Свет
Ќе биде ли Хилари Клинтон следен американски амбасадор во ОН?
Поранешната државна секретарка на САД, Хилари Клинтон, може да стане амбасадор на администрацијата на Џо Бајден во Обединетите нации, објави „Вашингтон пост“.
Според извештајот, кандидатурата на сопругата на Бил Клинтон во моментов се дискутира, но е далеку од сигурна. Тимот на Бајден, наводно, верува дека додавањето на Клинтон, која неславно загуби од Доналд Трамп во 2016 година и оттогаш останува остра критичарка, може да го зголеми американскиот престиж во очите на меѓународната заедница.
Доналд Трамп сепак не е толку желен да ја напушти Белата куќа. Додека Џо Бајден веќе добива честитки од потенцијалните колеги, кампањата на Трамп покренува правни процедури низ САД за да ги оспори резултатите од пребројувањето на гласовите во клучните држави Мичиген, Пенсилванија и Џорџија.
Како и да е, неговиот демократски противник сега формира преоден тим, а извештаите сугерираат дека една од главните улоги во неговата нова канцеларија не би можел да ја преземе никој друг, туку експретседателот на САД, Барак Обама, кој наскоро може да се упати кон Велика Британија како амбасадор на САД.
„Вашингтон пост“ исто така тврди дека поранешниот советник за национална безбедност, Тон Донилон, поранешниот сенатор од Делавер, Тед Кауфман, и ексначалникот на кабинетот Стив Ричети, би можеле да преземат улоги како високи советници на Бајден ако тој навистина го заземе своето место во Белата куќа на крајот од оваа изборната драма.
Поранешната прва дама на САД беше државен секретар на САД од 2009 до 2013 година под претседателство на Барак Обама. Таа се кандидираше за претседател двапати, и двата пати неуспешно, во 2008 година губејќи ја номинацијата на демократите од нејзиниот иден шеф Обама, а потоа, во 2016 година, му ги предаде изборите на Доналд Трамп и покрај победата кај народот поради правилата на Електронскиот колеџ.
За време на предизборната кампања во 2016 година беше откриено дека Клинтон интензивно ги користела своите лични електронски адреси за да испраќа класифицирани информации за време на нејзиниот мандат како државен секретар.
Генералниот инспектор на Стејт департментот на крајот откри стотици прекршувања на безбедносните процедури, но заклучи дека тие не биле ниту системски ниту намерни. Оваа тема доби голем публицитет за време на претседателската кампања на Клинтон.
По поразот од Трамп, Клинтон постојано тврди дека нејзиниот неуспех треба да се припише на мешањето на Русија во изборите во САД преку кампања за дезинформациии и наводно хакирање на електронските пораки на Демократскиот национален комитет, обвинувања за што не беа најдени докази во текот на двегодишна истрага на специјалниот советник Роберт Милер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Би-би-си: Европските лидери стравуваат да не ја изгубат поддршката на Трамп поради Гренланд
На состанокот на таканаречената „Коалиција на подготвените“ во Париз, посветен на мировниот план за Украина, во фокусот неочекувано се најде зголемената тензија околу Гренланд, кој американскиот претседател Доналд Трамп сака да го стави под контрола на САД, пишува Би-Би-Си.
Иако украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека планот за мир е „90 отсто завршен“, европските лидери избегнувале директна конфронтација со Трамп, стравувајќи од губење на американската поддршка. По заедничка изјава на шест европски земји дека иднината на Гренланд треба да се решава колективно во рамки на НАТО и дека одлуката ѝ припаѓа на Данска, Белата куќа возврати дека „разгледува низа опции“, вклучително и купување на островот.
Дополнителна загриженост предизвика изјавата дека употребата на американската војска „секогаш е опција“. Европските лидери предупредуваат дека ваквите закани ја доведуваат во прашање довербата во трансатлантскиот сојуз и ја откриваат слабоста и поделеноста на Европа. Според експерти, ситуацијата околу Гренланд претставува сериозен тест за ЕУ и егзистенцијална дилема за НАТО.
Фото: Depositphotos
Свет
САД ја проширија листата на држави: гаранција до 15.000 долари за американска виза
Државјаните на уште 25 земји, меѓу кои и Венецуела, може да мора да положат гаранција до 15.000 долари за да добијат американска виза, соопшти американскиот Стејт департмент. Со ова, листата опфаќа вкупно 38 држави, претежно од Африка, Латинска Америка и Јужна Азија. Новите правила стапуваат на сила на 21 јануари.
Гаранцијата ќе изнесува 5.000, 10.000 или 15.000 долари и ќе се утврдува при интервјуто за виза Б1/Б2, а уплатата ќе се врши преку платформата Pay.gov. Мерката е дел од пилот-програма започната во август, чија цел е да се спречи пречекорување на дозволениот престој.
Администрацијата на Доналд Трамп ја оправдува мерката со зајакнување на безбедноста, додека организациите за човекови права ја критикуваат како рестриктивна.
Фото: pexels
Свет
Трамп: Постигнавме договор за нафтата од Венецуела, ние ќе ги контролираме приходите
Каракас и Вашингтон постигнаа договор за извоз на венецуелска сурова нафта во САД во вредност до две милијарди долари, изјави вчера американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека ова ќе го пренасочи снабдувањето од Кина и дека Венецуела ќе избегне големи намалувања на производството на нафта.
Трамп изјави дека договорениот обем е помеѓу 30 и 50 милиони барели нафта под санкциите на САД.
Според него, нафтата ќе се продава по пазарна цена, а приходите ќе бидат контролирани од САД. Спроведувањето на договорот го води американскиот секретар за енергетика Крис Рајт, а нафтата ќе биде насочена од танкерите директно кон американските пристаништа.
Поради извозното ембарго воведено во средината на декември, Венецуела има милиони барели нафта складирани на танкери и во резервоари што не можеше да ги испорача. Дел од испораките што сега треба да завршат во САД првично беа наменети за Кина, најголемиот купувач на венецуелска нафта во последните години.
Цените на суровата нафта во САД паднаа за повеќе од 1,5 проценти по објавувањето на договорот, поради очекувањата за зголемување на количината на венецуелска нафта на американскиот пазар.
Извозот на венецуелска нафта во САД моментално е целосно контролиран од „Шеврон“, единствената американска компанија со лиценца за извоз, која испорачува помеѓу 100.000 и 150.000 барели дневно. Не е познато дали Венецуела ќе има пристап до приходите од продажбата, бидејќи сметките на државната нафтена компанија PDVSA се замрзнати поради санкциите на САД.
Венецуела ја продава својата главна мешавина „Мери“ со попуст од околу 22 долари за барел во однос на „Брент“, со што вредноста на договорот изнесува максимум 1,9 милијарди долари.
Министерот за внатрешни работи на САД, Даг Бургум, изјави дека зголемениот проток на тешка венецуелска нафта до рафинериите на брегот на Мексиканскиот Залив би бил корисен за американскиот пазар на гориво и за венецуелската економија. Американските рафинерии во областа увезуваа околу 500.000 барели венецуелска нафта дневно пред воведувањето на санкциите.

