Свет
Јавните набавки се најризични за корупција
Јавните набавки се најризичната област во која функционерите и државните службеници можат да бидат пристрасни и да им дадат предност на приватните интереси пред општествените.
Антикорупциска рампа за функционерите и службениците
КАТИЦА ЧАНГОВА
Јавните набавки се најризичната област во која функционерите и државните службеници можат да бидат пристрасни и да им дадат предност на приватните интереси пред општествените. Изминативе петнаесетина години во донесувањето одлуки имаше премногу мислење на личните, роднински, пријателски и партиски врски, а се забораваше заштитата на јавниот интерес. Многу битна антикорупциска рампа за независна и објективна процена ќе биде законот за спречување на судирот на интереси, беше потенцирано на вчерашната промоција на работниот текст што ја организираше "Транспарентност-Македонија". Притоа беше нагласено дека за секоја функција, хиерархиски, почнувајќи од шефот на државата, премиерот, министрите… мора да се дефинира приватниот интерес кој е неспојлив со јавниот интерес, оти во спротивно, нема да се постигне ништо.
Озаконетиот етички кодекс за однесување на службениците, избраните и именуваните функционери во сите државни и јавни тела, одговорните во јавните претпријатија со државен капитал, ќе ги прошири обврските и забраните за овие категории лица. "Претпоставка за успешно спречување на корупцијата е спречувањето на постоење судир на интереси кај носителите на јавни овластувања. Мора да бидеме искрени и да признаеме дека од оваа современа болест изразена преку судир на интереси, непотизам и протекции, страда и нашето општество. Таа болест ја подјадува довербата во институциите, довербата во правната држава. Оттаму е и поголема обврската на сите сегменти на власта – извршната, законодавната и судската – со целосна посветеност и заемна координација да се борат против ова зло", беше пораката на премиерот Владо Бучковски за кого најуспешен начин за спречување на судирот на интереси е донесувањето на посебен закон за регулирање на оваа материја.
Соодветното третирање и решавање на судирот на интереси значи ефикасна борба против корупцијата, но и зајакнување на одговорноста на лицата што вршат јавни функции, смета министерот за правда, Мери Младеновска-Ѓорѓиевска. Таа оцени дека со квалитетна законска регулатива ќе се овозможи успешна борба на институциите на системот во спречувањето на општествено негативните појави. Претседателот на "Транспарентност", Зоран Јачев истакна дека главна порака на законот е да се спречат луѓето кои се на функција да мислат само на себе и на своите и да почнат да мислат за сите. "Македонија е меѓу последните земји во регионот што немаат закони за спречување судир на интереси и за слободен пристап до информации од јавен карактер. Тоа може биде лошо бидејќи сме последни, но може да биде и добро ако успееме да ги извлечеме поуките од грешките што другите земји ги направиле во изготвувањето на овие законски текстови за да направиме подобри", нагласи Јачев.
Промоцијата беше можност премиерот Бучковски и министерот Младеновска-Ѓорѓиевска да ги стават своите потписи на декларацијата – Нулта толеранција за корупцијата, иницирана од "Транспарентност".
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„ВизЕр“ и „ФлајДубаи“ организираат летови за враќање на Унгарците од Блискиот Исток
Унгарија организира враќање на своите граѓани кои се заглавени на Блискиот Исток поради ескалацијата на конфликтот. Два авиона, секој со 90 патници, ќе полетаат од Аман, Јордан, утре и четврток, изјави денес министерот за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
Тој додаде дека е можно да се влезе во Јордан од Израел преку два копнени гранични премини. Во исто време, „ВизЕр“ го зголемува бројот на летови од Египет, а авиокомпаниите од Обединетите Арапски Емирати исто така делумно го обновуваат сообраќајот, објавува Daily News Hungary.
Во гостувањето во подкастот „Час на вистината“, Сијарто објасни дека во Израел има многу унгарски граѓани кои можат да ја напуштат земјата со одење во Јордан или преминување во Египет преку граничниот премин отворен 24 часа на ден.
За да се олесни враќањето на Унгарците што пристигнуваат во Египет, авиокомпанијата „ВизЕр“ го зголемува бројот на летови до Шарм ел Шеик од сегашните три на десет неделно, потврди министерот.
„Воздушниот сообраќај од Обединетите Арапски Емирати е делумно обновен, а авион на ‘ФлајДубаи’ полета за Унгарија попладнево“, објави Сијарто на „Фејсбук“.
Министерот потсети на напнатата ситуација во регионот, наведувајќи дека Иран ги продолжил своите сеопфатни напади врз земјите од Заливот преку ноќ и дека беспилотни летала биле насочени и кон амбасадата на САД во Ријад.
„Повеќето земји сè уште го држат својот воздушен простор затворен“, рече Сијарто, додавајќи дека „Катар ервејс“ сè уште не дал информации за продолжување на летовите.
Од друга страна, тој го потврди денешниот лет на „ФлајДубаи“, кој превезува патници со веќе купени билети.
„’Емирејтс’, исто така, ги обнови летовите, а неколку унгарски граѓани веќе го напуштија регионот, летајќи кон разни европски дестинации“, заклучи министерот.
Свет
Шпанија одговори на заканите на Трамп за прекин на трговските односи
Шпанската влада одговори на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за прекинување на трговските односи со Шпанија, која ја нарече „ужасен“ сојузник поради наводно несоработка во врска со воените бази.
Во соопштението, владата посочува дека ако Вашингтон сака да ги преиспита трговските односи, „ќе мора да го стори тоа почитувајќи ја автономијата на приватните компании, меѓународното право и билатералните договори меѓу Европската Унија и САД“, објави RTVE.es.
Владата, исто така, ја бранеше позицијата дека Шпанија е клучна членка на НАТО која ги исполнува своите обврски и значително придонесува за одбраната на европската територија.
„Ние сме исто така извозна сила на ЕУ и сигурен трговски партнер за 195 земји низ целиот свет, вклучувајќи ги и САД, со кои одржуваме историски и меѓусебно корисни трговски односи“, се наведува во соопштението.
И покрај сè, Мадрид посочи дека Шпанија ги има потребните ресурси за ублажување на евентуалните удари, за помош на секторите што би можеле да бидат погодени и за диверзификација на синџирите на снабдување.
Во секој случај, се додава во соопштението, волјата на владата е и секогаш ќе биде да се залага за слободна трговија и економска соработка меѓу земјите, со меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право.
фото/Depositphotos
Свет
Израелска војска: Нападнавме таен ирански нуклеарен комплекс
Израелските воздухопловни сили нападнаа тајна иранска нуклеарна локација во предградието на Техеран порано денес, објави израелската војска.
На прес-конференција, портпаролката на ИДФ, бригаден генерал Ефи Дефрин, изјави дека група нуклеарни научници „тајно работеле на развој на капацитети потребни за нуклеарно оружје“ во делумно подземниот објект.
Според ИДФ, по 12-дневната војна меѓу Израел и Иран во јуни 2025 година, за време на која цел беа иранските нуклеарни објекти, Иран „не ги запрел своите воени нуклеарни активности и продолжил да развива капацитети потребни за нуклеарно оружје, истовремено преместувајќи ја инфраструктурата на подземна локација заштитена од воздушни напади“.
ИДФ соопшти дека ги следела активностите на иранските нуклеарни научници и „ја лоцирала нивната нова локација, што овозможило прецизен удар врз тајниот комплекс“.
фото/Depositphotos

