Свет
Џонсон и Трудо демантираа дека му се потсмевале на Трамп
Британскиот премиер, Борис Џонсон, го игнорира новинарското прашање за видеото во кое тој заедно со канадскиот премиер и францускиот претседател го исмева однесувањето на американскиот претседател, Доналд Трамп.
Во нивно друштво во Бакингемската палата беа и холандскиот премиер, Марк Рутеи, и британската принцеза Ана, а се слуша како Трудо по повод долгата конференција на Трамп, вели: „Штотуку гледавте како им паѓаат вилиците на луѓето од неговиот тим“.
„Навистина не знам за што се работи. Тоа е целосна глупост и не знам од каде дојде тоа“, рекол Џонсон запрашан за коментар за таквите наводи, пренесе АП.
Новинарите го прашале и Трудо да ја коментира видеоснимката, на што тој рекол дека има добри односи со Трамп. Тој објасни дека тие не се шегувале на прес-конференцијата што вчера ја одржа Трамп, туку на локацијата каде што ќе се одржи следниот самит на Г7, а тоа е Кемп Дејвид, службеното одморалиште на американскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.