Свет
Венецуела ги прекина односите со Колумбија
Претседателот на Венецуела, Хуго Чавез, ги прекина дипломатските односи со соседната Колумбија и ја обвини дека фабрикува извештаи оти колумбиските бунтовници имаат засолништа во внатрешноста на Венецуела, јавува Асошиејтед прес.
Претседателот на Венецуела, Хуго Чавез, ги прекина дипломатските односи со соседната Колумбија и ја обвини дека фабрикува извештаи оти колумбиските бунтовници имаат засолништа во внатрешноста на Венецуела, јавува Асошиејтед прес.Амбасадорот на Колумбија при Организацијата на американските држави (ОАС) Луис Алфонсо Хојос, на состанокот во Вашингтон во четвртокот покажа фотографии, видео материјали и изјави на сведоци и мапи на она за што тој тврдеше дека се бунтовнички кампови на левичарските колумбиски организации кои се борат против власта во Каракас, Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК) и националната ослободителна армија, сместени во внатрешноста на Венецуела. На фотографиите, снимени од воздух, се гледаат наводните колумбиски бунтовници како се одмараат во наводните кампови на територијата на Венецуела, па дури свират и на пијано. Амбасадорот Хојос од властите во Богота побара дозвола местата да ги посетат и да ги испитаат независни набљудувачи. Чавез на овие обвинувања реагираше за само неколку часа. Во објавата за прекин на врските, Чавез посочи дека со најновата провокација, претседателот на Колумбија во заминување, Алваро Урибе, се обидува да испровоцира војна. Ниту тој, ниту венецуелскиот амбасадор при ОАС одговорија на колумбиската провокација за испраќање на независни набљудувачи во Венецуела, но Чавез инсистираше дека неговата земја прави се што е во нејзина можност за да ги спречи бунтовниците од ФАРК да влегуваат во земјата. Чавез веќе го затвори венецуелското дипломатско претставништво во Каракас, а на дипломатите на Колумбија во Богота им даде 72 часа да ја напуштат земјата. Колумбија, од своја страна, не покажа желба за помирување. Веднаш по објавата за прекин на врските, Каракас објави дека ќе тужи некои членови на венецуелската влада пред Меѓународниот кривичен суд, поради наводната соработка со колумбиските герилски групи и поради криење на познати терористи. ФАРК се наоѓа на списокот на ОН на терористички организации. Колумбискиот амбасадор во Вашингтон тврдеше дека околу 1.500 бунтовници се кријат во Венецуела. Тој истакна дека колумбиската влада безброј пати барала од властите во Богота да соработуваат при спречувањето на движењето на бунтовниците на венецуелска територија и подобро да ја контролираат заедничката граница со должина од 2.300 километри. Амбасадорот Хојос тврди и дека меѓу оние кои се кријат во Венецуела се и неколку високи команданти на бунтовниците. САД, кои се најголем воен сојузник на Колумбија, но и еден од главните увозници на венецуелската нафта, сметаат дека прекинот на односите е грешка. Венецуела е, исто така, најголем производител и снабдувач со нафта на јужноамериканските држави. /крај/ап/ссе/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Русија има негативен став за истекот на новиот договор за намалување на стратешкото оружје
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека Русија има негативен став за истекот на Новиот договор за намалување на стратешкото оружје (Нов СТАРТ) и жали за неговото истекување.
„Договорот истекува. Ние го гледаме негативно и изразуваме жалење“, изјави Песков пред новинарите, додавајќи дека руската иницијатива да се задржат ограничувањата од договорот уште една година по истекот не добила одговор од другата страна.
„Нашата иницијатива да се задржат ограничувањата уште една година, дури и по истекот на овој документ, исто така останува неодговорена“, изјави Песков пред новинарите кога беше прашан како Кремљ го гледа идниот развој на новиот „СТАРТ“ договор.
Песков рече дека новиот „СТАРТ“ договор истекува во четврток, 5 февруари, по 24 часа.
„Денес е така, денес на крајот на денот, тој (СТАРТ) престанува да важи“, рече портпаролот.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена да продолжи да ги почитува ограничувањата на новиот „СТАРТ„ една година по неговото истекување, под услов САД да возвратат со истите мерки.
Според медиумите, американскиот претседател Доналд Трамп го оценил предлогот на Путин како добра идеја.
Песков нагласи дека Русија првенствено ќе се води од сопствените национални интереси во прашањата за стратешка стабилност.
Оваа изјава следеше по видеоконференцијата меѓу Путин и кинескиот претседател Џјинпинг, одржана на 4 февруари, за време на која, според претходните информации од Кремљ, беше дискутиран и договорот за новиот „СТАРТ“.
Кога станува збор за теориите што ги пренесуваат медиумите за можна поврзаност помеѓу случајот со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн и руските разузнавачки агенции, Песков рече дека овие изјави можат да се коментираат на кој било начин, но не сериозно.
„Сè освен сериозно. Би сакал да се пошегувам за овие теории“, им рече Песков на новинарите, пренесува Танјуг.
Свет
Виткоф објави дека е постигнат првиот договор меѓу Русија и Украина по пет месеци
Ексклузивните разговори во Абу Даби донесоа конкретен резултат, Русија, Украина и Соединетите Американски Држави постигнаа договор за размена на затвореници, прв по петмесечен застој во овој чувствителен процес, пренесуваат медиумите во регионот.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стивен Виткоф, го објави договорот на социјалните мрежи, нагласувајќи дека делегациите на трите страни прифатиле размена на вкупно 314 затвореници.
„Денес, делегациите од Соединетите Американски Држави, Украина и Русија се согласија да разменат 314 затвореници – прва таква размена во последните пет месеци“, рече Виткоф, оценувајќи дека договорот е постигнат благодарение на „детални и продуктивни преговори“.
Размената е договорена како дел од втората рунда преговори за решавање на конфликтот во Украина, која започна на 4 февруари во Абу Даби. Според достапните информации на медиумите, составот на руската делегација останал непроменет во споредба со претходниот состанок одржан на 24 јануари, а преговарачкиот тим на Москва го предводи Игор Костјуков, началник на Генералниот директорат на Генералштабот на руските вооружени сили.
Иако деталите за самата размена не се објавени, договорот во дипломатските кругови се толкува како мал, но значаен потег во услови на длабока недоверба и ограничен дијалог. Во исто време, тој укажува дека каналите за комуникација меѓу завојуваните страни и Вашингтон остануваат отворени, барем во прашања од хуманитарна природа, и покрај продолжувањето на политичките и воените тензии.
РЕ-Дигитал
Албанија ја укина забраната за TikTok
Албанија ја укина привремената едногодишна забрана за пристап до платформата TikTok, објавија локалните медиуми, пренесува агенцијата Анадолу.
Албанскиот совет на министри ја поддржа одлуката за укинување на привремената мерка со која се ограничува пристапот до платформата TikTok на територијата на таа земја, наведувајќи дека „прашањата во областа на јавната и социјалната безбедност во дигиталната средина веќе се решени“, објавија локалните медиуми.
Во март 2023 година, Албанија го забрани пристапот до платформата TikTok по убиството на 14-годишниот Мартин Цани во близина на училиштето „Фан Ноли“ од негов врсник. Цани беше избоден пред училиштето по тепачка меѓу две групи што ескалираше преку социјалните медиуми.
Еден месец подоцна, владата одлучи да го забрани TikTok. Таткото на момчето и TikTok тврдеа дека Мартин не ја користел платформата.
„Социјалните мрежи, особено TikTok и Snapchat, секојдневно ги влечат нашите деца во своите лавиринти уште од мали нозе“, рече албанскиот премиер Еди Рама во медиумско појавување по убиството во Тирана.
Одлуката за укинување на забраната за TikTok ќе стапи на сила по објавувањето во „Службен весник“, по што албанските граѓани повторно ќе можат да ја користат платформата.

