Свет
Авионот што се урна со бразилските фудбалери му припаѓал на венецуелски политичар и бизнисмен, имал проблеми со горивото
Авионот кој се урна во близина на колумбискиот град Меделин во вторникот утрото, му припаѓал на венецуелскиот бизнисмен и поранешен политичар Рикардо Албасете, а екипажот на леталото со кое се превезуваа и бразилските фудбалери непосредно пред падот јавил за недостиг од гориво и откажување на системот за напојување, пренесуваат медиумите во средата вечерта.
Пред шест години, во 2010-та, поранешниот политичари Рикардо Албасете во Венецуела ја регистрирал воздухопловната компанија „Linea Aerea Meridena Internacional de Aviacion“ (LAMIA). Според агенцијата Reuters, Управата за цивилно воздухопловство на Венецуела не му издало лиценца на авиопревозникот, но причините за тоа не се прецизирани. Подоцна бизнисменот ги издал своите три авиона на независниот од неговата компанија авиопревозник „LAMIA Bolivia“, од кои еден се урнал во вторникот.
Според челникот на боливиската агенција за цивилна авијација, Цезар Варела, урнатиот авион бил сертифициран во јануари 2016 година.
Албасете претходно имал во сопственост и управувал со книжарници, енергетска компанија и организации за образовни услуги. Во 1990-те тој бил влијателен член на венецуелската лева социјалистичка партија Радикално дело.
Екипажот на авионот во кој настрада речиси целиот тим на бразилскиот фудбалски клуб Шапекоенсе, пред падот до контролата на летањето пријавил недостиг од гориво и грешка во системот за напојување со струја, пишува интернет изданието на дневниот весник El Colombiano, кој ја објавува аудио снимката од разговорот меѓу пилотот и диспечерот.
„Барам приоритет за слетување, имаме проблем со горивото“, зборува пилотот во втората минута од снимката. По разговорот со контролорот, авионот започнал со остро понирање. Во деветтата минута пилотот повторно воспоставува врска и вели дека „во авионот целосно откажал системот за снабдување со струја и нема гориво“. По три минути снимката завршува.
Како што претходно соопштија од меѓународниот аеродром „Хозе Марија Кордоба“, каде што требало да слета авионот во 22 часот по локално време или во 4 утрото по македонско, екипажот претходно пријавил итна ситуација поради „проблем со системот за електронапојување“. Директорот на Управата за цивилна воздушна пловидба на Колумбија, Алфредо Боканегра, не исклучи и тогаш дека причина за трагедијата можно да е недостиг од гориво.
Авионот на боливиската воздухопловна компанија се урна во близина на градот Ел Гордо, недалеку од општината Ла Унион, во департманот Антиокија, во понеделникот вечерта по локално време. Според последните податоци во него се наоѓале 77 лица, од кои 22 играчи на бразилски Шапекоенсе. Несреќата ја преживеаја шест лица./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ гледа отворен пат кон поинаков Иран по смртта на врховниот лидер
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека смртта на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи претставува момент на пресврт во историјата на Иран.
„Она што следува е неизвесно. Но сега постои отворен пат кон поинаков Иран, во кој неговите граѓани би можеле да имаат поголема слобода да го обликуваат“, напиша Калас на платформата Икс.
„Во контакт сум со партнерите, вклучително и со оние во регионот кои го носат најголемиот товар од иранските воени дејствија, со цел да пронајдеме конкретни чекори за деескалација“, додаде таа.
Фото: Depositphotos
Свет
Иранскиот претседател: Одмаздата е наше легитимно право по убиството на Хамнеи
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во ново соопштение порача дека одмаздата по убиството на врховниот лидер е легитимно право и должност на Иран.
„Исламската Република Иран ја смета одмаздата врз извршителите и наредбодавците на овој злостор како своја легитимна должност и право и ќе ја исполни таа голема одговорност со сета своја сила“, се наведува во соопштението.
Пезешкијан смртта на врховниот лидер ја опиша како најголемата неволја на денешниот исламски свет. Тој владеењето на Хамнеи го оцени како „големо и божествено водство“ кое, според него, му донело „чест и достоинство“ на иранскиот народ.
Свет
Катар пресретна ирански ракети и беспилотни летала
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека воздухопловните сили и системите за противвоздушна одбрана денеска пресретнале ракети и беспилотни летала лансирани од Иран, додавајќи дека нема жртви.
Иран лансираше ракети и дронови насочени и кон Израел и кон американските воени објекти во Бахреин, Кувајт и Катар, како одговор на американските и израелските напади.
Американската војска не извести за американски жртви и пријави минимална штета во своите бази.

