и испратена до локалните организатори на групата вели дека експлозиви биле поставени околу домот на Албанезе и дека ќе бидат детонирани ако танцовата група настапи во земјата.
„Сите закани се пријавени до австралиските безбедносни служби и органите за спроведување на законот. Ги цениме преземените чекори за обезбедување на јавната безбедност и заштита на избраните функционери, вклучително и премиерот“, соопшти кинеската танцова трупа, пренесува Танјуг.
Свет
Иран за говорот на Трамп: Професионалните лажговци се добри во создавањето „илузија на вистината“
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, денес изјави дека тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, што ги изнесе за Иран во своето обраќање за состојбата на нацијата, се неточни и додаде дека „професионалните лажговци“ се добри во создавањето илузија на вистината.
Вака реагираше тој на изјавите на Трамп дека САД ја уништиле иранската програма за нуклеарно оружје за време на нападот во јуни минатата година, но дека Техеран „повторно“ се обидува да изгради нуклеарно оружје и дека тој нема да дозволи тоа да се случи, дека Иран веќе развил ракети што можат да ја загрозат Европа и САД и дека 32.000 луѓе биле убиени за време на неодамнешните протести.
„Повторувај лага доволно често додека не стане вистина“ е пропагандна максима измислена од нацистот Јозеф Гебелс, а сега систематски ја користат американската администрација и нејзините воени профитери, особено геноцидниот ционистички ентитет, за да ја унапредат својата подмолна кампања за дезинформација против Иран. „Сè што тврдат за нуклеарната програма на Иран, неговите балистички ракети и бројот на жртви за време на немирите во јануари не е ништо повеќе од повторување на „големи лаги“. Никој не треба да биде измамен од овие очигледни лаги“, напиша Багеи, пренесува Танјуг.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.

