Свет
Властите на Јамајка воспоставија мир

Властите на Јамајка по три дена насилства успеаја да преземат контрола врз сиромашниот дел на Кингстон, јавија агенциите, додавајќи дека на улиците на престолнината сега е мирно
Властите на Јамајка по три дена насилства успеаја да преземат контрола врз сиромашниот дел на Кингстон, јавија агенциите, додавајќи дека на улиците на престолнината сега е мирно.
Во судирите меѓу силите за безбедност на Јамајка и оружени припадници на криминална група, според последните информации загинале најмалку 44 цивили.
Тридневните насилства, кои избувнаа во недела, откако премиерот Брус Голдинг пред една недела го прифати барањето на САД за израчување на водачот на криминална група Кристофер Кок, познат како Дудус, завршија.
Досега премиерот Голдинг одбиваше екстрадиција на Кок, бидејќи тој е поврзан со неговата Работничка партија, со изговор дека американските докази биле добиени со нелегално прислушување.
Властите на Јамајка не успеаја да го фатат Дудус, иако приведоа и сослушаа над 500 лица, а не можат ниту да потврдат дали тој се уште се наоѓа во земјата.
Криминалните групи на Јамајка се занимаваат со трговија на дрога и оружје, а земјата е најголем извозник на марихуана во тој регион.
Јамајка има 2,8 милиони жители, а минатата година таму имало 1660 убиства. /крај/ста/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нетанјаху: Ова е тежок ден за Израел

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека денес е многу тежок ден за народот на Израел откако армијата потврди дека седум припадници на израелските вооружени сили се убиени во борбите во јужниот дел на Појасот Газа.
„Заедно со сите граѓани на Израел, јас и мојата сопруга жалиме и ја чувствуваме болката поради смртта на седуммина наши борци од баталјонот за борбено инженерство, нека почиваат во мир,“, рече Нетанјаху во официјално соопштение. Тој додаде дека израелскиот народ „им испраќа искрено сочувство на семејствата кои ги загубија најскапоцените“.
Како што претходно објави израелската армија, еден офицер и шест војници беа убиени вчера во градот Кан Јунис, на југот на Газа, кога експлозивна направа поставена под нивното возило експлодира и предизвика пожар. Друг војник беше тешко ранет во одделен инцидент.
Минатиот месец израелската армија нареди евакуација на населението од Кан Јунис пред „невиден напад“, пренасочувајќи ги цивилите кон ал-Маваса, крајбрежна област во западниот дел на Газа, каде што беше започната нова фаза од воената офанзива.
Свет
Руте: САД предолго носеа премногу од товарот, тоа се менува денес

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, му рече на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека неговиот притисок довел до историска промена во одбранбената политика на алијансата.
Зборувајќи на самитот на НАТО во Хаг, Руте нагласи дека за време на состанокот ќе бидат донесени „историски и трансформативни одлуки“ што ќе ја направат алијансата „посилна, пофер и посмртоносна“.
„Нашата континуирана посветеност на Член 5, кој гарантира дека нападот врз една членка е напад врз сите, испраќа силна порака“, им рече Руте на светските лидери.
Тој рече дека клучната промена ќе биде зголемување на трошоците за одбрана на земјите-членки на 5% од БДП. Потоа му се обрати на Трамп, кој седеше директно до него.
„Соединетите Американски Држави предолго носеа премногу од товарот. Тоа се менува денес“, рече Руте.
„Драг Доналд, ти ја овозможи оваа промена. Твоето лидерство по ова прашање веќе доведе до дополнителни 1 трилион долари трошоци за одбрана од страна на европските сојузници од 2016 година“, додаде тој.
Трамп, кој со години ги критикува европските членки дека не инвестираат доволно во одбраната, треба да биде задоволен од изјавата на Руте. Зголемувањето на воените трошоци е клучно прашање на неговата агенда за надворешна политика.
Свет
Трамп: Ако не ги уништeвме нуклеарните комплекси на Иран, тие никогаш немаше да се согласат на мир

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на прес-конференција за време на самитот на НАТО во Хаг изјави дека американските воздушни напади врз нуклеарните објекти на Иран ја уништија иранската програма и де факто ја завршија војната.
„Мислам дека ги вративме со децении назад. Поминаа низ пекол… Последното нешто што сега го сакаат е повторно да збогатуваат“, рече Трамп, додавајќи: „Тој удар ја запре војната“.
Трамп повторно ги бранеше своите тврдења дека тоа е целосно уништување на капацитетите на Иран.
„Ако нивните локации не беа уништени, Техеран немаше да се согласи на примирје“, рече тој. За конфликтот меѓу Израел и Иран, тој рече: „Како две деца на училишно игралиште – ги оставате да се борат две или три минути, а потоа лесно ги разделувате“.
Трамп беше поддржан и од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој го нарече нападот „импресивен“ и рече: „САД ги уништија нуклеарните капацитети на Иран. Тој напад испраќа порака за сила до светот“.
Трамп го искористи обраќањето за повторно да ги нападне американските медиуми за известување за протекувањето на класифицирани информации. Тој конкретно ги критикуваше CNN и New York Times, опишувајќи ги како „ѓубриња“. Бранејќи ја употребата на терминот „уништување“ за да се опише штетата на иранските локации, тој рече дека тоа е „силен збор“, но дека и Израел го употребил.
Тој исто така откри дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, кој му понудил помош со Иран. „Му реков: помогнете ни со Русија, а не со Иран“, рече Трамп.
Зборувајќи за Газа, Трамп потврди дека американската администрација е блиску до постигнување договор и дека нападите врз Иран дополнително го забрзале тој процес. „Веќе бевме многу блиску до договор за Газа. Мислам дека ова помогна“, заклучи тој.