Свет
Џонсон: Антиваксери, сега е навистина доста од глупости
Британскиот премиер Борис Џонсон ги обвини антиваксерите дека зборуваат глупости кога се во прашање вакцините против Ковид-19.
Тој рече дека оние кои шират погрешни информации на социјалните мрежи „во потполност грешат“ и дека е време да им се посвети внимание, пренесе Би-би-си.
„Сакам да им порачам на антиваксерите, на луѓето кои пишуваат глупости на социјалните мрежи – целосно грешат. Досега не сте ме слушнале да го кажам ова, бидејќи мислам дека е важно да имаме доброволен пристап во оваа земја и тоа ќе го одржиме“, рече Џонсон, алудирајќи дека Британија нема да воведе задолжителна вакцинација.
Тој посочи дека некои негови европски колеги се одлучуваат за „принудни“ решенија.
„Антиваксерите целосно грешат и време е владата да им посвети внимание поради тоа што го прават. Апсолутно е погрешно, контрапродуктивно, сè што ставаат на социјалните мрежи е глупост“, изјави Џонсон.
Тој откри дека околу 30 до 40 проценти од 17.000 пациенти во британските болници не биле вакцинирани со ниедна доза.
„Овој број се зголемува кога станува збор за интензивна нега“, посочи премиерот.
Во болниците во Лондон се распоредени припадници на британските вооружени сили за да помогнат во услови на зголемување на бројот на пациенти со Ковид-19, бидејќи поради омикрон сојот, голем број вработени се болни и не можат да работат.
Од 200 распоредени воени лица, 40 се лекари кои ќе му помогнат на персоналот на Националната здравствена служба (NHS) да се грижи за пациентите, пишува британскиот весник „Гардијан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Meлони го прослави роденденот во Јапонија и објави аниме-селфи со јапонската премиерка
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го прослави својот 49. роденден во Токио, за време на средбата со јапонската премиерка Санае Такаичи. Такаичи ѝ приреди торта и подароци, а двете лидерки направија заедничко селфи, чија „аниме“ верзија Мелони подоцна ја објави на социјалните мрежи, пренесе Скај њуз.
Due Nazioni lontane, ma sempre più vicine.
Amicizia e sintonia con @takaichi_sanae 🇮🇹🇯🇵 pic.twitter.com/LbRlnoeQcZ— Giorgia Meloni (@GiorgiaMeloni) January 16, 2026
На средбата беше најавено продлабочување на соработката меѓу Италија и Јапонија во областа на безбедноста, економијата и технологијата. Двете се први жени премиерки во своите држави и најавија унапредување на односите во „посебно стратешко партнерство“.
Фото: ЕПА
Свет
Исчезна авион во Индонезија
Авион ATR 400 на лет од Џогјакарта кон Макасар го изгубил контактот во индонезиската провинција Јужен Сулавеси, јавија денеска локалните медиуми.
Леталото на компанијата Indonesia Air Transport требало да слета на Меѓународниот аеродром Султан Хасанудин во Макасар. Контактот наводно бил изгубен околу 13:17 часот по локално време, додека авионот летал над подрачјето на Марос, пренесе Синхуа.
Индонезиската агенција за пребарување и спасување Basarnas во Макасар соопшти дека тимови се упатени на сомнителна локација, откако од AirNav Indonesia добиле податоци со координати.
Според информациите, потрагата се спроведува во областа Леанг-Леанг во регентството Марос.
Шефот на операции на Basarnas во Макасар, Анди Султан, изјави дека првичните информации укажуваат оти авионот бил на пат кон Макасар кога е изгубен контактот.
Во заедничката операција за пребарување и спасување учествуваат три тима со околу 25 лица.
Началникот на полицијата во регентството Марос, Даглас Махендраџаја, изјави дека полицијата ги проверува наводите за губење на контактот со авионот, додавајќи дека информацијата сè уште не е официјално потврдена.
Свет
Иранскиот врховен лидер го обвини Трамп за немирите и жртвите
Протестите што со недели го потресуваа Иран се смирија, но зад себе оставија илјадници жртви и тешки обвинувања. Иранскиот врховен водач Али Хамнеи го обвини американскиот претседател Доналд Трамп за „жртвите и штетите“ настанати за време на немирите, пренесува Скај њуз.
Во својата прва објава на социјалната мрежа „Икс“ по 12 јануари, иранскиот врховен водач Али Хамнеи изјави дека Доналд Трамп го смета за одговорен за жртвите, штетите и клеветите што ги изнел против иранскиот народ.
Хамнеи претходно ги обвини демонстрантите дека дејствуваат во име на Трамп и други „странски терористи“, нарекувајќи ги „вандали и“ кои „ги уништуваат сопствените улици за да го израдуваат претседателот на друга земја“.
За време на немирите, дел од демонстрантите ги палеа фотографиите на Хамнеи, што стана симбол на пркос и отпор против режимот.
Според организациите за човекови права, во насилното задушување на протестите биле убиени над 3.000 луѓе, додека иранските власти признаваат околу 300 жртви. Демонстрациите избувнаа кон крајот на декември поради економската криза, а прераснаа во протести против клерикалната власт.
Иако животот во Техеран и другите градови постепено се нормализира, властите спроведуваат процена на штетите, додека интернетот бил речиси целосно блокиран повеќе од една недела, што ја отежнало независната проверка на настаните.
Фото: ЕПА

