Свет
Амнестија за Војо, Ламбе, Љубен, Даравелa…
Власта токми новогодишен подарок – амнестија за Војо Михајловски, Ламбе Арнаудов, Љубен Пауновски, Драган Даравелски и за другите што се обвинети за злоупотреба на службената положба, дознава "Дневник".
ТОКМИ ЛИ ВЛАСТА СПЕЦИЈАЛЕН НОВОГОДИШЕН ПОДАРОК?
Власта токми новогодишен подарок – амнестија за Војо Михајловски, Ламбе Арнаудов, Љубен Пауновски, Драган Даравелски и за другите што се обвинети за злоупотреба на службената положба, дознава "Дневник". Подарокот ќе биде спакуван во вид на измена на Кривичниот законик, од кој ќе се избрише членот 353, кој се однесува на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
Нашите извори тврдат дека бришењето на овој член е дел од договорот на ВМРО-Народна партија со СДСМ. Имено, партијата на Љубчо Георгиевски се обврзала да гласа за уставните промени, а за возврат владејачката партија да помогне да се ослободат од гонење сите поранешни функционери.
Предлог-законот за измена на Кривичниот законик, поднесен од ВМРО-НП, е веќе во собраниска процедура и најверојатно ќе биде на дневниот ред на седницата на 20 декември. Ако помине, пратениците од Народна очекуваат да бидат запрени сите постапки што се водат за ова дело, според генералното правило дека новите закони важат ретроактивно ако се во полза на обвинетите. Иако тоа не би значело автоматска амнестија, зашто обвинителството ќе може да ги гони според другите одредби од законот, нашите извори претпоставуваат дека новата ситуација сепак ќе значи слобода за повеќе поранешни функционери.
– Бришењето на овој член и одговара и на власта зашто на тој начин ќе се ослободат од одговорност сите актуелни функционери за кои се утврдени ненаменски и незаконски трошења на пари. Тоа е во интерес и на самиот премиер Владо Бучковски, за кој беше утврдено дека, како министер за одбрана, ненаменски трошел државни пари. Нешто слично беше направено во 1996 година, кога од одговорност за злоупотреба на службена положба беа изземени директорите на тогашните општествени претпријатија, со што се елиминира секаква можност за санкционирање на криминалната приватизација – вели нашиот извор.
Во ВМРО-НП најостро ги отфрлаат овие тврдења и објаснуваат дека гласовите што ги дадоа за уставните промени не се поврзани со предложената измена во Кривичниот законик.
– За уставните амандмани гласавме зашто ни беа прифатени повеќе забелешки и зашто тие се во насока на нашето приближување до Европа, а не поради некаков пазар. Спорниот член е рецидив од претходниот систем. Тој треба да се избрише и како дел од приспособувањето на нашето законодавство кон европското. Никаде во Европа нема такво дело. Зборот злоупотреба е преширок и под него може да се подразбира се и сешто, а тоа на органите на прогонот им дава можност за широко толкување. Досегашното искуство покажа дека има огромен број обвиненија, а многу малку завршени случаи. Оваа одредба очигледно служи само за малтретирање на обвинетите, за политички реваншизам и за водење хајки – вели Жарко Караџовски, пратеник на ВМРО-Народна.
Идејата за бришење на членот 353, оваа партија првпат ја соопшти по обидот за самоубиство на обвинетиот Војо Михајловски. Таа веднаш наиде на остри критики и во стручната јавност и во антикорупциската комисија.
– Бесмислено и спротивно на сите трендови во меѓународната регулатива е овој член да се брише од Кривичниот законик. Сите измени во Кривичниот законик што ги направивме досега заради усогласување на домашната со европската регулатива беа за заострување на санкциите кон злоупотребите на власта и за јакнење на нејзината одговорност. Овој член го има во законодавствата на сите држави – изјави професорот по кривично право, Владо Камбовски.
Слично размислува и претседателот на антикорупциската комисија, Драган Малиновски, кој смета дека ако се избрише тој член, ќе се создаде огромна празнина во правниот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„ВизЕр“ и „ФлајДубаи“ организираат летови за враќање на Унгарците од Блискиот Исток
Унгарија организира враќање на своите граѓани кои се заглавени на Блискиот Исток поради ескалацијата на конфликтот. Два авиона, секој со 90 патници, ќе полетаат од Аман, Јордан, утре и четврток, изјави денес министерот за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
Тој додаде дека е можно да се влезе во Јордан од Израел преку два копнени гранични премини. Во исто време, „ВизЕр“ го зголемува бројот на летови од Египет, а авиокомпаниите од Обединетите Арапски Емирати исто така делумно го обновуваат сообраќајот, објавува Daily News Hungary.
Во гостувањето во подкастот „Час на вистината“, Сијарто објасни дека во Израел има многу унгарски граѓани кои можат да ја напуштат земјата со одење во Јордан или преминување во Египет преку граничниот премин отворен 24 часа на ден.
За да се олесни враќањето на Унгарците што пристигнуваат во Египет, авиокомпанијата „ВизЕр“ го зголемува бројот на летови до Шарм ел Шеик од сегашните три на десет неделно, потврди министерот.
„Воздушниот сообраќај од Обединетите Арапски Емирати е делумно обновен, а авион на ‘ФлајДубаи’ полета за Унгарија попладнево“, објави Сијарто на „Фејсбук“.
Министерот потсети на напнатата ситуација во регионот, наведувајќи дека Иран ги продолжил своите сеопфатни напади врз земјите од Заливот преку ноќ и дека беспилотни летала биле насочени и кон амбасадата на САД во Ријад.
„Повеќето земји сè уште го држат својот воздушен простор затворен“, рече Сијарто, додавајќи дека „Катар ервејс“ сè уште не дал информации за продолжување на летовите.
Од друга страна, тој го потврди денешниот лет на „ФлајДубаи“, кој превезува патници со веќе купени билети.
„’Емирејтс’, исто така, ги обнови летовите, а неколку унгарски граѓани веќе го напуштија регионот, летајќи кон разни европски дестинации“, заклучи министерот.
Свет
Шпанија одговори на заканите на Трамп за прекин на трговските односи
Шпанската влада одговори на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за прекинување на трговските односи со Шпанија, која ја нарече „ужасен“ сојузник поради наводно несоработка во врска со воените бази.
Во соопштението, владата посочува дека ако Вашингтон сака да ги преиспита трговските односи, „ќе мора да го стори тоа почитувајќи ја автономијата на приватните компании, меѓународното право и билатералните договори меѓу Европската Унија и САД“, објави RTVE.es.
Владата, исто така, ја бранеше позицијата дека Шпанија е клучна членка на НАТО која ги исполнува своите обврски и значително придонесува за одбраната на европската територија.
„Ние сме исто така извозна сила на ЕУ и сигурен трговски партнер за 195 земји низ целиот свет, вклучувајќи ги и САД, со кои одржуваме историски и меѓусебно корисни трговски односи“, се наведува во соопштението.
И покрај сè, Мадрид посочи дека Шпанија ги има потребните ресурси за ублажување на евентуалните удари, за помош на секторите што би можеле да бидат погодени и за диверзификација на синџирите на снабдување.
Во секој случај, се додава во соопштението, волјата на владата е и секогаш ќе биде да се залага за слободна трговија и економска соработка меѓу земјите, со меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право.
фото/Depositphotos
Свет
Израелска војска: Нападнавме таен ирански нуклеарен комплекс
Израелските воздухопловни сили нападнаа тајна иранска нуклеарна локација во предградието на Техеран порано денес, објави израелската војска.
На прес-конференција, портпаролката на ИДФ, бригаден генерал Ефи Дефрин, изјави дека група нуклеарни научници „тајно работеле на развој на капацитети потребни за нуклеарно оружје“ во делумно подземниот објект.
Според ИДФ, по 12-дневната војна меѓу Израел и Иран во јуни 2025 година, за време на која цел беа иранските нуклеарни објекти, Иран „не ги запрел своите воени нуклеарни активности и продолжил да развива капацитети потребни за нуклеарно оружје, истовремено преместувајќи ја инфраструктурата на подземна локација заштитена од воздушни напади“.
ИДФ соопшти дека ги следела активностите на иранските нуклеарни научници и „ја лоцирала нивната нова локација, што овозможило прецизен удар врз тајниот комплекс“.
фото/Depositphotos

