Свет
Бела полициска бројка за црното оружје во Македонија
Криминалците во Македонија извршуваат двојно повеќе кривични дела со нелегално оружје, а полициските анализи покажуваат дека скоро половина од убиствата во земјава се извршуваат со црно оружје.
НЕЛЕГАЛНО ОРУЖЈЕ
Криминалците во Македонија извршуваат двојно повеќе кривични дела со нелегално оружје, а полициските анализи покажуваат дека скоро половина од убиствата во земјава се извршуваат со црно оружје.
Според полициските статистики, борбата на МВР против нелегалната трговија со оружје во 2005 година е многу поуспешна отколку лани, а се почесто се запленуваат големи количества оружје без дозвола. И покрај ваквата ведра статистика на МВР, меѓународните организации за борба против нелегалното оружје тврдат дека во рацете на народот во Македонија има уште многу црно оружје.
Новата анализа на МВР покажува дека во февруари годинава, биле откриени 27 кривични дела поврзани со недозволено изработување, држење и тргување оружје или распрскувачки материи. Во истиот период биле пријавени 35 осомничени лица.
Во арсеналот што полицијата успеала да го заплени најмногубројни се пиштолите – вкупно 37 парчиња, со кои биле извршени кривични дела.
На црната листа следуваат шест автоматски пушки, шест рачни бомби, пет ловни пушки, еден ловен карабин, две стари пушки и по една снајперска пушка, воздушна пушка, малокалибарска пушка и боева пушка. Во февруари биле запленети уште 1.376 парчиња муниција и 500 грама експлозив.
Според полициската анализа, во февруари биле поднесени и 40 барања за поведување прекршочна постапка против 46 лица за нелегално поседување, носење и злоупотреба на оружјето.
Од истите лица биле одземени 45 парчиња оружје од кои 23 парчиња ладно оружје, 11 ловни пушки и еден ловен карабин, четири пиштоли, пет воздушни пушки и една малокалибарска пушка.
За споредба во јануари годинава биле откриени 19 кривични дела извршени од 24 лица, а биле запленети 16 парчиња оружје.
Податоците на полицијата за минатата година покажуваат дека двојно повеќе убиства во Македонија се извршуваат со нелегално оружје, а податоците за другите кривични дела се поалармантни.
Во последниот период полицијата ги зголеми активностите поврзани со борбата со нелегалното оружје, за кое се претпоставува дека во земјава се уште го има во голем број.
Полицијата најчесто одзема пиштоли, автоматски, полуавтоматски пушки и автомати. Следуваат ловното и спортското оружје. Неретко се запленуваат и рачни бомби, гранати и ракети за рачни ракетни фрлачи и минофрлачи.
Во минатата година честопати граѓани оставаа оружје и муниција на разни места за полесно да се ослободат од него оти го поседувале нелегално.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Избран е новиот врховен лидер на Иран
Иранското Собрание на експерти го избра Моџтаба Хосеини Хамнеи за нов врховен лидер на Исламската Република, објавува Иран Интернешнл.
Овој историски и клучен политички потег за иднината на земјата дојде само неколку дена откако неговиот татко, долгогодишниот ајатолах Али Хамнеи, беше убиен во разорен израелски воздушен напад рано наутро во саботата.
Моџтаба Хамнеи е најстариот син на убиениот врховен лидер и личност со исклучително длабоки корени во безбедносниот и воениот апарат на државата.
Уште како млад човек, тој активно учествувал во крвавата војна Иран-Ирак, борејќи се токму во редовите на Револуционерната гарда. Неговото влијание особено се зајакна кога го презеде оперативното водство на озлогласената паравоена организација Басиџ, милиција која одигра клучна и брутална улога во насилното задушување на масовните антивладини протести по спорните претседателски избори во 2009 година.
Неговото официјално назначување на највисоката верска и политичка позиција во земјата испраќа недвосмислена порака до Западот, но и до домашната јавност, дека иранското раководство не планира никакви отстапки или поумерени политики во наредните денови.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ лут на граѓаните: „Отидоа да се сончаат во Дубаи и не ме слушаа што зборував“
Првиот авион со патници од Дубаи слета во Белград рано утрово, а вториот се очекува во текот на ноќта. Српскиот претседател Александар Вучиќ е лут на граѓаните кои, како што вели, не го послушале, иако немало официјално државно предупредување против патување на Блискиот Исток, пишува N1 Белград.
„Сите оние кои се сончаа во Дубаи и не ме слушаа што зборував сега ќе ги бараат виновниците во нас, кои им помагаат да се извлечат од сето ова“, рече српскиот претседател.
Првото враќање од Емиратите до Србија беше успешно, иако летот беше одложен за неколку часа и помина подолг пат преку Оман. Патниците ја опишуваат хаотичната ситуација.
„Никој не не контактираше. Неколку пати се јавив во амбасадата, но немаа информации. Бевме сами“, рече еден од патниците. Други додадоа: „Не излеговме ниту се движевме многу. Амбасадорот не посети и тоа беше тоа.“
Еден патник рече: „Беше хаотично и воопшто не беше безопасно. Никој не ни зборуваше, но ниту ние не го очекувавме тоа. Сè решивме во лет.“ Сите се согласуваат за едно: „Секој може да каже што сака, но ситуацијата не беше безопасна.“
Дека ситуацијата не беше безопасна потврдуваат и експертите кои го следеа летот. „Безбедносните услови за тој лет не беа добри. Само 25 минути по полетувањето, целиот воздушен простор на Емиратите беше затворен бидејќи Министерството за одбрана објави дека бараж од балистички ракети се движи кон Емиратите“, вели Петар Војиновиќ од порталот „Танго Сикс“.
Ситуацијата на терен е непредвидлива, но оние што живеат и работат во Емиратите ја доживуваат поинаку од туристите.
„Градилиштето работи, има повеќе сообраќај на улиците, трговските центри се отворени, Бурџ Калифа не е евакуирана. Фала му на Бога, сè е нормално“, вели агентот за недвижности Милан Станиќ.
ИТ експертот Милан Шариќ размислува слично: „Жал ми е за туристите, нивната ситуација е поинаква. Тие се на аеродромот, слушаат звуци, не ѝ веруваат на владата тука, а за нив сè е различно“.
фото/Depositphotos
Свет
Иран: Сè уште не сме го употребиле нашето најнапредно оружје
Иран е подготвен за долга војна против САД и Израел и сè уште не го употребил своето најнапредно оружје, соопшти денес иранското министерство за одбрана.
„Имаме капацитет да се спротивставиме и да продолжиме со офанзивната одбрана подолго отколку што непријателот планираше за оваа наметната војна“, изјави портпаролот на министерството, Реза Талаеи-Ник, цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.
„Немаме намера да го распоредиме целото наше напредно оружје и опрема во првите неколку дена“, додаде тој.
Во меѓувреме, Револуционерната гарда вечерва објави дека испалила уште еден пламен од ракети кон Израел.
„Шеснаесеттиот бран на „Операција Вистинско ветување 4“ започна со голем број ракети и беспилотни летала лансирани од Воздухопловните сили на Револуционерната гарда кон срцето на окупираните територии“, се вели во соопштението, осврнувајќи се на Израел.
фото/Depositphotos

