Свет
Командантот на военото воздухопловство бил во кокпитот на полскиот авион

Командантот на полското воено воздухопловство генерал Анджеј Блашик бил во пилотската кабина до самиот пад на авионот во кој на 10 април во близината на Смолнеск во Русија загина претседателот на Полска Лех Качински и 88 члена делегација
Командантот на полското воено воздухопловство генерал Анджеј Блашик бил во пилотската кабина до самиот пад на авионот во кој на 10 април во близината на Смолнеск во Русија загина претседателот на Полска Лех Качински и 88 члена делегација.
Ова информација ја потврди полскиот претставник во руската комисија што ја истражува несреќата Едмунд Клих, додавајќи дека генералот Блашок влегол во кокпитот 16 минути пред трагедијата.
Присуството на генералот во кокпитот ги зајакна тезите во истрагата дека пилотите, макар и посредно, биле под притисок да слетаат во Смолнеск и во невозможни временски услови.
Според Клих, психолошката анализа на гласовите од пилотската кабина може да покаже дали и колку биле под притисок да слетаат по секоја цена.
Контролорите на летање на воениот аеродром во Смоленск јасно на пилотите им нагласиле дека временските услови не дозволуваат слетување и ги упатиле кон алтернативен аеродром.
Истрагата за несреќата на авионот од типот Тупољев 154, во кој заедно со полскиот претседател Лех Качињски загинаа уште 95 патници и членови на екипажот, досега како причини исклучи терористички напад, експлозија и дефект, бидејќи моторите работеле се до ударот на земја. /крај/бт/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Стејт департмент: Претседателот е задоволен од прекинот на огнот

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е задоволен од прекинот на огнот меѓу Израел и Иран.
„Мислам дека кога ќе се погледне начинот на кој се одвиваше денот, имаше одредена активност од двете страни, но тоа сега престана и прекинот на огнот е на сила“, рече таа.
„Претседателот е задоволен. Затоа мислам дека можеме да го земеме тоа како показател за неговите чувства во овој момент“, додаде Брус.
Свет
Нетанјаху: Постигнавме историска победа

Постигнавме историска победа, објави во видео порака, израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Тој рече дека победата ќе се памети со генерации, додавајќи дека Израел никогаш немал подобар пријател во Белата куќа од Доналд Трамп.
„Елиминиравме две непосредни егзистенцијални закани – нуклеарната закана и заканата од балистички ракети. Доколку не дејствувавме, наскоро ќе се соочевме со опасноста од уништување“, додаде тој.
Свртувајќи го своето внимание кон „иранската оска“, тој рече дека Израел „мора да ја заврши кампањата“.
„Тоа значи поразување на Хамас и враќање дома на сите израелски заложници што остануваат во Газа, мртви или живи“, рече тој.
Свет
Иран објави крај на војната

Иранскиот претседател, Масуд Песекијан, денес објави крај на 12-дневната војна со Израел во порака до нацијата и рече дека не сака да се здобие со нуклеарно оружје, туку да ги реши сите несогласувања на преговарачката маса, објави новинската агенција ИРНА.
„Денес, по херојскиот отпор на нашата голема нација, која со решителност пишува историја, сме сведоци на стапувањето во сила на прекинот на огнот и крајот на таа 12-дневна војна наметната од авантуризмот и провокацијата на Израел“, напиша Песекијан.
Тој повтори дека неговата земја не се обидува да се здобие со нуклеарно оружје, но дека ќе продолжи да го брани своето легитимно право да развива цивилна нуклеарна програма.
Во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Мохамед бин Зајед, Песекијан рече дека „со оглед на нивните односи со САД, тој очекува ОАЕ да им објасни дека Иран сака само да ги оствари своите легитимни права“, додаде ИРНА.
Израел го нападна Иран на 13 јуни, обвинувајќи го теократскиот исламистички режим дека се обидува да се здобие со атомско оружје, уништувајќи стотици воени и нуклеарни објекти. Исламската Република одговори со лансирање стотици ракети и беспилотни летала кон Израел.
Во неделата, САД извршија невидени напади врз три ирански нуклеарни објекти. Двете страни остануваат длабоко поделени околу прашањето за збогатување на ураниум. Иран тврди дека тоа е право за кое не може да се преговара, додека Вашингтон го смета за „црвена линија“. Иран вчера испука ракети врз американската воена база во Катар.